логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


sv.Serafim.Sarovski1d.jpg

ИСКУШЕНИЈАТА И ИСПИТУВАЊАТА ВО ШУМСКАТА САМОТИЈА
"И беше таму, во пустината... искушуван од сатаната"
(Марко 1,13).
"Блажен е оној човек, кој поднесува искушение" (Јак. 1,12).

Духовното совршенство какво што го постигнал преподобниот Серафим со напорниот подвиг на пустинскиот живот, станало несносно за духот на злото, непријателот на спасението. Тој, бидејќи мрази се што е добро, сакал светиот подвижник да го отстрани од спасоносниот и избран пат и да го натера да се одрече од животот во осамеништво. Со пустинскиот подвиг, отец Серафим постепено доаѓал до мерка на "совршен маж" (спореди Ефес. 4, 13) во духовниот живот и се подготвувал да стане еден од срдечните и непрекинливи молитвеници пред Бога за грешните луѓе. Секако, тоа било опасно за човекоубиецот од почетокот (Јован 8, 44), кој барал некого да проголта (1. Петр. 5, 8). Заради тоа се сфатливи лутината и злото со кои непријателот на спасението се наоружал на саровскиот подвижник во деновите на неговиот живот во пустина. Силата на искушението на духот на злото одговарала на висината на подвигот на преподобниот. Отец Серафим, оддалечувајќи се во осамеништво, и веќе запознат со животот на христијанските подвижници, знаел дека искушенијата во пустината се неизбежни. Тој се подготвувал да се сретне со сета сила со тие искушенија, кои, инаку, не се среќавале во ѕидините на манастирот. Не залудно, преподобниот Серафим подоцна, врз основа на сопственото искуство велел дека, монасите што живеат во манастир се борат со противничките сили како со гулаби, а оние што живеат во пустината - како со лавови и со леопарди.

Непријателот на спасението, за борбата со светиот подвижник употребувал различни средства. Почнал од најлесното.

Најпрво, духот на злото сакал да наведе страв на преподобниот, сметајќи дека на тој начин ќе го натера да се врати во манастирот и така ќе го оддели од пустинскиот живот. Деталите на сите "страшила" што ги наведувал ѓаволот на отец Серафим ние не ги знаеме, но тие, секако, потсетуваат на искушенијата на другите христијански подвижници и отшелници.
Познато е дека еднаш, за време на молитвата, преподобниот слушнал завивање на ѕвер зад вратата на својата ќелија. Потоа многу народ почнал да се турка во осаменото живеалиште на отец Серафим и ја извадиле вратата. Покрај нозете на подвижникот кој се молел, паднал тежок трупец, кој потоа со напор едвај осум луѓе го изнеле. Гледал преподобниот, како прозорецот од неговата ќелија да го провалува огромна мечка. Понекогаш, на отец Серафим, за време на молитвата и дење, а особено ноќе, му се чинело дека во тој миг ќелијата ќе се сруши на четирите страни и дека на него од сите страни ќе навалат страшни ѕверки со диво рикање. Понекогаш пред подвижникот се јавувал отворен гроб од кого излегувал мртовец. Меѓутоа, тие страшила на ѓаволот не ја постигнувале целта. Преподобниот лесно ги победувал со силата на крстниот знак и со молитва. "Искушенијата на ѓаволот од таков вид - како што кажувал отец Серафим - се слични на пајажина: треба само да се дувне и таа се кине. Така и пред непријателот ѓавол треба само да се оградиме себеси со крстниот знак - и сите негови замки потполно ќе исчезнат".

