логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


8. За грижењето за душата
Човекот во тело е сличен на запалена свеќа. Свеќата треба да изгори, а човекот да умре. Меѓутоа, душата е бесмртна и нашата грижа треба да биде поголема за душата отколку за телото: "Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? (Марко 8, 36; Матеј 16, 26), за која, како што е познато, ништо во светот не може да послужи како откуп? Ако душата сама по себе е поскапоцена од целиот свет и од светското царство, тогаш секако од него неспоредливо поскапоцено е Царството Небесно. Душата ја сметаме за поскапоцена од се затоа што Бог, како што вели Макарие Велики, благоволи да општи со човекот и со Својата духовна природа, меѓу сите видливи созданија, да се соедини единствено со неа, бидејќи го засака повеќе од сите свои созданија (М. Велики. Слово за слободата на умот, гл. 32).
Василие Велики, Григорие Богослов, Јован Златоуст, Кирил Александриски, Амвросие Медиолански и други отци, од детството па до крајот на животот биле девственици. Целиот нивен живот бил обратен кон грижата за душата, а не за телото. Така и ние треба целата своја грижа да ја насочиме кон душата, а телото треба да се поддржува само за да помага во поткрепувањето на духот.

9. Со што треба да се збогатува душата?
Душата треба да се збогатува со словото Божјо, бидејќи словото Божјо, како што говори Григорие Богослов, е леб ангелски со кој се хранат душите кои Го бараат Бога. Подобро од се е читањето на Новиот Завет и на Псалтирот. Тие треба да се читаат стоејќи. Со нивното читање се просветува умот, изменувајќи се со божествена промена.
Човекот треба себеси така да се воспита, што умот ќе му се капе во законот Господов. Со него треба да се раководи и со него да се уредува животот.
Многу е корисно да се занимава со читање на Божјите зберови во осаменост и да се чита целата Библија разумно. За едно такво практикување Господ нема да го остави човекот без Својата милост, туку ќе го исполни со дар на разбирање.
Ако човекот ја збогати својата душа со словото Божјо, ќе почне да разбира што е добро, а што зло.
Читањето на Божјите зборови треба да се извршува во осаменост за умот на оној што чита да биде вдлабочен во вистината на Светото Писмо и во себе да ја прими топлината која во самувањето предизвикува солзи. Од солзите човекот се загрева и се полни со духовни дарови, кои неискажливо ги радуваат умот и срцето. Телесниот труд и читањето на Божествените Писма ја чуваат чистотата, како што учи преподобниот Исаак Сирин.
Се додека не Го прими Утешителот, човекот има потреба од Божествените Писма, за сеќавањето на доброто да се запечати во неговиот ум и од постојаното читање, во него да се обнови насочувањето кон доброто, чувајќи му ја душата од тенките патишта на гревот (И. Сирин, Сл. Душата исто така треба да се збогатува и со познавања за Црквата, за тоа како таа од почетокот па се досега се зачувала и што трпела во едно или друго време. Тоа треба да се знае, не од желба за да се управува со луѓето, туку во случај на можни прашања.
Пред се, пак, тоа треба да се прави заради самите себе, за да се стекне душевен мир, според учењето на псалмопејачот: "Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон." (Псалм. 118,165).
10. За чувањето на спознаените вистини
Без посебна потреба не треба да се открива своето срце на друг. Од илјада може да се најде само еден кој може да ја чува твојата тајна.
Кога ние самите не можеме да ја зачуваме, како може да се надеваме дека ќе ја зачува некој друг.
Со душевен човек треба да се зборува за човечки работи, а со оној кој има духовен разум треба да се зборува за небесното.
Луѓето кои се исполнети со духовна мудрост за духот на било кој човек расудуваат врз основа на Светото Писмо, т.е. гледајќи дали неговите зборови се во согласност со волјата Божја, т.е. на тој начин донесуваат заклучок за него.
Кога ќе се затекнеме меѓу луѓето во светот, не треба да се зборува за духовни работи, посебно кога кај нив не се забележува желба за слушање.
Во тој случај треба да се слуша учењето на свети Дионисиј Ареопагит (изложено во книгата: "За небесната хиерархија", гл. 2): "Ако некој станал божествен преку познанието на божествените работи, скривајќи ја во тајноста на умот свтињата од неосветениот народ, нека ја чува, како оној кој е сроден, бидејќи не е праведно, како што вели Писмото, чистиот, умен, светловиден и скапоцен украс на бисерот да се фрли пред свињите. Треба на ум да се имаат зборовите Господови: "Светињата не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и, откако се повратат да не ве раскинат" (Мат. 7, 6).
Заради тоа ние сме должни на секој начин во себе да ја скриеме скривницата на даровите.
Во спротивно, таа ќе се изгуби и нема да се пронајде. Бидејќи според искуственото учење на свети Исаак Сирин, позначајна е помошта која ја имаме од чувањето, отколку помошта од делата (Сл. 89).
Меѓутоа, кога тоа го бараат околностите, или кога работата дојде дотаму, тогаш треба отворено да се дејствува во славата Божја, според реченото: "Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат" (1. Цар. 2,30), бидејќи патот веќе се открил.

