логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

metodij.alfeev.jpgМитрополит Американско- канадски г. Методиј

(БЕЗ)КРАЈНИТЕ ИНСТАНЦИ НА СЕКУЛАРНИОТ ХУМАНИЗАМ И НА ДУХОВНИТЕ КУЛТУРИ

1. Свест за крајот

Целата историја на човечките култури е проткаена со идејата за проектирање и воспоставување на совршениот амбиент. Овој порив да се преслика рајот на земјата, совршеното во распадливото, без оглед на тоа во какви и кои формални артикулации ќе се изобрази небесниот свет се остварува на различни начини (градина, град, оаза, храм, царство, држава), во зависност од онтолошката, односно идеолошката матрица на која тој се базира. Хармонијата на едно општество, еднаквоста, правдата и убавината организирани во еден затворен и целовит систем се појавуваат како низа од цивилизациски парадигми уште пред појавата на римската Држава, како своевиден архетип за секуларниот хуманизам и нововековните општества. Гилгамешовиот Урук, виртуозниот  обид на митолошката свест да го изолира космосот среде хаосот; градот на сонцето Амарна на Акхнатен, не само како антитеза на пустината, туку и обид да се воспостави една поинаква онтологија; премостувањето на небесниот амбис со изградбата на Вавилонската кула, сосема поинаков пристап од оној на современата астронаутика; потоа, Платоновата држава и нејзиниот философски близнак Плотиновиот Платонополис, - сите тие и уште многу други,  се своевиден безброј пати повторуван утописки гест со кој на видливиот свет му се задаваат квалитетите на вечносовршениот рај. Но, што е уште поважно, разликата меѓу сите овие гестови или утописки обиди и активизмот на современите каритативни и миротворни институции и програми, во едни надисториски рамки, е само методолошка. Секуларизираната свест на современиот човек, жеден за загубениот рај, и понатаму останува опседната со идеалот на совршениот амбиент. Единствениот параметар кој во тој контекст отсуствува е категоријата вечност. И имено по ова прашање постои разномислие само кај религиозните, додека за нерелигионите единствената дилема е со каков предзнак ќе се прифати фактот на конечноста.
Сите постоечки варијации од екстремниот оптимизам до екстремниот песимизам произлегуваат од скоро бесконечниот број толкувања на поимот апокалипса. Иако, како таков, тој произлегува од Библијата и изворно значи откровение, или во духот на современиот говор: откривање, дознавање, - тој секако не е ексклузивитет само на религиозната свест која се темели на библиското предание. Не постои религиозно или философско учење кое макар и во најпримитивен или во најопшт облик не ја содржи апокалиптичката поента. Овој свет има свој почеток. Тој е создаден. Сé што има почеток мора да има и крај. По тој крај (на конечното) продолжува бесконечното. И современите теории за универзумот укажуваат на фактот дека тој има свој почеток и тежнее кон својот крај. По тој крај следува една математичка бесконечност на ништо. Нашето сонце, во својата фаза на црвен џин, ќе ја проголта сината планета со сета нејзина философија и сета нејзина материјална култура. Апокалипсата е точка на пресврт во која конечното преминува во бесконечно, за едните; или постоечкото станува непостоечко, за другите; или молекулите на живото се рекомбинираат во молекули на огнот или мразот, за третите; или релативното се претвора во апсолутно, за четвртите; и така до бесконечност, - но, сите тие неброени варијации незаобиколно се соочуваат со егзистенцијалната граница на светот каков што го знаеме, помалку или повеќе. Како плод на ова соочување и, конечно, како плод на ова откровение, човекот, низ целата своја историја се обидува да ја осмисли и својата креативност. Творечкиот порив или инстинкт, во таа смисла, кој опфаќа сé од простата (физиолошка) репродукција до најхерметичните ремек-дела на уметноста или науката, минува низ архетипските филтри на човековата свест, образувајќи при тоа и критериум според кој е насушно (односно нужно и надсуштествено) или, пак, од друга страна, бесмислено да се создава. Зошто да се створи нешто што има крај? Зошто да се раѓа нешто што ќе умре? Зошто да се гради нешто што не може вечно да го задржи својот облик? Дури и ако тоа нешто е само сенка, копија или мимесис на апсолутното.

2. Активизам или утопија

Според оптимистичкиот критериум, кој е подеднакво својствен и за побожните и за антитеистите, се разбира врз сосема поинаква основа, не е бесмислено да се твори, и ваквиот став е движечка сила и причина за исклучителни дела на материјалната и духовната култура. Активизмот на личните и институционализираните подвизи на светското милосрдие и доброљубие, поттикнати од ЦАРПЕ ДИЕМ логиката, се израз на исклучителен самопрегор. Ќе ги оставиме на страна аномалиите и злоупотребите кои се плод на непреобразениот ум и неговата опортунистичка квазиетика. Луѓето кои не веруваат во Бога, кои се подеднакво свесни дека овој свет не може да трае до бесконечност, без оглед на тоа дали тие ќе учествуваат во неговиот крај, или тој ќе се случи по нивната смрт, причина и потреба да создаваат и да го чуваат создаденото, убавото да го направат поубаво,  наоѓаат во исконскиот порив за обликување на совршениот амбиент. За себе - во својата краткотрајност, или за себе - во пресликувањето во сопственото потомство. Таа приврзаност кон минливото и креативниот однос кон него се остварува преку животните ставови кои се идеологизирани низ етосот на конзумирање органски здрава храна, превентивната фармакологија, еколошки чистата животна околина, фитнес-манијата, терапевтските третмани за рехабилитација од стрес и злоупотреба со помош на уметностите и занаетите, миротворниот активизам во општествената база, хиперхуманата социјална политика на развиените општества, борбата против епидемиите на супервируси и слично. Дали се тие само плодови на една утопија? Психологизми со кој се игнорира неизбежноста на крајот?
Секој човек и секоја човечка генерација е дарувана со предвкус на апокалипсата. т.е со предзнаење за конечното сознание. Сопред ставовите на религиозниот оптимизам, овој свет и сета негова култура е подготовка, некаков вовед или увертира за големото дело на вечниот живот со Бога, или пак, во својата нестабилност, една специфична космичка состојба во која апсолутното привремено еманирало во нешто релативно и променливо, за повторно да ја задобие апсолутната форма.
За христијанскиот, есхатолошки оптимизам, благодатното учество во божествената бесмртност е крајната, или поточно бескрајната причина за креативниот активизам. Личниот аскетски подвиг на човекот е естетски чин. Духовното преображение и растење во светоста е уметност пар еџеленце. Вис-а-вис на ваквата креативност се прекрасните архитектонски стилови и инвенции на храмовите и манастирските комплекси, иконописот и фрескоживописот, богослужбената поезија и музика, декоративната пластика, везовите и калиграфијата, сé е во функција на литургиското благолепие, кое ниту е отстапување кон некакво идолопоклонство, а ниту пак е естетика заради естетика. Сета разноликост на медиумите, жанровите и конкретните продукти на духовната култура се квинтесенција на карактеристичниот светоглед кој има недвосмислено позитивен одговор на призивот, да се учествува во креативноста на божествениот шестоднев и во бестрасната констатација на Творецот дека сé што е создадено е навистина убаво.
Во другите монотеистички, односно теистички религии, под влијание на автохтоните догматски преданија, иманентната философија на верувањата, латентниот или отворениот дуалистички космолошки концепт, на пример, и слично, се развива една поредуцирана во изразот или технологијата, но не и помалку вредна и восхитувачка културна традиција. Целиот тој корпус артефакти, како витална артерија на секоја локална култура, е клучната идентификациска оска околу која се образуваат следните слоеви на фолклорните, митолошките и (руралните или урбаните) суб-културни обрасци. Веројатно, токму и затоа, заради нивната суштинска важност, делата на духовната култура на секоја човечка заедница се најчеста мета, или ако сакате жртва, на тероризмот и неговиот деструктивен дискурс. Еден срушен храм не може да го укине и релативизира вкоренетото верување, но тоа може страшно да навреди. Тоа е логиката на тероризмот. Таа воопшто не може да се поистовети со нихилизам, но средствата со кои се служи во својата комуникација со светот се апсолутно неприфатливи.
Од друга страна, пак, едновремено универзалниот и во својата општост сеопфатен, но исто така и до ниво на инстинкт мошне интимен порив да се почитува и чува севкупната материјална и духовна култура на човештвото е органски сегмент на оптимистичката апокалиптичка опција. Нејзина највпечатлива еманација е содржана во верувањето на некои северноамерикански домородни племиња, за кои континуитетот на историјата е во директна зависност од нивната молитва за раѓање на новиот ден. Ако тие тоа не го побараат во молитвата, историјата и светот нема повеќе да постојат. Ова не е пример на религиозен примитивизам, туку напротив, неискажливо возвишена философија на апокалипсата, која не само што е тука со нас секојдневно, туку е и во лична зависност од нашиот однос кон светот и неговата содржина. Телеолошките референци, пак, нé оставаат без здив.
Подеднакво е забележителен релативниот религиозен оптимзам во оние облици на верување, особено карактеристичен за далекуисточните религии, кои во своето учење го инкорпорираат феноменот на метемпсихозата, односно реинкарнацијата. Зошто релативен оптимизам? Првенствено затоа што бескрајниот циклус на раѓања или отелотворувања може подеднакво да биде и казна колку и награда, подеднакво проклетство колку и блаженство. Сепак и едната и другата есхатолошка позиција се подеднакво добри за мислење во сферите на естетското па затоа веројатно, не постои уметничко изразно сретство кое не е предмет на интерес на овој исклучително древен, разнообразен и раскошен корпус на духовни култури. Човекот создава и го чува создаденото бидејќи неговиот историски или есхатолошки оптимизам го уверува дека преку тие духотворби тој опстои и постои зад границите на својата физичка егзистенција, но и затоа што тој е создаден со осетот за убавото, или поинаку кажано, тој постои за да создава убавина и постои низ создавањето убавина. Антитезата на ова тврдење не е содржано толку во философијата на уништувањето својствено за чистиот анархизам, туку во историскиот, односно религиозниот песимизам како сензибилитет на индиферентност.

3. Песимизмот меѓу апсурдот и фатумот

Некаде помеѓу оптимистичкиот активизам и историскиот песимизам е позициониран саркастичниот критицизам на човековата немоќ да им преодолее на сопствените страсти и самољубието, највпечатливо изразен преку примерот на "Скромниот предлог..." (Модест пропосал...) на Џонатан Свифт и неговите наследници од средината на минатиот век, летечкиот цирцус на Монти Пајтон. За дисхармонијата меѓу човекот и неговото верување на идентично луциден, но не и саркастичен начин, зборува и Николај Бердјаев во трактатот "За совршеноста на христијанството и несовршеноста на христијаните". Без оглед на интонацијата, овие и ним сличните дела сепак гравитираат кон оптимистичката опција или барем упатуваат на неа.
Религиозниот и секуларниот песимизам поаѓаат од една сосема поинаква премиса. И обата, својот светоглед го градат во релација со смислата и содржината на историското постоење кое е недвосмислено минливо и конечно. Обата за методологија го имаат ригидниот редукционизам кој практично треба да ги парализира сите креативни иницијативи во човекот. И не само тоа, туку тие најчесто ја исклучуваат или остро ја критикуваат секоја заложба за она што веќе постои или треба да постои како културен продукт. Историскиот песимизам се темели на фактот дека овој свет во еден конечен, иако неизвесен број години, или космичко време ќе престане да постои. Ваквото (повторно апокалиптичко) сознание го прави бесцелен секој човечки труд. Апсурдноста на постоењето по кое ништо повеќе нема да ја има својата изворна форма е доволно за да го доведе човекот до радикалниот силогизам: животот е страдање без смисла / смртта е апсурд без страдање / смртта е подобра од животот. Вовлекувајќи се во ваков егзистенцијален и  креативен ќорсокак секуларизираниот човек го губи дури и елементарниот интерес и одговорноста кон наследството од своите предци. Тоа е самрак на секоја култура и цивилизација.
Религиозниот песимизам најчесто ја зема формата на религиозен пасивизам, кој, веднаш да забележиме, драстично се разликува од религиозниот пацифизам како артикулирање на култот кон мирот и миротворството во религиозните учења и верувања. Пасивизмот во контекстот на религиозните доктрини, според историските и актуелните искуства, главно се темели на повеќето варијации дуализам, потоа на религиозниот или философскиот фатализам оносно детерминизам, или пак на некои умерени форми на негативните религии, латентен демонизам, култови на смртта и слично. Сите тие како симптоми на песимистичката опција го формираат негативниот одговор и сфаќање на апокалипсата.
Дуалистичките религии генерално се држат до становиштето дека светот е творба во креативниот баланс меѓу добрата суштина, т.е. Бог и суштината на злото, персонифицирана во ѓаволот. Духовната природа е дело на Бога, а материјалната природа, целиот видлив универзум е дело на ѓаволот. Тие се во постојан антагонизам, но и во потребното рамновесие кое овозможува овој свет да опстои како таков, се разбира во постојани промени, движења и осцилации на создавање и уништување. Тој процес по нужност е стихиен. Оттаму секоја материјална култура, секое уметничко творештво, ракотворба и особено земјоделието, на пример, не само што е Сизифов труд, туку е и директно соучество во домостројот на ѓаволот. Дури и простиот допир со материјата, со човечкото тело, потребата од создавање потомство, лекување на болестите, се смета за флагрантен сатанизам. Презирот кој се гради во односот кон демонската суштина на материјата се пренесува и на сето она што е нејзина содржина, т.е. светот и човекот, поточно неговиот телесен аспект. Дезинтеграцијата на човекот кој е апсурдна и непомирлива комбинација на добрата душа и демонското тело го укинува секој хуманизам. Важно е исто така да се спомне дека, особено во дуалистичките религии, на злото му се придава конотација на суштина, односно битие. Во останатите позитивни религии, во христијанството, на пример, злото, т.е. ѓаволот не е суштина, туку отсуство на суштината, небитие. Тоа не значи дека христијанството во текот на своето историско постоење, па и денес, останува имуно на извесни дуалистички контаминации, но тоа се исклучоци и најчесто се третираат како теологумени. Латентниот сатанизам на дуализмите, без оглед на непријателскиот однос кон ѓаволот, резултира со појавата на концептот на синтеза на божествената и демонската суштина која е темел најпрвин на апсолутниот релативизам, а потоа и на етичкиот и креативниот пасивизам.
Оттаму се развива онтолошката основа на која се гради верувањето во судбинската предодреденост на нештата во историјата. Философскиот и религиозниот детерминизам, во сите свои вариетети, е еден од најдоминантните атрибути на песимистичкиот светоглед. Историјата е еден филм кој се одмотува до неговиот крај и тука ниту човекот, ниту неговата креативност можат нешто да променат. И самото дејствување по силата на некоја претпоставена слободна волја е повторно дел од истата шема на предодреденоста. Во рамките на секуларниот светоглед таа нужност се артикулира во рамките на апсолутните закони на движењето на атомите или природните стихии надвор од човекот и во него. Сите тие нешта уверуваат дека е бесмислен и најмалиот напор или намера за било какво учество или спротиставување на непроменливите правила на историското битисување, кое има свој почеток и крај, недопирлив ред на појава, постоење, распаѓање и исчезнување. Конечно, докази за тоа песимистите наоѓаат секаде околу себе, од аспект на тесните рамки на човековото краткотрајно физичко постоење. Зошто тогаш култура? Зошто креативност?

4. Апотеоза на креативноста

alfeev4.jpgСвеста за крајот на историјата, на човечката историја, во себе го содржи фактот дека во еден миг време нема да има повеќе. Исполнувањето на времето во тој неизвесен миг ќе ги преклопи минатото, сегашноста и иднината во една темпорална точка. Со нашето секојдневие, со трудот што го вложуваме и надежите што ги градиме во себе, ние незапирливо се приближуваме кон таа точка. Тогаш време нема да има повеќе. А сега, во овие благословени историски рамки, во овој ден, во овој делник е часот на нашиот труд. И токму тоа е суштинскиот мотив за нашата креативност. Конечно, апокалипсата може да се прифати како камен на сопнување, но сознанието за неа не ни е дадено како искушение. Таа не е некакво искуство кое треба да нé стрешти во најнеочекуваниот миг од животот и заради кое треба параноично да се обесхрабриме. Потребата од создавање и чување на создаденото се темели на уверувањето, т.е. верата, дека крајот на историјата не е крај и на нејзината содржина, туку премин од еден во друг квалитет на постоење. Еден во друг квалитет на убавина. Тоа не се потврдува само со принципиелни теоретски системи, туку со истрајноста во креативниот труд. Спасението е плод на крајната истрајност. Спасението не се очекува, туку се создава. Исто како и апокалипсата.

Посети: {moshits} 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3123
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7595
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

15/11/2024 - петок

Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив; Преподобен Маркијан Кирски; Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная