Љубете ги непријателите свои
“Сте слушнале дека е кажано: љуби го својот ближен и мрази го непријателот. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен, зошто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните. Оти ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? Но, бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.” (Матеј 5, 43-48)
Капките дожд не прскаа подеднакво и мене и него, и не помислувајќи да селектираат кому тоа ќе го сторат пообилно или од некого да се дистанцираат. Бог одлучил својот благослов да го понуди пред секоја порта, а да го остави само на оние кои ќе отворат со широка насмевка. Доволно сум скрушен за да не се издигнам и не се прашувам зошто сонцето го топли и оној лошиот исто колку и мене. И доволно сум грешен за да не се чудам дека слушнав тропот и на портата и на неправедникот исто како и на мојата. Лош ли сум и неправеден што ги добив истите права? Во моментов тоа е најмалку важно бидејќи осознав дека љубовта е многу повеќе од бакнежи во низа и дека Бог ја има за сите.
Не советувале да го љубиме својот ближен и мразиме непријателот. Да се затвориме во окното на семејството и ограничен круг на пријатели и тие да бидат објект на нашата љубов. Да се накострешиме кон конкурентите, синот со кој се гледаме во судницата, соседот со кој си ја парчиме нивата, мажот кој ни ја однел жената, управителите кои ни ја приближуваат бездната, свештениците кои ни ја поматија верата, штрковите кои не оставија до пролетта ... Останало многу малку да се љуби и многу многу да се мрази.
Но, Тој ни рече да ги љубиме непријателите свои. Кога ќе го прочитав овој збор секогаш се прашував како. Дали тоа треба да се направи со затворени очи и себична полуотворена прегратка, лицемерно наместена маска и стиснати заби од кои едвај се тркалаат сиромашно срдечни букви? Сигурно не и сигурно е можно кога ќе се погледне подлабоко во непријателот и се види срце дезориентирано како и моето, и се сфати дека и двата сме дел од планот на Мамона. А потоа се погледне погоре во она што треба да биде образ Божји и уште повисоко кон облаците од каде Тој ќе дојде и ќе се израдува кога ќе ги види крстоносците. Многу повеќе причини од една малечка омраза за да го засакам мојот кутар непријател.
Тој рече да ги благословуваме оние што не колнат. Нека даде Бог да му зацелат рацете да може да дава милостина на оној што ќе ме проколне да си ја скршам ногата. Нека даде Бог да го освежи тивко ветренце додека си ги вади стрелите на лукавиот оној што ќе ме проколне оганот да ме изгори. Нека даде Бог виножито да го расони додека во злото подзаспал оној што ќе ме проколне громот да ме повреди. Нека даде Бог очилата да му прогледаат додека клетви смислува на оној што ќе ме проколне жив да не се вратам од патување.
Тој рече: правете им добро на оние што ве мразат. Ќе одам на прагот негов и ќе му подарам снег, за да ни обелат душите пред да се прегрнеме. Ќе го сретнам на улица и ќе му подадам игла, за да го прободиме балонот на гордоста додека не не подигнал во непознат правец. Ќе го чекам пред самракот да му ги покажам звездите, бидејќи една може да биде и наша. Ќе го чекам во зорите за да му го покажам изгревот бидејќи зад него се наоѓа престолот и харфите.
Тој рече: молете се за оние што ве навредуваат и гонат. Оче наш, Кој си на небесата, те молам грижи се за моите непријатели иако тие го растажуваат често моето срце. Не земај им за зло, бидејќи не знаат што прават. Мислев дека Твојот пат на крстот ќе биде поука за сите, но суетната моќ на отпаднатиот ангел си го прави своето. Овде е студено и темно понекогаш, затоа побрзај да си дојдеме таму каде што со верата видовме. Но, не ги заборавај и нив, моите непријатели, таму сигурно ќе се помириме и ќе се гледаме со насмевки.
А сега малку и за нас. Каква ќе ни биде наградата ако ги љубиме само оние кои не милуваат? Ја љубам мојата сопруга која го сошила копчето од старото палто, моите деца кои ме викаат тато, мојата мајка која ме израснала во утробата, директорот кој ми дава плата, куќата која ме прибира, автомобилот кој ми ги одмора нозете, златото потребно за трампање ...... Сите на некој начин сум ги искористил и зошто би бил награден кога ги љубам? Парадокс или едноставна вистина дека награда не ми следува.
Да бидеме синови на нашиот Отец небесен. Не само скулптури кои се движат побожно, туку Божји деца. Тоа ќе подразбира вишок на љубов која се излева по улиците и го заразува секого во нејзина близина. Дозволува пристап без картичка, лозинка ќе бидат милните очи и нема да се зборува низ кодови полни со иронија. Ќе се простува секому освен себе си и ќе се покае за секој свој тажен поглед. И ќе се обиде да биде совршена како што е совршен нашиот Отец небесен.
- SP Apostol
- 13 -ти април, лето Господово 2014
Друго: