Ваше Блаженство, минатата година беше одбележана со повеќе активности на Македонската православна црква кои финишираа со Архиепископскиот црковно-народен собор на кој беше потврдено името и беа направени измени и дополнувања на Уставот на МПЦ. Како ја оценувате 2009 година за Македонската православна црква?
- Изминатата година во многу нешта наликуваше на претходните години, обременета со истите тешкотии со кои нашата Црква и нашиот народ се соочуваат веќе подолг период. Сознанието за комплексноста и комплицираноста на веќе добро познатите проблеми, кои и покрај сите заложби и добрата волја од наша страна, сепак останаа нерешени, упатува кон тоа дека неопходно е првенствено да се посветиме на внатрешниот живот на Црквата и дека не смееме да дозволиме наметнатите проблеми да ни го одвлечат вниманието од секојдневните обврски и задолженија. Токму затоа, и како потреба, и како уставна обврска, одржавме редовно заседание на Архиепископскиот црковно-народен собор, кое е највисоко црковно-управно и законодавно тело на Македонската православна црква. И овојпат се покажа оправданоста од одржување на Соборот, не само заради зацврстување на своите позиции по определени прашања, туку и за овозможување на непречено внатрешно функционирање на Црквата и нејзините институции, особено со донесените измени и дополнувања на Уставот.
Останува отворено прашањето за признавање на МПЦ од сестринските православни цркви. Во последно време, особено по упокојувањето на српскиот патријарх Павле и повикот на вселенскиот патријарх Вартоломеј да се надминат несогласувањата меѓу СПЦ и МПЦ во јавноста се почувствува оптимизам дека доаѓа поблагопријатно време за решавање на проблемот. Има ли најави за продолжување на дијалогот меѓу двете цркви и за поинтезивна комуникација со другите православни цркви?
- Ставот на Македонската православна црква за изнаоѓање решение преку дијалог за наметнатиот спор е неизменет. Единствено што можеме да очекуваме е дека истата таква подготвеност за дијалог, во духот на евангелската љубов, со почит кон соговорникот, може да се пројави и од другата страна. Да не изумиме дека само правичните решенија може да бидат и вистински решенија, додека сите други обиди само ќе ја продолжат преговарачката агонија. Неодамнешната констатација на Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх г. Вартоломеј, изречена во погребното слово за патријархот Павле, значеше и порака дека Црквата сепак е многу повеќе од која и да е одлука, па дури и томос, без разлика кој и како ги донесол и потпишал. Истите можат да бидат само лажна утеха за некои кои не ја почувствувале и сфатиле или не сакаат да ја разберат и видат реалната потреба и оправданата желба на народот за кого тие се донесуваат. Значи, решение е можно само ако се прифати дека е невозможно преку Црквата, која не е ничија привилегија ниту приватна сопственост, туку е Божја и е Тело Христово кое им припаѓа на сите подеднакво, да се спроведуваат замаскирани платформи. Инаку, комуникацијата со другите православни цркви е во рамките на подготвеноста од другата страна за соработка. МПЦ веќе комуницира со повеќе помесни Православни цркви, дури и наши архиереи сослужуваат со нивни архиереи. Но, ни треба прифаќање од сите.
Продолжувањето, пак, на дијалогот со Српската православна црква, се надеваме, ќе може да се случи по извесно време од изборот на новиот патријарх.
Дали сметате дека новоизбраниот иден српски патријарх ќе даде позитивен импулс во разговорите меѓу двете цркви, имајќи предвид дека неодамна починатиот патријарх Павле не успеја да го реши проблемот со признавањето на автокефалноста на МПЦ?
- Вистина е дека се полага оправдана надеж во новиот поглавар на сестринската Српска православна црква, кој, како вистински визионер и духовен пастир конечно ќе го согледа полувековното распетие на Божјиот народ во Македонија и ќе возврати на понудената љубов со потребна почит и разбирање. Со прифаќањето на Македонската православна црква ќе се реши прашање од поширок интерес, и не само за православието на балканските простори. Блаженоупокоениот патријарх Павле, за жал, не успеа да ги усогласи своите човечки особини и поглаварски обврски со реалните потреби на Црквата во Македонија и, секако, со ставовите на поголем дел од членовите на Архиерејскиот собор на СПЦ. Да веруваме дека неговиот наследник ќе наметне правилна насока во решавањето на меѓуцрковниот спор.
Спорот меѓу МПЦ и СПЦ, според многумина, не е црковен, туку е политички проблем поврзан со прашањето за името. Дали е можно решение на проблемот без претходно затворање на спорот со името?
- Проблемот е политички, но не е поврзан само со прашањето со името, иако, како што е познато, името е едно од најголемите политички проблеми. А да беше црковен проблемот и ако се решаваше црковно, ќе беше неможно досега да не се беше решил. Имајќи предвид дека дијалогот се води помеѓу двете цркви, доволно е само раководството на Српската православна црква да реши да ги почитува одлуките на сопствената држава, која нема проблем со македонското име и идентитет. Сè додека како критериум и услов е задоволувањето на очигледните интереси на трета страна, а притоа подгазувајќи го основното човеково право на име и идентитет на другиот, односно право на самостојна Црква, принцип што важи речиси за сите православни народи, тогаш јасно е каква понуда може да се очекува како решение. Но, човечки и христијански е да се надеваме на подобри времиња и, се разбира, на донесување правилни и праведни одлуки и решенија за македонското црковно прашање.
Дали евентуалната промена на уставното име на државата во преговорите со Грција би довело до промена на името на МПЦ?
- Македонската православна црква на последните Црковно-народни собори се изјасни дека не може да размислува за промена на сопственото име, зашто таа го отсликува идентитетот на нејзиниот народ. Сè додека постојат македонски јазик, македонско име и македонски идентитет, Црквата во оваа земја ќе биде македонска. Се надевам дека и државните претставници не мислат поинаку.
Неодамна во Македонија беше отец Николај Балашов од Руската православна црква. Дали тоа значи поактивно ангажирање на Руската црква за решавање на статусот на МПЦ?
- Руската православна црква со внимание го следи развојот на настаните поврзани со македонското црковно прашање. Присуството на отец Николај Балашов на чествувањето на патронот на Македонската православна црква – свети Климент Охридски е јасен показател дека, сепак, не е целото православие индиферентно кон македонските црковни состојби.
На последниот Архиепископски црковно-народен собор беше упатен апел за потребата од повторно воведување на веронауката во образовниот систем во Македонија. До каде се напорите на МПЦ во врска со тоа?
- Веронауката е јасна определба не само на Македонската православна црква, туку на сите верски заедници во Македонија. И покрај сите ниски удари и сопнувања, Црквата ќе продолжи да бара начини за изнаоѓање на можност и по третпат веронауката да се најде на училишните клупи. Правото на слобода на вероисповест и поука во верата на детето е неприкосновено, а изговорите за некомпaтибилност со принципот на секуларност се бледи и неиздржани.
МИА - Рената Пепељугоска