Ловци на луѓе
“И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари, и им рече: “ Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе ””. (Матеј 4, 18-19)
Каде е трансферзалата каде се пронаоѓаат различните ловци на луѓе, оние со итри очи и секојдневна намера да злоупотребат некого и оние со копнежлив поглед кон стадото кое ќе треба да биде безбедно до затемнување? Веројатно никаде, бидејќи не постои пресечна точка на нивните патишта, едноставно тие се разминуваат.
На вратата ќе почука ловецот и со благи зборови ќе се обиде да ја одведе ќерката во туѓите постели каде автоматски се врши размената тело за пари. Пред него, а понекогаш иако е доцна, после него ќе дојде ловецот кој со благи зборови ќе се обиде да ја доведе ќерката назад од пеколот и да ја буди надежта за одново раѓање. Разминувајќи се едниот му испраќа иронична насмевка, полна со земна тактичност за победа.
На вратата ќе почука ловецот и со благи зборови ќе се обиде да го одведе синот во соништа од бела прашина, каде разумот е исушена гранка, а волјата нејзиниот лист со боја на паѓање. Пред него, а понекогаш иако е доцна, после него ќе дојде ловецот кој со благи зборови ќе се обиде да пренесе за новиот свет, за подиумот пред престолот, за музиката од харфите и светлината без рефлектори. Разменувајќи се ловците, следи слична насмевка како претходната.
На вратата ќе почука ловецот и со благи зборови ќе се обиде да ја одведе сопругата во продавницата на незадоволството, со огледала на зависта и многу облекла чиј вискозитет предизвикува алергија и гнев. Пред него, а понекогаш иако е доцна, после него ќе дојде ловецот кој со благи зборови ќе раскажува за светоста на бракот, неделивото битисување на едното и љубовта на првосоздадениот кон реброто и обратно. При разминувањето секој ќе размислува за казната на змијата, помешечкиот од и количеството на прашина кое треба да се изголта до воскресението.
На вратата ќе почука ловецот и со благи зборови ќе се обиде да ги одведе сите ближни во земјата без враќање каде има доволно световни богатства и каде нема време за потсетување на отпадот и откупот. Пред него, а понекогаш иако е доцна, после него ќе дојде ловецот кој го носеше Писмото и ќе го подигне високо за сите да го видат и познаат пред трубниот знак. На разминување ловците знаат дека брзо ќе биде последниот час.
На вратата ќе почука ловецот и со благи зборови ќе се обиде да те одведе и тебе таму каде што добро знаеш дека не припаѓаш, иако со секој пораз од искушенијата си се поблиску. Пред него, а понекогаш иако е доцна, после него ќе дојде Спасителот лично, длабоко нетрпелив да го гледа твоето пропаѓање и покрај пораките на ловците. Што сум сторил јас бедник, за да ме осени Неговата присутност и насолзи Неговото прашање: Каде си тргнал сине? И нема да има веќе разминување, патот водеше или лево или десно . . .
Оној кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво сопствени гревови. Се обидувам да бидам ловец на луѓе и кога вратата ми ја затвораат пред недореченоста и кога ми враќаат сарказам наместо разбирање. Го презираат Словото кое не се конвертира и спокојот кој во својата гаража нема автомобил. Се потсмеваат на Духот кој опијанува без алкохол и на исполнетоста без порно филмови. Каков ловец ќе бидам јас голорак, оставен среде мнозинството жедни за жртвување на некого кој се обидува да им го уништи светот? Како јагне помеѓу волци, кое секој миг го очекува здивот на острите заби на својот врат, но гордо неисплашено дека патот е ист како Неговиот...
- SP Apostol
- 22- ти декември, лето Господово 2013
Друго: