Неодамна налетав на едно интервју со мојот личен херој од секојдневието – Весела Богдановиќ, учителката од основното училиште „Кочо Рацин“, од село Ивањевци, општина Могила. Како што веројатно добро сте упатени, таа секако е една од најдобрите учителки кај нас, а официјално е и во 50-те најдобри во светот.
Во тоа интервју во очи ми падна една нејзина реченица која одамна е моја општа дијагноза за времето што го живееме. Имено таа зборувајќи за односот на државата кон наставниците вели: „Проблемот е што постојано се ловат грешки место да се ловат квалитетите кај секого.“ Овој нејзин став може да се генерализира на сите нивоа, за сите професии и сите институции и да добиеме една општа слика за заедницата.
Имено, севкупната атмосфера која владее е атмосфера на едно банализирано разбирање на Фукоовската идеја за дисциплина врз основа на казна. Едноставно е – казната генерира дисциплина (или барем во нивното банализирано не/разбирање е едноставно). Но, прашањето е што со неа? Што може да роди дисциплинирањето? Еве дури и да го исчистиме овој концепт за дисциплина од политичките и партиските примеси и да кажеме дека целта не е да се продуцираат партиски дисциплинирани послушници (што впрочем нив им е цел), ами дисциплинирани наставници, дисциплинирани доктори, дисциплинирани професори, дисциплинирани чиновници…. И?
Единствено што од тоа ќе произлезе, драги мои е мравјалник. Обичен мравјалник и ништо повеќе. Ниту една дисциплина, никогаш и никаде не донела креација. Впрочем, прво бил хаос, па потоа космос. Прво бил нередот, слободата и спонатаноста, па дури потоа редот. Овој космос, оваа суреденост (космос на старогрчки значи токму тоа – суреденост, ред, поредок, наспроти хаос) – та не постоела таа од века и не ќе постои до века. Впрочем, дури и уште повеќе – никаков ред воопшто не може да произлезе од дисциплинирањето. Редот не е резултат на дисциплинирањето. Редот настанува во чинот на творештво, тој е изблик на творечки имплус, а не на дисциплина. Впрочем, редот е функција на творештво, резултат на хаос. Совршенството во едно уметничко дело кое го читаме како ред, е производ на творечкото нурнување во нередот, тоа е изблик од хаосот на уметниковиот свет.
А и тој ред ѓавол да го носи, па тој ни треба само како период на одмор, на земање здив и оддишка од исцрпувачките состојби на творечкиот хаос. Оти зошто инаку би го посакувале, зошто инаку и личноста и општествата би тендирале кон состојба на ред? Па баш затоа оти тој ред е конфортната зона во која земаме здив пред повторно да се нурнеме во подрачјето на неизвесноста и палавоста на духот што твори! Творештвото е умор, творештвото е напор кој тешко се поднесува, затоа и почесто и пречесто посегаме по редот како баналност на секојдневието.
Ако за ова не му верувате на философот (а и во право сте, философите не се за верување, дополнително ако се мажи, оти вистинските мажи не си достојуваат на зборот – но за ова во друга прилика), прашајте ја и науката. Таа сè повеќе е убедена дека редот никне од хаосот, дека под површината на овој привиден, макро-ред, врие еден микро-неред, кој впрочем го создава редот. Еден лауреат на Нобелова награда напиша книга која дури и ја наслови токму така Ред од хаосот! Така, е драги мои: ред од хаосот. И тука авторот убаво покажува на примери од хемијата, физиката, биологијата…како функционира тоа. (Тешка за читање, но умна книга, ви ја препорачувам во убав македонски превод е – што во последно време е реткост, но и за тоа во друга прилика).
Затоа, не наседнувајте, драги мои – редот нема да се роди од оваа патолошка желба за дисциплинирање изразена преку казни и закани. Впрочем, еден мој драг професор (чиј асистент имав чест да бидам), знаеше да каже – единствено полошо од неред е привиден ред. Затоа и не се залажувајте, оти ова дури не е ниту ред, ова е привиден ред. Привид создаден од наметната дисциплна која, повторно Фукоовски, создава симулакруми. Ние живееме во симулакрум, ова е заедница на илузии, илузии кои се повистинити од самата стварност. Впрочем, Леб и сол одамна, антиципативно ја испеаја Као, какао: овде сè е као, овде сè е демек. И сите ние како недоведни дечиња си играме во тоа демек: демек ова е здравство, а ние доктори, демек ова е образование, а ние даскали, демек ова е судство, а ние судии… Ова е демек држава! И сè е добро… сè додека има дисциплина! Оти дисциплина само што не го родила редот и поредокот. Веруваат дека ништо друго не е доволно – ниту знаење, ниту талент, ниту волја, ниту убавина, уште помалку добрина. Само дисциплина и сè ќе си дојде на свое место.
Од таа опсесија со дисциплинирањето, како да им ја слушам мантрата: „само дисциплината ќе го стави во ред ова аздисано општество со аздисани поединци, затоа стегај уште малку, уште троа да стегнеме и еве го редот и поредокот, дисциплинирај и еве го редот, еве го на хоризонтот, не го гледате ли, пред нас е, затоа, дајте уште малку, само уште троа да стегнеме, ајде да запнеме, уште троа дисциплина, малку е, посилно, појако, удри, казни, дисциплинирај, дисциплинирај, дисциплинирај“… Но, единствено што може да никне од тоа, драги мои, се уплашени, демотивирани, некреативни поединци. И ништо повеќе.
Од каде произлегува оваа состојба? Зошто навистина е така, од каде таа патолошка желба за дисциплинирање преку казни? Зошто – како што би рекла учителката Весела – не се сосредочиме на квалитетите на поединците и институциите, наместо на нивните грешки? За тоа драги мои читатели, во следната колумна, каде ќе ви раскажам за мојата утописка визија за општество базирано на интристична мотивација. А до тогаш…вардете се од казните!
Д-р Трајче Стојанов
Извор:
http://faktor.mk/2015/09/29/patoloshkata-zhelba-za-distsiplinirane-e-bolest-na-nekreativtsite/