11. За душевниот мир
Ништо не е подобро од мирот во Христа, во кој престанува секоја борба на воздушните и на земните духови: "Оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на темнината" (Ефес. 6,12).
Обележје на разумната душа е умот да го потопува во себе и да има дејствување во своето срце. Тогаш умот го осенува Божјата благодат и тој доспева и до надсветски мир. Умот е во мирна состојба кога му е мирна совеста, а во натсветското кога во себе ја согледува благодатта на Светиот Дух, според Божјите зборови: "Во светот е Неговото место" (Псалм. 75,2).
Можно ли е да не се радува кога со сетилните очи ќе се види сонцето? Меѓутоа, колку е поголема радоста кога умот со внатрешното око го гледа Сонцето на правдата Христа. Тогаш навистина човекот се радува со ангелска радост. За тоа апостолот рекол: "А нашето живеалиште е на небесата" (Филип. 3, 20).
Оној кој се наоѓа во мирна состојба, како со лажица да зема духовни дарови. 
Светите отци живееле долго бидејќи имале мирно устројство и бидејќи биле осенувани со Божјата благодат.
Кога ќе дојде до мирна состојба, човекот може и на другите да им излева светлина на просветениот разум. Пред тоа пак, човекот треба да ги повторува зборовите на пророчицата Ана: "Да не излезе фалење од вашите усти..." (1. Кор. 2, 3), и Господовите зборови: "Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си" (Мат. 7, 5). Овој мир, нашиот Господ Исус Христос им го оставил да Своите ученици пред Својата смрт како некое непроценливо богатство. Он рекол: "Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам;" (Јован 14, 27). За тоа, исто така зборува и апостолот: "И мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и ваши-те мисли во Исуса Христа" (Филип. 4, 7).
Ако човекот не ги занемари светските потреби, нема да може да има мир во душата.
Душевниот мир се стекнува со неволји. Писмото вели: "Минавме низ оган и вода, но не изведе да здивнеме." (Псалм. 65, 12). Патот на оние што сакаат да Му угодат на Бога минува низ многу таги.
Ништо не помага толку во стекнувањето на внатрешниот мир, како молчењето, и колку што е можно, постојан разговор со себе, а ретко со другите.
Ние сме должни сите свои мисли, желби и дејства да ги сконцентрираме на стекнување мир Божји. Затоа ние со Црквата секогаш воскликнуваме: "Господи, Боже наш, дај ни мир" (Иса. 26,12).

12. За чувањето на душевниот мир
На секој начин треба да се трудиме да го зачуваме душевниот мир, па да не се вознемируваме поради навредите што ни ги нанесуваат другите. Заради тоа е потребно на секој начин да се грижиме да го задржиме гневот, а со посредство на вниманието, умот и срцето да ги зачуваме од непристојни движења.
Таквото празнење на човечкото срце може да му овозможи тишина и да го направи семејјство на самиот Бог.
Пример за такво безгневие гледаме кај Григорие Чудотворец. Од него на јавно место некоја жена блудница барала плата за наводен грев со неа. Тој, не разгневувајќи се ниту малку, кротко му рекол на својот другар: " Дај и ја бргу сумата што ја бара". Жената, само што ја примила неправедната плата, ја нападнал ѓаволот. Но, светиот, со молитва, го изгонил ѓаволот од неа (Жит. 17 ноември).
Ако не е можно да не се возбудиме, тогаш барем, во крајна мерка, треба да се погрижиме да го задржиме јазикот, според зборовите на псалмопеајчот: "Се возбудив и не можев да говорам" (Псалм. 76, 4).
По овој повод за пример можеме да го земеме светиот Спиридон Тримитунтски и преподобниот Ефрем Сирин. Првиот на следниов начин поднел навреда (Жит. 12 декември). По барање на грчкиот цар тој отишол во дворецот, каде што некој од слугите во царската палата, сметајќи го за сиромав, му се потсмевал, не го пуштал во палатата и го удрил по образот. Свети Спиридон, бидејќи незлобен, според зборовите Господови, го свртел и другиот образ (Мат. 5, 39). Преподобниот Ефрем (Жит. 28. јуни). Постејќи во пустината, бил лишен од храна од страна на ученикот на следниов начин. Носејќи му храна, ученикот ненамерно на патот го скршил садот. Кога го видел ученикот тажен, преподобниот му рекол: "Не тагувај, брате. Кога храната не сакала да дојде кај нас, ќе појдеме ние кај неа". Тој тргнал, седнал кај скршениот сад и јадел собирајќи ја храната. Толку негневен бил тој.
Како се победува гневот, може да се види и од житието на Пајсие Велики (Жит. 13 јуни), кој му се молел на Господа Исуса Христа да го ослободи од гневот. Христос тогаш му рекол: Ако сакаш да ги победиш гневот и лутината, немој да посакуваш ништо, немој никого да мразиш, ниту некого да навредуваш".
За да го сочуваме душевниот мир, треба од себе да го отстраниме унинието и да се погрижиме да имаме радосен, а не тажен дух, според зборовите на Сирах: "Жалоста многумина убила, никаква корист од неа нема" (Сир. 30,25).
Кога човекот има голем недостаток во работите што се потребни на телото, тешко го совладува унинието. Меѓутоа, тоа се однесува само на слабите души.
Заради чување на душевниот мир, исто така треба на секој начин да се избегнува осудувањето на другите. Со неосудување и со молчење го чуваме душевниот мир. Човекот во таква состојба стекнува божествени откритија.
За чување на душевниот мир, човекот треба почесто да влегува во себе и да се прашува: "Каде сум јас?"
При тоа, тој треба да внимава телесните сетила, особено гледањето, да му служат на внатрешниот човек и да не ја расејуваат душата со сетилни предмети. Бидејќи, благодатни дарови добиваат само оние кои имаат внатрешно дејствување и кои бдеат над својата душа.

13. За чувањето на срцето
Ние треба незаспивачки да го чуваме срцето од непристојни помисли и впечатоци, по зборовите на проповедникот: "Од се, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот" (Изрек. 4,23).
Во срцето кое будно се чува, се раѓа чистота на која и станува достапно видението на Господа, според уверувањето на вечната Вистина: "Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога" (Мат. 5, 8).
Доброто кое се влило во нашето срце, без потреба не треба да го изливаме. Она што е собрано, може да биде обезбедено од видливите и од невидливите непријатели, единствено ако во внатрешноста на срцето се чува како ризница.
Срцето врие кога во него има жива вода, разгорувано со божествениот оган. Кога таа ќе се излие, срцето се лади и човекот се смрзнува.

14. За помислите и телесните движења
Ние треба да сме чисти од осквернати помисли, особено кога на Бога Му принесуваме молитва, бидејќи нема согласност помеѓу смрдеата и пријатниот мирис. Каде што се присутни помислите, таму е и сотласувањето со нив. Меѓутоа, треба да се одбива првиот напад на гревовните помисли и да се отфрлаат од земјата на нашето срце. Вавилонските деца, т.е. злите помисли, треба уште додека се мали да се кршат од каменот кој е Христос. Особено треба така да се постапува со три од нив: со стомакоугодувањето, среброљубието и со суетата, со што ѓаволот се грижел да Го искушува дури и самиот наш Господ на крајот од Неговиот подвиг во пустината.
Гаволот како лав се крие во својата пештера (Псалм. 9, 29), постилајќи ни тајно стапици од нечисти и нечесни помисли. Нив треба да ги растргнуваме штом ќе ги забележиме и тоа со посредство на благочестиво размислување и молитва.
Потребни се подвиг и голема будност за во време на псалмопеењето нашиот ум да се согласува со срцето и со устата и за во молитвата со нашиот темјан да не се меша смрдеа. Бидејќи, Господ се гади од срце со нечисти помисли.
Постојано, и ден и ноќ да се подвизуваме пред лицето на Божјата благост, за Он да ги исчисти нашите срца од секаква зла помисла и достојно да можеме да го поминеме патот на своето звање, па со чисти раце да Му принесеме дарови од своето служење.
Ние правиме добро кога не се согласуваме со злите помисли што во нас ги става ѓаволот.
Нечистиот дух има силно влијание само на страсните. На оние што се исчистиле од страстите, тој им се приближува само од страна или од надвор. Можно ли е човек на млади години да не се возбудува со телесни помисли? Сепак, треба да се молиме на Господа Бога да се изгаси искрата на порочните страсти на почетокот. Тогаш во човекот нема да се засили пламенот на страстите.

15. За распознавањето на дејството на срцето
Човекот кога во срцето ќе прими нешто божествено, се радува, а кога ќе прими ѓаволско, се вознемирува.
Кога во себе ќе прими нешто божествено, христијанското срце нема потреба некој од страна да му објаснува дека тоа е од Господа, туку од дејството се убедува дека тоа е нешто небесно, бидејќи во себе ги чувствува духовните плодови: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, вера, кроткост, воздржување (Гал. 5, 22).
Наспроти тоа, тогаш ѓаволот претставува некои помисли, макар тие да се добри на прв поглед, или дури и ако се преобрази во ангел на светлината (2. Кор. 11,14), срцето сепак чувствува некоја нејаснотија и вознемиреност во мислите. Објаснувајќи го ова, свети Макарие Египетски вели: "Макар сатаната да претстави и светли видувања, сепак не може да пружи добро дејство. Така и се препознава неговото дејство" (Сл. 4, гл. 13).
Од тие различни дејства на срцето, човекот може да препознае што е божествено, а што ѓаволско, како што за тоа пишува свети Григорие Синаит. Од дејството можеш да познаеш дали светлината што засветлила во душата е Божја или на сатаната (Доброт. И, Г. Синаит, За безмолвието).

 sv.S.Sarovski3.jpg

(Продолжува)

Извор: ЃаконијА

Друго:


Св. Серафим Саровски - За Бога

Свети Серафим Саровски- За Постот

Мошти на свети Серафим Саровски во Бигорскиот манастир (28.07.2008)

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7707
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

25/12/2024 - среда

Божикен пост (пост на масло)

+Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски; Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски; Светиот маченик Разумник; Преподобен Герман Алјаски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная