Великата Лавра е најстариот светогорски манастир. Основан е од св. Атанасиј Атонски во 963 година во југоисточниот дел на светогорскиот полуостров, во местото Мелана. Во таа светогорска месност св. Атанасиј имал своја монашка ќелија8, во којашто тој живеел аскетски во претходните неколку години (најверојатно по 957 год.) Во градењето на овој прв светогорски манастир св. Атанасиј штедро бил помаган од византискиот император Никифор Фока (963-969), кој бил негов близок пријател. Наследникот на Никифор Фока императорот Јован Цимисхиј, исто така, финансиски го помага градењето на Великата Лавра, а ктитори на овој прв и најзначаен светогорски манастир се и некои бугарски цареви, српски деспоти, влашки владетели и цариградски патријарси. Ваквите ктиторства биле особено важни за обновувањето на манастирот, кој во текот на својата многувековна историја често бил разурнуван и ограбуван. Особено тешко пострадала Великата Лавра за време на крстоносните војни, а во тешка положба се нашла и по паѓањето на Цариград под Турците во 1453 год.
Манастирот претставува добро компонирана четириаголна тврдина со висока одбранбена кула во југоисточниот крај на манастирскиот комплекс. Во централниот дел на манастирскиот двор се наоѓа соборниот храм „Св. Благовештение" (X в.), во кој се чуваат моштите на основачот на Великата Лавра св. Атанасиј Атонски. Фреските во храмот датираат од 1535 год., а се дело на истакнатиот зограф Теофан Критски. Во 1814 год., со средства на цариградскиот патријарх Григориј V, кон соборниот храм е дограден нартекс, чијшто живопис е изработен од истакнатиот бугарски зограф од Самоковската зографска школа Захариј Зограф (Захариј Христович Самоковчанин) во 1852 год.
Во самиот манастир или во неговата непосредна околина има и други номали цркви и повеќе параклиси: „Преображение Госиодово", „Воведение Богородично", „Св. Никола", „Св. Григориј Ерменски", „Св. Михаил Синадски", „Св. 40 маченици", „Св. Бесребреници Козма и Дамјан", „Св. апостоли Петар и Павле" (на манастирските гробишта) и др. Во близина на манастирот се наоѓаат и две монашки ќелии со свои храмови - Св. Јован Златоуст и Св. Илија, кои се изградени од цариградскиот патријарх Дионисиј III (пред 1696 год.), како и повеќе пештери во кои аскетски се подвизавале истакнати претставници на светогорското монаштво - пештерата на св. Атанасиј, пештерата на св. Петар Атонски, пештерата на св. Нил Мироточиви.
Под административната власт на Великата Лавра се наоѓаат и скитовите „Св. Јован Претеча" (Влашкиот скит), „Св. Ана" и Капсокаливија, како и повеќе монашки ќелии кои, најчесто, духовно гравитираат кон некој од спомнатите скитови. Во некои случаи, притоа, станува збор за повеќе ќелии, групирани во монашки населби, какви што се во Ќерасија (во самото подножје на врвот Атос) и Каруља, но и за одделни монашки ќелии од типот на ќелиите „Си Свети", „Св. Димитриј", пештерската ќелија на св. Нифонт Капсокаливиски и др.
Во Великата Лавра биле замонашени или во неа монашки се подвизавале голем број истакнати православни духовници, црковни писатели, книжевници, музички дејци, светители, новомаченици. Тука престојувале најзначајните претставници на исихазмот св. Григориј Синаит и св. Григориј Палама, како и повеќе нивни ученици и следбеници, меѓу кои се и идните цариградски патријарси Калист I (1350-1353, 1355-1363) и Филотеј Кокин (1353-1355, 1364-1376).9 Од 1360 до 1371 год. тука живее и работи и истакнатиот исихаст Ромил Видински, ученик на Григориј Синаит. По Маричката битка тој заминува за Валона (Албанија) а оттаму за српскиот манастир Раваница, каде што умира околу 1385 год.
Во првата половина на XIV в. во Великата Лавра работи истак-натиот литературен преведувач и црковен деец старецот Јоан, кој прави нови преводи од грчки на словенски јазик на повеќе библиски и литургиски книги. Со оваа своја обемна преведувачка и редакторска дејност, во којашто му помагале некои негови ученици и соработници, какви што се еромонасите Методиј, Јосиф и Закхеј, тој ја подобрува исправноста на библиските текстови и ја враќа хармонијата меѓу текст и мелодија во химнографските литургиски зборници. Притоа, се претпоставува дека низ книжевниот круг на старецот Јоан поминал и познатиот реформатор на старословенскиот правопис и исправувач на црковните книги Ефтимиј Трновски и дека неговата реформа не е ништо друго, туку прифаќање и афирмација на оние ортографски и текстолошки тенденции што се зародиле во кругот на Јоан Светогорец. Правописната реформа на патријархот Ефтимиј, како што знаеме, подоцна на територијата на средновековната српска држава (во манастирот Ресава) ја доразвива и афирмира Константин Костенечки (Константин Филозоф), при што овој реформиран правопис се шири на сиот балкански простор, на кој доминира во текот на ХV-ХVII в.
Во истото време, кога во овој светогорски манастир функционира книжевниот круг на старецот Јоан, тука живее и работи и истакнатиот византиски црковен композитор од македонско потекло Јоан Кукузел, кој е создател на нов византиски нотен систем и на нов музички стил во византиското црковно пеење. Тука тој ги напишал повеќето свои музички творби, кои, според досегашните сознанија, ги има околу 90 и тоа од скоро сите мелодиски жанрови.
Припадник на монашкото братство на Великата Лавра бил и познатиот црковен писател Агапиј Критски (Агапиј Ландос), чиишто книги (печатени од 1641 до 1675 год. во Венеција) биле мошне популарни во православните балкански средини. Некои негови дела или одделни слова од негови зборници се преведени на црковнословенски јазик, при што како нивни преведувачи се јавуваат Самоил Бакачич, Јосиф Брадати, Јоаким Крчовски и др.
Библиотеката на овој светогорски манастир е една од најбогатите на Света Гора. Во неа има над 2000 ракописи, од кои околу 500 се пишувани врз пергамент, како и над 10000 стари печатени книги. Притоа, некои од ракописите во збирката на Великата Лавра се исклучително важни и раритетни книги. Од особена важност е, на иример, грчкото евангелие со посвета од императорот Никифор Фока за св. Атанасиј Атонски, како и некои други стари пергаментни кодекси, меѓу кои најстариот датира од IV в. Ваквото книжевно богатство мошне рано го привлекува вниманието на колекционерите и истражувачите. Уште во 1654 год. рускиот монах Арсениј Суханов однел од Великата Лавра во Русија 61 словенски ракопис,12 додека десетина години подоцна (1663) католикот Атанасиј Оратор зел од библиотеката на манастирот 74 ракописи (денес во ракописната збирка на Националната библиотека во Париз).13 Подоцна Великата Лавра ја посетуваат и други истражувачи како англискиот лорд Роберт Карзон (1837), Русите Виктор Григорович и Порфириј Успенски, Македонецот Константин Петкович и др.
Интересно е што иако Великата Лавра по традиција е грчки манастир, во него имало и бројно словенско монаштво и се одвивала словенска книжевна дејност. Покрај старецот Јоан и неговите ученици, во овој светогорски манастир пишуваат словенски ракописи и други книжевни дејци. Така, во 1348 год. за српскиот крал Стефан Душан, според лавриотски извод, тука е напишано едно пергаментно евангелие (сега во ракописната збирка на Хилендар, бр. 15)14; тука е пишуван (1389 год.) и еден зборник со слова на Исак Сирин, кој подоцна се нашол во манастирот „Св. Сава Освештени" во Ерусалим.15 Во XV в. во Великата Лавра словенски ракописи пишува поп Милош. Еден од неговите ракописи (службен минеј за септември - октомври) сега се чува во библиотеката на манастирот под сигнатура 2-55.16 Во таа насока мошне индикативен е и фактот што некои словенски ракописи се пишувани за монаси од братството на Великата Лавра. Еден таков ракопис (пролог) е напишан во 1339 год. за егуменот на Великата Лавра Митрофан,17 што упатува на можно негово словенско потекло.
Денес во Великата Лавра има над 100 словенски ракописи, при што во некои од нив се зачувани преписи од оригинални словенски литературни дела: Служба на Константин - Кирил (во службен минеј за февруари од почетокот на XIV в., сигнатура 2-53), служба на св. Петка Епиватска и служба на св. Арсениј Српски (во службен минеј за септември-октомври од XV в., пишуван од поп Милош, сигн. 2-55).
Во еден од ракописите на Великата Лавра е зачуван и препис од словенскиот превод на Словото за воведение Богородично од Теофилакт Охридски18, а тука се чуваат и два преписа од словенскиот превод на житието на Козма Зографски, истакнат светогорски аскет од ХIII-ХIV в.
Интересни податоци поврзани со македонското духовно и книжевно минато можат да се најдат и во грчката збирка ракописи, којашто не е детално проучена. Во неа, на пример, под сигнатура № 1/14, се чува еден октоих, пишуван во 1551 год. од егуменот на Роженскиот манастир - еромонах Козма.20
Во Великата Лавра се чуваат и други уникални споменици на црковната култура: икони, плаштаници, крстови, круни и сл., додека во архивот на манастирот се чува богата архивска документација.
8 Дионисија Папахрисанту, Атонско монаштво, Београд, 2003. 145.
9 Повеќе за дејноста на овие цариградски патријарси види кај Илија Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје 2005, 201-203.
10 Илонка Антонова, Пламен Митев, Вера Маринкова, Александар Антонов. История на Бклгария, Енциклопедия, А-Я, София, 2001, 322.
11 Архимандрит Гаврил. Лавсаик на Света Гора. София, 1970, 66.
12 К. Нихоритис, Атонската книжовна традиция в разпостранението на Кирило-Mетодиевските извори. - Кирило-Методиевски студии, кн. 7. София 1990, 11.
13 К. Нихоритис, Атонската книжовна традиция, 10.
14 Димитрије Богдановић, Каталог ћирилских рукописа манастира Хиландара, Београд, 1978, 58.
15 Четири листови од овој зборник зел за време на својата посета на овој манастир Порфириј Успенски (сега во РНБ, F. I. N0 903).
16 Кирило-Мет. студии 7, 26-27.
17 Ракописот се чува во Руската национална библиотека во Санкт-Петербург, Погодинова збирка бр. 58. Има 209 пергамснтни листови.
18 Ѕlаviс соdiсеѕ оf thе Grеаt lаvrа monаѕtегу. А. Dеѕсription bу М. Маtеј1с and О. Воgdanovic, Ѕоfija 1989, 500.
19 Кирило-мет. студии 7, 25/2.
20 Георги Геров, Бисерка Пенкова, Румен Божинов, Стенописите на Роженския манастир, София. 1993, 12; Ал. Препис, Роженският манастир през периода XVI - началото на XX век. - Старобългаристика, XI (1987), кн. 2, 85-86.
Извор:
Посети: {moshits}