Лек за сите болести
Една стара жена отишла на лекар и лекарот ѝ дијагностицирал рак. Ѝ рекол дека има уште два месеца за живеење. Целата потиштена се враќала дома, а на патот се сретнала со сосетката и со неа ја споделила лошата вест. Сосетката ѝ препорачала најпрво да отиде кај отецот пустиник, што живее во нивниот крај, па како ќе ѝ каже тој, така да постапи. И навистина, жената отишла кај старецот пустиник, го прашала дали има лек за нејзината болест, а тој ѝ рекол дека целосно ќе оздрави, само доколку успее три дена непрекинато да има во умот само добри помисли. Доколку се случи да прими лоша помисла, тогаш одново да се труди во следните три дена. Со добри помисли во текот на три дена се лекува секоја болест.
Жената се вратила дома целата среќна, бидејќи ѝ дал толку лесно правило, но кога се обидела да има во умот само добри помисли, видела дека ова ни најмалку не е лесно. Во тие денови сосетката заминала на гости кај својата ќерка и се вратила дури по една година. Кога се вратила ја видела сосетката дека уште е жива. Ја прашала, како е, дали се исцелила од болеста. А оваа ѝ кажала дека не знае дали е здрава или болна, но нејзиниот живот темелно се променил. Трудејќи се да има добри помисли, сосема заборавила на болеста. Се молела, се трудела постојано да прави и да мисли само добро, и целиот живот ѝ се променил, дури и лицето почнало да ѝ блеска.
Кој сака – нека се обиде, но со добри помисли во текот на три дена се решаваат сите болести и проблеми.
+++
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев.