21 февруари 2012
Агора - Подгорица
Неодамна Артур Брисбејн омбдусман на Њујорк Тајмс во своја редовна колумна го постави на читателите следното прашање: „Почитувани читатели, ме интересира вашето мислење за тоа дали и под кои услови новинарите се должни да коментираат ‘полувистини’ кои во јавноста ги пласираат извори на информации (во повеќето случаи политичари и лица кои имаат политичка моќ) за кои известуваат медиумите“.
Две приказни
Брисбејн (како омбдусман во јавноста Брисбејн не го застапува мислењето на издавачите) тоа прашање го поставил во контекст на две актуелни приказни во кои биле вмешани Кларенс Томас (кој наводно „погрешно ги интерпретирал“ податоците кои на конференција за печатот ги пласирал во јавноста) и републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни кој изјавил дека во своите говори претседателот Обама „се извинува“ во име на Америка. Значи, Брисбејн се интересира дали новинарите имаат слобода да коментираат изјави за кои знаат дека не се точни, дека се манипулативни или едноставно глупи.
Реакцијата од страна на неговите читатели беше неверојатна. На форумот под неговиот текст некој запишал: Дали ова е шега? ПА ТОА Е ТВОЈА РАБОТА?, некој друг со целосна недоверба додал: „Улогата на Њујорк Тајмс не е да биде корпа за отпадоци, или машина за фотокопирање на изјави кои некој ги пласира на конференции за печат“. Наивното и искрено прашање кое го поставил омбдусманот и бурните реакции кои следеле, разоткриваат во колкава мера новинарството заборавило на основите на своето работење и обратно, во колкава мера спин докторите успеале да го пренасочат вниманието на медиумите од важни прашања на сосема неважни работи. Повеќе не е важно некој што рекол и какви последици тоа има на јавниот живот, туку кој го рекол тоа и пред се како го рекол.
Манипулација или глупост
Во таа дебата се вклучи и Клеј Ширки, интернетски утопист, остар критичар на традиционалното новинарство и традиционалните медиуми и автор на два бестселери Here Comes Everybody и Cognitive surplus, во своја колумна во Гардијан. Тој предупреди на тоа дека омбдусманот очигледно нема поим која е улогата на новинарите и новинарството и уште помалку разбира кои се потребите на јавноста во чие име го контролира новинарското делување. Читателите воопшто не ги интересира епистемиолошката разлика меѓу лагата и полу лагата, туку јасен став и критика на новинарите кои се должни да ги предупредат своите читатели на каква било злоупотреба на јавниот простор за задоволување на нечии приватни интереси. На секој од нас се случило при изјава на некаков политичар сам на себе да си го постави баналното прашање: зарем никој не гледа дека лаже? Зарем навистина нема никој кој би му/и рекол дека тоа што го зборува е лага, манипулација или едноставно глупост? Да се согласиме на тоа дека улогата на новинарот е само посредување на изјави на други во јавниот простор, без критички коментар ако се работи за очигледна манипулација, а тоа е штетен облик на посебен облик на корупција на јавната комуникација.
Феноменот на развојот на псевдо-настан кој прв го опишал американскиот историчар Даниел Борстин во книгата A Guide to Pseudo-Events in America во дамнешната 1962 година, предупредувајќи на се поголемата присутност на имиџ во политичката комуникација. Како што пишува Борстин, се работи за настани кои постојат исклучиво поради медиумска присутност и медиумско внимание – настани кои се конструирани само за медиумите. Известувањето за псевдо-настани не е новинарство бидејќи не ги почитува основните постулати на новинарската дејност. Псевдо-настани постојат исклучиво поради псевдо-новинарство (и псевдо-новинари), нивните последици се создавање на псевдо-јавност и псевдо-демократија. Како читателите можат да препознаат псевдо настани? Пред се, се работи за настани кои однапред се режирани и имаат јасно дефинирани драматуршки и драматични ефекти. Во такви настани се вмешани лица кои во јавниот простор имаат одредена препознатливост (англискиот збор celebrety кој означува слава поради слава, медиумите без критичка дистанца едноставно го внесоа во својот речник).
Индустрија на славните
Денес состојбата на богатството (материјалното и духовното) не означува слава, туку се однесува на индустрија на слава и на славни, од кои најголема корист имаат токму медиумите. Славните се добри менаџери на својот приватен живот, тие се нови брендови на рекламната индустрија, а нивната вредност зависи од количината на медиумскиот простор со која можат да го пополнат. Во тој контекст и политичарите стануваат славни лица. Својата медиумска присутност ја обезбедуваат токму со помош на псевдо-настани, со помош на формата, а не на содржината. Псевдо-настаните, како што ни покажуваат медиумите, едноставно се интересни.
Интересните настани и луѓе ги анимираат медиумите – нивните изјави и дела без голем напор стануваат вест на денот. Интересните луѓе и настани се како добра реклама – куси, визуелно атрактивни, мобилизаторски. Имаат способност за ловење на медиумско внимание и способност тоа внимание да го одржат. Спротивно на тоа се неинтересните луѓе и неинтересните настани. Во нивниот случај не е важно кои се, што направиле или дали тоа што го зборуваат е важно за јавноста. Од гледна точка на медиумите доволно е тоа дека се досадни, неразбирливи, дека зборуваат за работи или на начин кој никого не го интересира, дека не се способни своите мислења и ставови да ги искажат во неколку минути во некој звучен или визуелен запис. Неинтересните луѓе не се телегенични, немаат знаење за јавен настап, немаат способност своите изјави да ги спакуваат во кус слоган – едноставно не се добри трговци на своето сопствено јас. Тоа за што зборуваме е политика на медиумски спектакл.
Пасивни гледачи
Медиумите ги популаризираат политичарите, водат нивни „битки“, ги прославуваат и ги креираат нивните победи и порази. На тој начин и политичките вести се повеќе се режирани и драматуршки обликувани како забава. Псевдо-настаните се темел на денешната псевдо-политика. Медиумите и новинарите се наоѓаат во арена на псевдо-свет повикани на активна соработка. Поканата во тој свет подразбира дека мораат ефикасно да ја одиграат својата улога. И ние милиони луѓе гледаме сенки и во нив ја гледаме реалноста; гледаме призори, состојби, настани, кризи, додека ни се изморат очите. Така запишал Рејмонд Вилијамс за тоа медиумско известување. Во тој спектакл на демократијата, кој го чинат многу псевдо-настани, државјаните се осудени на улога на пасивни гледачи.
Конференциите за печатот по својата природа се без новинарска вредност
Една од новинарските пракси која почна да преовладува во известувањата за политиката е рециклирање на информации кои новинарите ги добиваат на конференции за печатот, кои се почесто ги организираат политичките партии, различни компании или институции кои вршат јавна служба. Известувањата од тие конференции потсетува на добро режирање на настани со кои политичарите и новинарите на јавноста создаваат чувство дека тие се пријателски дружења, меѓу тие кои имаат моќ на една страна и тие кои таа моќ треба да ја контролираат, а е настан вреден за новинарско известување. Конференциите за печатот по своја природа се псевдо-настани без реална новинарска вредност. Се работи за синтетички вести чија единствена вредност е полнење на медиумскиот простор.
Интересот стана жанр и најважен фактор на избор на настаните
Интересот, уште една креација на новинарскиот јазик на денешно време, може да означува било што. Во секојдневниот говор изразот интересно го користиме за означување на настани и луѓе за кои немаме никакво мислење или пак од учтивост не можеме да изразиме свој негативен однос. Во медиумскиот свет, интересот стана жанр и најважен фактор за избор на настаните. Значи, да размислиме што мислиме кога ќе кажеме дека луѓето или настаните се интересни? Што ја одредува нивната спротивност – досадата? Во време на комерцијални медиуми и нивната насоченост кон забава, всушност интересот стана таа точка која ја одредува присутноста или отсутноста на медиумското покривање. вз/11:28