РАЗГОВОР СО СТАРЕЦОТ САМПСОН
ВЕРА
Некои од духовните деца на старецот Сампсон направиле детални снимки на разговорите со него и сочувале многу писма што тој ги напишал. Сето тоа е собрано и објавено во неколку томови под наслов:
„ Ризници на Богопознанието“.
Тие се потсетник и утеха на оние што го знаеле , но и ризница на духовна мудрост на современите трагачи по вистината и православниот начин на живот.
Тука донесуваме неколку исечоци од томот кој ги содржи неговите духовни разговори.
ВЕРА
- Оче, како Господ вас ве сочува?
- Низ голема борба и многу неволји, невидливи за другите. Покрај тоа и низ гревовите!
Зашто, иако имаше гревови, Господ ги допушти од љубов спрема мене, разбирате?
Заради моето вечно спасение.
Дури и кога искушенијата ги надминуваа моите сили, дури и кога имаше падови, тоа ми беше од полза. Зашто тие гревови ме доведуваа до солзи, а солзите до ревност.
Солзите нас не доведуваат до тајно покајание, и човек постепено се враќа на својата поранешна сила и ревност.
Но, тешко на човекот кој што нема вера - тоа е најлошо! Ако човекот со цврста вера ја изгуби ревноста, тоа не е така страшно.
Но, кога човекот со мала или слаба вера ќе ја изгуби ревноста, тоа е многу лошо, зашто ќе му биде тешко да зајакне.
- Ако не верува, тогаш не може да се стане?
- Ако не верува во своето срце, неговата вера е мала, слаба. Тој лесно ја губи ревноста за Бога. Дури и се радува што се ослободил од непотребната обврска - тоа е недостаток на вера.
Заради тоа треба да бидеме многу претпазливи.
Ако раководиме со човек со слаба вера, не можеме и не смееме да го оптеретуваме со голем број молитви. Целата тајна лежи во - постојаноста!
Постојаноста - тоа е она што спасува, а не голо исполнување на молитвените правила и режимот на живеење. Затоа реков дека мора да бидеме внимателни спрема оние, со слаба или мала вера, дека не смееме да ги оптеретуваме.
Потоа, мораме да знаеме како да ги утешиме кога ќе паднат, за да не ја уништиме и онаа мала вера што ја имаат.
Се поставува прашањето: како да ја зајакнеме верата на маловерните?
тоа е многу сложено.
Најпрвин моаме да се молиме за тоа. Верата е дар Божји, дело на Светиот Дух.
Верата не може да се научи, ниту да се стекне по пат на книги.
Мораме да ги убедиме маловерните да се молат со зборовите:
„Подари ми вера“.
И кога упорно ќе се бара тој дар, тој и ќе му се даде, спрема степенот на упорноста. Затоа, многу е тешко да се работи со маловерните... Тие се глуви за се што има свештеникот да каже.
И на свештеникот со нив му е тешко. Не ги интересира верата, спесението, вечноста - едноставно не ги интересира. Нив ги интересира единствено техниката, науката, парите, облеката, страстите.
Ние ги нарекуваме „болни“, зашто тие и се , тоа.
Многу труд и милосрдие се потребни за да се обрнат во верата.
ЧОВЕЧКАТА СЛАБОСТ СЕ ОЦРТУВА НА ЛИЦЕТО
Каква е разликата помеѓу злото и човечките слабости?
- Злото е својство на срцето, додека човечката слабост може да биде слабост на волјата, душевна слабост или слабост на нервниот систем. Мора да се прави разлика помеѓу духовните и емотивните особини.
Што е слабост на волјата? Кои се нејзините особини?
Слабоста на волјата се препознава по тоа што човекот не е во состојба да го контролира својот израз на лицето, своите очи. Но, добродетелта ги очистува и обновува цртите на лицето и очите.
Дамката, сенката, печатот на гревот се втиснуваат во срецто и на лицето. Особено порокот, т.е. вкоренетиот грев , неизоставно останува на лицето и на очите.
Истенчените и продуховени луѓе можат да читаат врз основа на лицето и на очите од кои страсти е човекот заразен, кој грев престојува во него, која страст или страсти владеат над него.
Блудникот има свој израз. Дури и видот на блудот, природен или неприроден. Алчноста, стиснатоста, суетата, крутоста - се тоа е напишано на лицето.
-Човекот треба да биде психолог, отец ! А што, доколку сите гревови се измешаат на лицето?
-Едниот од нив ќе биде посилно изразен.
Ми се случувало да сретнам многу интересни луѓе. Едно особено интересно лице, беше лицето на еден затвореник во затворот во Бакуу. Беше тоа еден офицер кој што беше затворен со мене. Неверојатно интересно лице, огромна глава, огромна!
Ситни, ситни очи. Имаше застрашувачки големи дланки.
Во свое време убил многу луѓе.
Тој израз на суровост, крвожедност и непристапност...свест дека е пред него вечниот пекол. Очајанието можеше да го отргне само вотката или морфиумот. Тоа беше постојано пред него. Заедно извршувавме некои работи.
-Како се однесуваше спрема вас оче?
- Бегаше кога ќе ме погледнеше.
- Отец, мора да бил верник, штом секогаш пред очите го имаше вечниот пекол? Кој не верува не знае за пеколот?
- Никогаш за тоа не ми зборуваше. Постојано беше свесен за ужасот што го извршил и тоа е се.
Таа манија насекаде го следела. Сите тие убиени , мачени и масакрирани луѓе го прогонувале ден и ноќ. Единствена утеха му била да испие две литра вино одеднаш, или морфин два пати дневно.
ДУХОТ И ДУШАТА И УЛОГАТА НА МАЈЧИНСТВОТО
- Дали човекот се раѓа со христијански добродетели или ги стекнува со работа врз себе си?
- Не можата да се стекнат само со работа, туку се примаат од Духот Свет. Карактерните црти на родителите можат да се наследат, но христијанските добродетели им припаѓаат на духот, а не на душата.
Значи дека тие не можат да бидат вродени?
- Не, тие се даваат преку Светиот Дух, низ Светите Тајни, преку молитвата на родителите, особено на мајката. Тоа е така, затоа што мајката духовно го воспитува детето.
Таа често го води на причестување во Црква, го доведува пред иконите, го осенува со крсниот знак, додека го храни се моли за него.
Не смее да се дои детето без молитва,
зашто мајката го пренесува „своето стоење пред Бога“ врз детето.
Така, детето се осветува со мајчиното млеко. Во тоа е тајната на мајчинството. Тоа е исклучително важно, но за жал, нашите свештеници за тоа не зборуваат и луѓето мислат дека физичкото здравје е најважната работа.
Мораме секогаш да ја имаме на ум разликата помеѓу чувственото, духовното и телесното: помеѓу духовниот живот, душевниот живот (а, тоа се сетивата и чувствата) и телесниот живот.
Токму тука најмногу се греши.
Патем да кажеме, западните (христијански) вероисповести не прават разлика меѓу дух и душа.
Мајката може на детето да му пренесе многу убави карактерни особини, својства на душата, зарем не?
Но не и духовни особини: верба и љубов кон луѓето ( кои се даваат преку Светиот Дух).
Заради тоа (затоа што православието прави разлика меѓу даровите на Светиот Дух и обичните емоции ) ѓаволот станува против нас, против православните. Ние сме секогаш изложени на неговото дејство.
Превод:
М. Даниловска - Мина
СТАРЕЦОТ САМПСОН - КАКО СТАРЕЦОТ ИСПОВЕДАШЕ