Една година од упокојувањето на старец Арсениј Папачок (01.08.2012 20:26)
- Отец Арсениј, вие решивте да станете монах по Втората светска војна, кога во Романија дојде комунистичката власт. Што значеше во тоа време да се остави светот и да се замине во манастир? Не беше страшно?
- Мене на тој чекор не ме поттикна тешкиот период кој настапи во нашата земја, не надежта дека ќе се скријам и одморам зад манастирските ѕидови, туку желбата да Му служам на Бога и така да го живеам земниот живот.
Од кого да се плашам, ако Христос Воскресна?! Тој го победи светот. Кој со Него не ја собира жетвата, тој ја растура. Смртта не дојде за да ни направи кафе. Таа дојде да нѐ земе. Таа ни го поставува прашањето над прашањата: зошто не љубиме, зошто војуваме меѓу себе? Смрт – тоа е реалност, а не хорор приказна. Таа не задоцнува. Разбирањето на ова ме присили не на просто рационално размислување, што ќе биде после смртта, туку сериозно да погледнам напред.
- Бевте 40 години во затвор за својата вера. Што понесовте оттаму?
- Господ ми даде идеја, којашто мораше да се изврши: мое небо, прими ме и мене во себе. Најголемиот дар од Бога е времето кое Тој ни го дава. Затоа секој од нас пред смртта моли: остави ми го, Господи, уште сегашниов ден. Тоа беше невообичаено искуство, ние оттаму излеговме помудри. Затворот – тоа е голем подвиг. Тој те смирува, бидејќи Самиот Господ ја држи твојата душа. Но ти знаеш дека тие страдања заради големата Вистина имаат за цел да да ги расипат твоите идеи и душата со најразлични методи. И единствен начин да се преживее и да се победи во таа ситуација е да не се прифаќаат нивните идеи. Ти можеш да станеш голем херој, ако кажеш: „Господине, јас не го прифаќам тоа!“ Таков е животот.
- Кои се денес најстрашни духовни болести во општеството?
- Заборавот на Бога. Ние треба секогаш да знаеме дека Господ постојано е присутен до нас. Тој не нѐ присилува да правиме некои подвизи, туку едноставно сака да бидеме свесни за Неговото присуство, со што ќе бидеме свесни дека ние одиме под Него. И Се прашува зошто се мразиме меѓу себе, заборавајќи на Него. Ни остана уште малку време, затоа треба брзо да се мисли, што понатаму, што треба да се прави.
- Вие имате илјадници духовни чеда. Што ви дава Господ за водење на душите кон спасението?
- Неговото постојано присуство во моето срце. Сеќавањето на тоа дека срцето не треба „да оди налево“. Ние можеме да одиме низ оган и вода, но нашето срце треба да Му припаѓа Нему. Секој човек знае, што лично му е потребно за да се спаси. Го имаме крстот како симбол на спасението, којшто нѐ учи... што ни треба повеќе?
Служете Му на Бога со целата своја душа. Нема потреба формално да се крстите. Живејте го моментот на крстот. Господ нема да те праша, за она што не си го знаел. Тој ќе те праша зошто не си го исполнил, она што го знаеше.
- Порано луѓето одеа во манастир за да бидат заедно со Бога. Денес луѓето одат во манастир како во болница, за да стават фластер на своето болно срце и душа, за тука да дишат чист воздух. Што, на прво место, им препорачувате на оние кои сакаат да успеат духовниот живот?
- Потребно е во себе да има внатрешен мир, срдечна радост, во коишто може да пребива непрестајната молитва. Состојба на радост, ослободена од животните и другите проблеми. На било кој начин да се труди да биде во таа состојба, затоа што со тагата ние сме „инкубатор“ на ѓаволски јајца. Треба да биде ослободен од неприродното. Ако човекот не умира во духовниот подвиг, не го подига знамето на вистинската вера, тогаш целото создание страда. Ние живееме во тесна меѓусебна врска, бидејќи целото Божјо создание е едно. Ако ние се одделиме од тоа сеопшто единство, тогаш самите се уништуваме себеси. Затоа јас препорачувам духовно да се подвизуваме. И светската трагедија треба да се оплакува како наш сопствен грев. Состојбата на молитва означува состојба на присуство пред Бога. Јас, како духовник, секој ден беседејќи со луѓето, коишто имаат потреба да одат пред Господ, не им препорачувам подвизи кои ги надминуваат нивните сили. Јас препорачувам состојба на постојанa свесност за добрите сили, коишто се наоѓаат во секој од нас.
- Што е најважното што го стекнавте во својот повеќе од 60 години монашки живот?
- Кога стапнав на монашкиот пат, се почувствував многу малечок и незначителен, но притоа со бранот на храброст ја спознав важноста на тајната на таа посветеност. Јас ја почувствував големата важност на тој оган, којшто заблеска заедно со моето раѓање во една нова форма на моето постоење. Во светот тоа е невозможно да се доживее и спознае, затоа што таму нема таков златен крст, каков што е оставањето на сопствената волја.
Во монашкиот живот стануваат видливи многуте слабости на човекот и тогаш чувствуваш неопходност да се омаловажиш себеси: тоа е главното јадро на духовното оформување на личноста на новиот човек – монахот. Во монаштвото како Божји дар се усовршува умот и се смирува срцето, и ти не знаеш од каде кај тебе претходно добропознатите скриени нешта. Знаеш дека овде смирениот човек не гледа на себе како на смирен. И секој смирен има своја мера на себепонижување, којашто не е ништо, туку големо оружје за заштита од злите духови, и тоа е заслуга на даровите, добиени од твојот Господ. Во манастирот се открива бесконечната можност за чист живот, и чувството на душата дека „Бог сака да ти даде многу повеќе отколку што бараш“. Како што вели блажениот Августин: „Чувствуваш наплив на голема надеж“; и како што кажува Соломон: „Кој се надева на Господ – не се срами“.
Но мојата најголема благодарност е кон бесконечната Божја добрина, којашто ни даде да ја познаеме молитвата и застапништвото на Божјата Мајка – совршената Заштитиничка на грешниците. За да ги промениме нашите животи, потребна ни е силна волја и голема доверба во Богородица и Нејзината семоќна помош. Во манастирот јас ја запалив радоста во својата душа, верувајќи во молитвите на Божјата Мајка – големата Застапничка за нас, слабите.
Извор: Православие.ру
Преземени од: МПЦ-ОА