3 -ти јуни 2018 г.
Велик е споменот што денес нашата света Црква го слави, зашто велики се и славениците на овој ден. Го прославуваме, имено, споменот на великите и рамнопостолни цар Константин и неговата мајка – царица Елена. Нема да се задржиме на нивните блескави житија, ниту на нивното епохално дело за Христијанството, нито, пак, на тоа како тие двајца ја украсиле сета земја со чудесни храмови Божји. Но ќе обрнеме внимание само на едно собитие: победата на Свети Цар Константин, кога како победоносно знаме го издигнал знакот на Чесниот Крст. Добро познато е неговото видение пред битката на Милвијскиот мост крај Рим, кога високо на небото, тој и неговите војници го здогледале знакот на Крстот, изобразен во светлина, како од безброј ѕвезди и слушнале глас: „Со ова победувај“. За овој чудесен и за историјата на човештвото пресвртен настан, нѐ известува личниот биограф на светиот Цар, Евсевиј Кесариски:
„Започнал, значи, (цар Константин) да Го призива (Бога) во молитви, просеjќи и со солзи молеќи се, да му се јави Кој е и да му ја простри Својата десница во претстојните дела. И додека се молел така и усрдно просел, на василевсот му се појавил некое најзачудувачко, Божествено знамение, така што и да се поверува не би било лесно, доколку би говорел некој друг. Но нас со клетва нѐ увери во тоа самиот победоносен василевс, кога долго после тоа ние го пишувавме ова дело, удостојувајќи се на неговото познанство и разговори; и згора на тоа, кој би се посомневал во вистинитоста на ова сказание, особено кога времето што следеше потоа ја посведочи неговата вистина? Одеднаш, во попладневните часови од денот, кога сонцето веќе заоѓаше – говореше василевсот – тој со сопствените си очи го видел на самото небо, над сонцето, трофејот на крстот составен од светлина, со натпис: Со ова победувај!‘ Од тоа видение бил ужаснат самиот тој, а и целата негова војска, која го следела на овој поход и станала сведок на чудото. И така, наоѓајќи се во недоумение, тој се прашувал себеси што би можело да значи тоа јавление? Додека се чудел и размислувал долго за ова, настапила ноќта. Тогаш во сон му се јавил Христос Божји, со појавеното на небо знамение и му заповедал да направи изображение на знакот што го видел на небото и да го употреби како заштита од нападите на непријателите“ (Eusebius, Vita Constantini, 1,28-29).
Во продолжение, победата на Свети Константин Велики, што како амблем и трофеј го имала знакот на Крстот, веднаш била протолкувана како победа на единствениот вистински и семоќен Бог, Бог на Христијаните. Оваа победа станала причина да поверуваат во Христа многу души и набрзо прераснала во силна проповед во сите краишта на земјата. Како нејзина последица било и донесувањето на Миланскиот едикт од 313 година, со кој на Христијаните им се дала слобода и рамноправност да ја исповедаат својата света и спасителна вера. Но оваа победа ни ја оставила на сите нас и Божјата порака да го победуваме злото, видливото и невидливото, мисловното и сетилното, со силата на Крстот на Господ наш Исус Христос.
„Со името Исусово поразувај ги непријателите“ – советува Св. Јован Лествичник. Топлото и срдечно повикување на името Христово, со молитва и благодарност, со надеж во Него и во силата на Чесниот Крст, ги оддалечуваат од нас силите на гревот и распадливоста и нѐ воведуваат во тајните на љубовта Божја.
Молитвите на Светите Рамноапостолни цар Константин и царица Елена да нѐ закрилуваат од секакво зло и да нѐ приведуваат во прегратките на Црквата Божја, во рацете Христови!
Извор: https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/so-ova-pobeduvaj/