„Тогаш човекот ќе сфати колку е тој далеку од Бога.“- Преподобен авва Исаиј
Секогаш следи ги советите на своите духовни оци, па времето на твојот живот ќе го поминеш спокојно.
Внимавај на себе си, но ако твојата помисла те вознемирува затоа што братот твој има нешто против тебе, појди кај него и поклони му се со молебен глас и не се одделувај од него сѐ додека не се измирите.
Гледај да не бидеш груб спрема твојот брат, не заборавај дека ѓаволот прави насилство над нас.
Кога живееш со браќа, не заповедај им никогаш што треба да прават, но работи заедно со нив, за да не ја загубиш твојата награда.
Кога ќе почнат демоните да те вознемируваат по однос на храната, облеката или со поголема сиромаштија, внушувајќи ти, дека за тоа те навредуваат тебе, не одговарај им ништо, туку предај Му се на Господа со целото твое срце; Он ќе те успокои.
– Биди ревносен во твоето секојдневно молитвено правило, зашто тоа ѝ дава просветлување на душата.
Ако си направил нешто добро, не фали се со него. А ако си направил и многу гревови, не жали прекумерно поради тоа и да не се очајува твоето срце; но пази се од гордост, ако си мудар.
Ако си нападнат од блудни помисли, држи го постојано твоето тело во ограничување и биди смирен пред Бога; не му дозволувај на твоето срце да поверува дека ти се простени гревовите и ќе се успокоиш.
Ако почне да те напаѓа зависта, спомнувај си дека сите ние сме членови Христови и дека честа и срамот на нашиот ближен се наша чест и срам, и ќе се успокоиш.
Ако чревоугодието се дигнало против тебе и почнало да те напаѓа со желба за вкусни јадења, спомни си на смрдеата од нив, и ќе се успокоиш.
Ако се вознемируваш со желбата да го осудуваш твојот брат, помисли на тоа дека тој ќе се ожалости, ако слушне за тоа и дека ќе се срамуваш кога ќе го видиш, и ќе се успокоиш.
Ако почне да те напаѓа гордоста, помисли на тоа дека таа ти го обезвреднува целиот твој труд и дека нема покајание за оној што ќе се согласи со неа, и ќе се успокоиш.
Ако твоето срце се исполнува со желба да го понижиш твојот брат, помисли дека Бог за тоа ќе те предаде во рацете на твоите непријатели, и ќе се успокоиш.
Ако телесната убавина го привлекува твоето срце, спомни си и за нејзината смрдеа, и ќе се успокоиш.
Ако сласта на жената е најголема сласт за тебе, спомни си за жените што се веќе умрени, помисли и каде се нивните тела и во што се претворени, и ќе се успокоиш.
Ако сето ова вака го собираш и расудуваш за него, ваквото расудување ќе ги олесни твоите духовни борби.
– Не мисли дека ќе го разбереш она што е неможно за тебе, ако во почетокот не употребиш молчење, ако не се оддалечиш од светската врева.
Молчењето го раѓа подвижништвото; подвижништвото го раѓа плачот; плачот го раѓа стравот Божји; стравот Божји ја раѓа смиреноста; смиреноста го раѓа прозрението; прозрението ја раѓа љубовта; љубовта ја прави душата здрава и бестрасна.
Тогаш човекот ќе сфати колку е тој далеку од Бога.
По сето ова, оној што сака да ги има сите овие добродетели, да нема грижа ни за еден човек, па да биде во состојба да се приготвува за смртта.
И на секоја своја молитва ќе почне тој да сфаќа што е тоа што го одделува од Бога и ќе почне да се бори против него; ќе го замрази животот што го оддалечува од Бога.
Тогаш Божјата добрина ќе му ги дарува тие добродетели.
Подготви: Т.С.