Не успевајќи да дејствува врз преподобниот Серафим со страв, духот на злото преминал на потешки испитувања. Гаволот со страшна злоба напаѓал на подвижникот за време на молитвата, го подигал во воздух и потоа го удирал во подот со таква сила, што коските ќе му се скршеле, ако Божјата благодат не го оградувала. Сепак, дури ни со так-вите жестоки напади, ѓаволот не можел да го победи Христовиот борец. Заради тоа привремено го оставил на мира...
Преподобниот Серафим бил способен со духовното око да проникнува во духовниот свет. Уште од порано тој бил удостоен да ги види ангелите на светлината. Можеби тој при некои искушенија ги гледал и ангелите на темнината. На прашањето од еден простодушен световник: "Брате, дали си видел зли духови?", преподобниот не дал одречен одговор, туку со насмевка рекол: "Тие се гадни. Како што е невозможно да се гледа на светлината на ангелите, така е ужасно и да се видат бесовите, бидејќи се гадни".

Времето на мир и спокој по првиот период на искушение се сменило со нов и посилен напад на ѓаволот, кој на светиот подвижник му се нафрлил, навистина со адска злоба. Според зборовите на отец Серафим, како повод за тоа, послужило следново:
Веќе познат по својот добар монашки живот и по духовното искуство, на славниот саровски подвижник, од духовната управа двапати му било предложено да прими старешинство над манастирот - првиот пат во Алатирскиот манастир во чин архимандрит (1796 година), а вториот пат во Краснослободско-Спаскиот манастир како настојник. Ако преподобниот Серафим се согласел да го прифати предлогот, ѓаволот би можел да слави, макар мала победа над прдвижникот, бидејќи тој на тој начин би се оддалечил од пустината, како оној кој е победен со честољубие. Барајќи во монаштвото само спасение на душата, преподобниот, по своето длабоко смирение, се одрекол од местата што му ги предлагале. Тој најупорно го молел саровскиот старешина, отец Исаија, од него да ги отстрани таквите назначувања. Желбата на отец Серафим се совпаѓала со желбата на старешината и на сите саровски браќа, на кои им било жал од себе да го отпуштат усрдниот молитвеник и мудриот наставник. И навистина, по молитвата на отец Серафим, а и по молитвите на саровските монаси, биле примени други старци од братството (во Алатир - отец Аврамие, а во Краснослободск - отец Ероним), а тој останал во својата сакана осаменост. Таквото невообичаено смирение на отец Серафим, многу го разгневило духот на злото. Тој светиот подвиж¬ник го подложил на најголемото од искушенијата на Та "мислената борба", поддржувајќи ја со ужасна сила. Во тешката душевна состојба, кога душата на човекот е вознемирувана од ужасни хулни помисли и кога се подложува на униние, преподобниот Серафим усрдно ги молел Господ Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, да му дадат сила да го поднесе тешкото искушение. Заради борбата со ѓаволот, тој решил да го засили својот молитвен подвиг до таа мерка, што станал сличен на столпништвото.

Во глувиот честак на боровата шума, на половина пат до "пустинката" кон манастирот, имало гранитен камен со големи димензии. Него го избрал преподобниот Серафим за место на својот подвиг, на него сакал да ги сруши замките на ѓаволот. Вообичаено навечер светиот подвижник ја напуштал својата пустинска ќелија и доаѓал на каменот за молитва. Стоејќи на него, или почесто клечејќи, и насочувајќи го погледот нагоре со подигнати раце кон небото, тој цела ноќ пламено се молел на Господа, постојано повторувајќи ги зборовите на митникот: "Боже, биди милостив спрема мене грешниот!" (спореди Лука 18,13).
По завршувањето на ноќта, преподобниот се враќал во својата ќелија. Во неа, за да ги изедначи дневните подвизи со ноќните, имал друг, малку помал камен, на кој бдеел цел ден, оставајќи ја молитвата само на кратко време заради поткрепување со храна и заради неопходниот одмор. Илјада денови и илјада ноќи преподобниот поминал во таквиот тежок молитвен подвиг. Илјада денови и ноќи се продолжувало тоа "крваво молење" и тежела страшната, упорна и за светот невидлива борба на подвижникот со "кнезот на темнината". Колкава сила на верата, каква цврстина и упорност во спасоносниот подвиг биле нужни за човекот од тие страшни напори, од тие жестоки борби да излезе како потполн победник!... преподобниот Серафим "истрајал со Божја помош". Гаволот бил победен иако се напрегал со сите сили за да го надвладее и иако со неверојатна сила го продолжувал своето искушение. Одново мирот се зацарил во душата на подвижникот.

Преподобниот по илјада денови и ноќи го напуштил бдението над каменот, но не затоа што го постигнал душевниот мир, туку заради тоа што крајно се истоштил и го пореметил своето здравје. Меѓутоа, отец Серафим сметал дека е неразумно да се истоштува телото дотаму за да се "истошти и духот", па макар тоа да се "правело и заради стекнување на доблести".
Од непрекинливиот труд и од скоро тригодишното бдение на каменот, кај преподобниот се обновила поранешната болест на нозете, настаната уште во манастирот. Болеста за време на неговото живеење во "пустинката" малку ослабела, за сега неговите нозе пак да отечат. Тешката болест на подвижникот се продолжувала до крајот на неговиот живот. Отец Серафим сфатил дека продолжението на тие подвизи, со кои тој ја смирувал мислената борба, може да доведе до истоштување на си¬лите не само на телото, туку и на духот, па го оставил молењето на каменот.

Отец Серафим во длабока тајност го извршувал својот голем подвиг на борба, со едно од најужасните искушенија на духот на злото. За неговото "стоење на каменот" во текот на 1. 000 денови и ноќи "никому не му било познато", како што подоцна уверувал саровскиот старешина, отец Нифонт. Дури пред својот крај, преподобниот им ја открил својата тајна на некои монаси заради нивна поука. Така, само неколку месеци пред својот крај, наоѓајќи се во "ближната пустинка", отец Серафим го замолил послушаникот Иван Тихонович (подоцна јеромонах Јоасав) во шумата да го најде каменот чиј изглед му го опишал. Колку и да се трудел, Иван Тихонович сепак не можел да го пронајде. Тој се вратил тажен кај преподобниот што не можел да ја исполни неговата наредба. Повторно отец Серафим му го означил местото и му опишал како изгледа. Иван Тихонович и по втор пат пошол да го бара и овој пат со успех. Се покажало дека целиот камен бил затрупан со лисја што паѓале од дрвјата. Кога послушаникот му кажал за наоѓањето на каменот, отец Серафим рекол: "Јас заради тоа и те пратив да го најдеш тој камен, за да го познаеш. Јас на него бев илјада ноќи!" Потоа на срдечната молба од Иван Тихонович, преподобниот му раскажал за овој свој прекрасен подвиг. Сите што го слушале кажувањето на отец Серафим за молењето на каменот, биле восхитени од таквиот подвиг. Еднаш, еден од слушателите на преподобниот забележал дека тоа ги надминува човечките сили. Отец Серафим со смирение одговорил: "Свети Симеон Столпник во 47 година стоел на столбот. Дали мојот труд личи на неговите подвизи?" "Но, ти секако, при тоа си ја чувствувал помошта на благодатта која те поддржувала?" - го прашал собеседникот, светиот подвижник. "Да - рекол прекрасниот старец - човечките сили не се доволни за тоа. Однатре се тешев и се поткрепував со небесниот дар кој се симнува одозгора, од Отецот на светлината"... "Кога има умисление во срцето - забележал отец Серафим по кусо молчење, како да ја карактеризира својата молитва - тогаш и Бог е со нас".

Сите искушенија и напади на духот на злото кон преподобниот Серафим се покажале безуспешни. Сепак, ѓаволот не го оставил пустиникот на мир. Барајќи нови средства за да го оддалечи од неговото драго осамеништво, тој за свое орудие избрал зли луѓе.

На 12 септември 1804 година, отец Серафим во шумата сечел дрва. Му пришле тројца селани (подоцна се покажало дека се од селото Кременок) и одеднаш почнале од него да бараат пари. "Кај тебе доаѓаат луѓе и ти носат пари" - велеле тие. Но, подвижникот одговорил: "Јас од никого ништо не земам". Секако, разбојниците не поверувале и решиле на сила да го земат наводното богатство на пустиникот. Еден од нив одзади се фрлил на отец Серафим за да го турне на земја, но наместо тоа, самиот паднал. Тој прв неуспешен напад малку ги зашеметил злосторниците. Меѓутоа, тие не сакале да отстапат од својата намера.
Отец Серафим од младоста се одликувал со голема физичка сила. Наоружен со секира, тој можел храбро и со успех да се заштити. Мислата за самоодбрана пролетала низ неговата глава, но светиот подвижник се сетил на зборовите на Спасителот: "Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат" (Мат. 26, 52). Тој ја спуштил секирата на земја, рацете ги прекрстил на градите и рекол: "Правете што е потребно". Не сакал да се спротивстави и решил невино да ги претрпи страданијата.

Подигајќи ја секирата од земја, еден од злосторниците со нејзините прорези, силно го удрил отец Серафим по главата. Од грлото и од ушите на светиот подвижник бликнала крв и тој без свест паднал на земја. Злосторниците го повлекле кон тремот на ќелијата и по пат со гнев го тепале со раце, со нозе, со секирата и со клоци. Тие дури имале намера подвижникот да го фрлат во реката. Меѓутоа, не го сториле тоа бидејќи подвижникот и без тоа им се причинил дека е мртов. Заврзувајќи му ги рацете и нозете, разбојниците го оставиле на тремот, а тие влегле во ќелијата мислејќи дека во неа ќе најдат богатство. Во бедното живеалиште на пустиникот тие се превртиле, се прегледале, ја скршиле печката, го извадиле подот, се испокршиле. Пребарале се за да најдат нешто. Но, нашле само света икона и неколку компири... Одеднаш нив ги нападнал страв. Тие сфатиле дека залудно, до смрт го претепале благочестивиот пустиник и со ужас почнале да бегаат... Отец Серафим едвај некако дошол при себе од нанесените жестоки удари. Некако си ги одврзал рацете и нозете и Му заблагодарил на Бога за своето невино страдање. Тој воедно се помолил Господ да им прости на разбојниците. Поминувајќи ја ноќта во ќелијата во ужасно страдање, утредента едвај некако дошол до манастирот. Изгледот на подвижникот бил страшен. Влакната на главата и на брадата му биле замрсени и натопени во крв, покриени со прашина и со нечистотија; лицето и рацете му биле повредени, неколку заби му биле извадени; на ушите и на устата имал засушена крв; изгужваната и крвава облека на некои места се залепила на раните на телото. Кога го виделе отец Серафим во таква состојба, браќата се изненадиле и почнале да прашуваат што се случило. Тој ги замолил да го повикаат старешината Исаија и манастирскиот духовник и со слаб глас и со напор раскажал се што му се случило. Сите саровски монаси, со старешината на чело, биле исклучително тажни заради страдањето на подвижникот. Сега отец Серафим бил принуден да остане во манастирот за да му се подобри здравјето. Се чинело, дека духот на злото ја постигнал целта и можел да слави победа бидејќи го натерал пустиникот да го напушти своето осамеништво. Но, таквото славење се уште било предвремено...

Првите осум дена преподобниот Серафим страшно страдал. Тој не можел ниту да јаде, ниту да пие, па дури ниту да спие од голема болка. Во манастирот веќе изгубиле надеж дека ќе остане жив. На седмиот ден од болеста на светиот подвижник, старешината пратил во Арзамас по лекари. Кога го прегледале лекарите констатирале дека черепот му бил пукнат, ребрата му биле скршени, градите изгазени и целото тело на разни места било покриено со смртоносни рани. Тие се чуделе како подвижникот останал жив по таквите удари. Според тогашните начини на лечење, лекарите сметале дека е неопходно на болниот да му се пушти крв. Знаејќи дека подвижникот и така е веќе ослабен од губењето на крв, отец Исаија не се согласил со таквата мерка. Меѓутоа, отстапувајќи пред убедувањето на лекарите, тој решил нивниот совет да му го предложи на болниот. Кога лекарите повторно се собрале на договор во ќелијата на отец Серафим и во очекување на старешината расудувале за состојбата на болниот, преподобниот заспал. Во тој краток сон тој се удостоил со прекрасно видување. Му се јавила Мајката Божја во царска порфира, блескајќи со славата, во придружба на апостолите Петар и Јован Богослов. Приоѓајќи до одарот на болниот од десната страна и свртувајќи се кон лекарите, таа рекла: "Што вие се трудите?" Потоа, погледнувајќи го подвижникот, рекла: "Овој е од нашиот род". Видението завршило. Болниот се разбудил. Во тоа време старешината веќе бил во ќелијата и со чувство на длабоко сострадание, му предложил на болниот да го прифати советот и помошта на лекарите. Но, на големо воодушевување на присутните, отец Серафим одлучно одговорил дека не сака помош од луѓето, препуштајќи го својот живот на Господа Бога и на Пресвета Богородица. Врз основа на својот поранешен живот и на поранешните благодатни помагања во болестите (во детството и во искушеништвото), тој и сега бил цврсто уверен во исцеление одозгора. Таква била силата на верата на отец Серафим и не го засрамила. Восхитувајќи и се на неговата вера, другите го оставиле тешко болниот подвижник на мир. Меѓутоа, по чудното видување преподобниот се исполнил со неискажлива радост и неговата состојба на воодушевување се продолжила на четири часа. Потоа тој се смирил, дошол во вообичаената состојба и почувствувал олеснување од болеста. Неговата сила почнала да се враќа. Тој станал од постелата и почнал да оди по ќелијата. Во деветтиот час на вечерта, тој по прв пат по претепувањето во шумата, зел малку храна, леб и кисела зелка. Оттогаш здравјето на саровскиот подвижник почнало постепено да се подобрува. Сепак, трагите од нанесените удари останале на него до гроб. Во Саровското братство отец Серафим дошол млад, виток и здрав. Меѓутоа, во манастирот најпрвин при работа во шумата бил приклештен од едно исечено дрво и ја изгубил природната става и виткост, а сега, по ударите од страна на разбојниците, а покрај тешките последици од ударите - тешката болест, веќе станал потполно подгрбавен старец. Почнал да оди потпирајќи се на стап или на секира.

Преподобниот поминал околу 5 месеци во манастирот, се додека неговото здравје не се подобрило толку, повторно да се почувствува способен за понатамошен пустински живот. Сега тој повторно почнал да го моли старешината да го отпушти од братството во пустинската ќелија. Старешината и браќата го наговарале подвижникот засекогаш да остане во манастирот, укажувајќи му на можноста за повторување на несреќата што му се случила. Отец Серафим одговорил дека до смрт е подготвен да ги поднесува сите тие малтретирања и дека "не се плаши од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат" (Мат. 10, 28). Откако ја видел цврстината на неговиот дух и отстапувајќи кон неговата љубов кон пустината, отец Исаија го благословил на продолжување на пустинскиот подвиг. Така преподобниот пак се вратил во својата сакана "пустинка", во своето осамеништво. Колку ли бил посрамен со тоа непријателот на спасението кој ги вложувал сите напори светиот подвижник да го оДдалечи од пустината.

Меѓутоа, се подготвувало ново искушение за преподобниот Серафим, а заедно со тоа и ново засрамување на неговиот жесток непријател, кој се осмелил да се бори со прекрасниот подвижник. Злосторниците што го нападнале отец Серафим биле пронајдени. Тоа биле селани од спахијата Татишчево од селото Кременок од Ардатовската околија. Што требало да се направи со нив? Би се рекло дека нема сомнение оти тие според законот ќе бидат заслужено казнети за варварската и жестока постапка со светиот отшелник.

Но, отец Серафим, кој секогаш добро се сеќавал за заповедта на Спасителот за простување на навредите (спореди Мат. 5, 44; 6,15), и кој сакал да се раководи по таа заповед во животот, не мислел така. "За навреда, каква и да е, не треба да се осветува, туку напротив, треба да се прости од срце, макар тоа и да се противи. Не треба во срцето да се чува злоба или омраза кон ближниот кој не напаѓа, туку треба да се сака, и колку што е можно, да му се прави добро". Ете како направил преподобниот Серафим. Така постапувал и во однос на своите непријатели и навредувачи. Тој не само што им простил, туку посредувал и за прошка пред старешината на братството и пред спахијата на Татишчево. "Во спротивно - велел отец Серафим - јас ќе го оставам Саровското братство и ќе се оддалечам во некои други свети и никому непознати места". Секако, искрената и добра желба на светиот старец била во потполност исполнета!...

Таквата незлобност на отец Серафим, неговото сепростување на навредите, биле веќе конечна победа над непријателот на спасението. Бидејќи, какво посилно посрамување би можело да му се нанесе на духот на злото?...
Иако го поминале човечкиот суд, разбојниците биле вразумени со казна одозгора (пожар ги уништил нивните живеалишта). Тогаш тие, со солзи на покајание му се јавиле на отец Серафим, искрено барајќи прошка и неговите свети молитви.
Така, смирената, сепростувачка љубов го победила злото!... така од целата страшна, жестока, напрегната и опасна борба со непријателот на спасението, прекрасниот подвижник излегол како потполн победник. Неоспорно е дека таа борба била исклучително напорна и дека ревносниот подвижник не дошол лесно до победата. Тој од искуство се уверил во страшната сила на искушенијата на духот на злобата кон оние што живеат во осаменост и во необичната тежина на напорот кој е неопходен за оние што преземаат подвиг на пустинство, за да не паднат под налетот на искушенијата и испитувањата. Заради тоа преподобниот Серафим им давал совети на монасите внимателно да се оддалечуваат во пустината, бидејќи во неа им претстои тешка борба со противничките сили, како со лавови и со леопарди и дека секој што живее таму, должен е да биде како распнат на крст.
Секако, и степенот на духовно совршенство кој преподобниот Серафим го достигнал со тешко подвижништво во осаменост, бил висок. Тој како веќе да се оттргнал од земјата и како со духот да живеел во горниот свет. Бидејќи бил во земно тело, тој како да бил полобина небесен жител. Меѓутоа, ако ние го претставиме патот по кој преподобниот одел кон тоа совршенство, ако се сетиме на необично строгото воздржување, кое доаѓало до таму што тој долго време се хранел само со варена трева снит, ако си го претставиме многу тешкото молење на каменот до "истоштување на телото", ако се сетиме на страшното повредување кога едвај останал жив и бил ужасно осакатен, кога воопшто ќе го повикаме во сеќавањето сето она што светиот подвижник го преживеал во осамеништво - ќе бидеме должни да се согласиме дека тој пат -пат на крстот, пат на неволји и страдања, и може да се каже - доброволно мачеништво заради Христа и заради љубовта кон Христа.

Но, дури ни тој крсен пат отец Серафим не го сметал за крај и за венец на своите подвизи. Тој преземал се нови трудови, стремејќи се кон ново и ново "дејствување" во духовниот живот.

(Продолжува)

Извор: ЃаконијА

Друго:

Друго:

sv.S.Sarovski3.jpg

Св. Серафим Саровски - За Бога

Св. Серафим Саровски - За грижењето за душата 

Свети Серафим Саровски- За Постот

Мошти на свети Серафим Саровски во Бигорскиот манастир (28.07.2008)

 

Друго:

http://www.serafim100.ru/top/Video/index.html

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7707
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

25/12/2024 - среда

Божикен пост (пост на масло)

+Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски; Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски; Светиот маченик Разумник; Преподобен Герман Алјаски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная