Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, имајќи ја предвид актуелната ситуација во којашто се наоѓа Република Македонија во своето интегрирање кон структурите на меѓународната заедница, уште енаш упатува апел, во овој процес, да се зачувува нашето име и идентитет како македонски народ, држава и Црква.
Македонскиот народ, благодарение на својата вера и високоизградено национално чувство, секогаш успевал да се спротивстави на „моќните од овој свет”, кога од него било барано да се откаже од своето. Денес, нашава генерација, во овој особено значаен период од поновата историја, надевајќи се на Божјата закрила, како и на искрените пријатели кои ја познаваат и почитуваат нашата вистина, се наоѓа пред својот најголем предизвик – да успее во заложбата да се сочува нашето национално и духовно достоинство, како и да ги оствари своите стратешки цели и интереси.
Синодот, на својата денешна седница, ги разгледа и тековните активности од животот на нашата Црква, при што особено се осврна на годишните епархиски извештаи и работата на воспитнообразовните институции.
ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