„Телото се открива лесно, душата – само со доверба“

Можеби си видел човек гол, а сепак ниту за миг не си ја допрел неговата вистина. Можеби го познаваш неговото тело, неговите облини; можеби си го допрел, а сепак остануваш туѓинец за него. Зашто телото, колку и да е блиску, само по себе не е пристап до душата.
Тоа започнува таму каде што завршува потребата да „изгледаме“ онака како што другите очекуваат. Тоа е мигот кога човекот престанува да ти ја покажува верзијата од себе за која знае дека другите ја прифаќаат. Мигот кога ја остава настрана маската што ја создал за да преживее во светот и ти вели: „Ова сум јас.
“И можеби токму тука започнува вистинската блискост.
Зашто човекот не се плаши толку да биде виден гол во телото, колку што се плаши да биде виден без својот внатрешен оклоп. Телото може да се разоткрие за миг. Но, на душата ѝ е потребна доверба за да се открие.
Да запознаеш некого навистина значи да видиш мал дел од неговиот „хаос“ и да не си заминеш.
Да го прегрнеш со нежност.Да ги слушнеш неговите стравови без да ги сметаш за слабост. Да ги видиш неговите несигурности без да ги искористиш за да стекнеш моќ над него; да ги видиш раните што не зараснале целосно, потребите што се срами да ги признае.
А исто толку тешко е и самиот да го направиш тој чекор.
Зашто вистинската поврзаност не значи да бараш од другиот да се разоткрие, додека ти остануваш скриен зад својот бедем. Таа е взаемно предавање.
Тогаш почнуваат да паѓаат бедемите на егото:потребата да бидеме во право;
да изгледаме непобедливи;
да ја контролираме сликата што другиот ја создава за нас;
да бидеме секогаш интересни, силни, посакувани.
Сите оние мали лаги што секојдневно си ги кажуваме — не нужно на другите, туку и на самите себе — за да ја заштитиме сликата за која се плашиме дека, ако се урне, ќе престанеме да бидеме прифатени.
А сепак, кога ќе се урне сликата, останува нешто многу поискрено.
Останува човекот!
Ова разоткривање мислиме дека ќе нè направи поранливи, но на крајот нè прави послободни! А ако некој не го цени тоа... нека оди по својот пат. Да, толку едноставно!
Зашто длабоко заморува постојаниот обид да управуваш со тоа како те гледаат другите.Заморува да ја мериш секоја збор, секоја реакција, секое однесување.
Заморува да живееш како постојано да стоиш пред некој судија.
Слободата доаѓа кога човек може да седне спроти тебе и повеќе да нема потреба да глуми ништо.
Зашто вистинската поврзаност не се раѓа кога двајца луѓе се обидуваат да се импресионираат еден со друг преку она што го глумат. Таа се раѓа кога престануваат да се обидуваат да се импресионираат!
Кога можат да постојат заедно без сценарио.
Да се сретнат вистински, без страв од отфрлање.
И тогаш зборуваме за вистинска љубов.
Вистинска поврзаност, вистинска слобода.
Зборуваме за единство, а не само за соживот.
За двајца луѓе кои не се губат еден во друг, туку се среќаваат слободни — голи од лицемерие, лаги, одбрани и „глумење“ — и секој ден повторно избираат да бидат заедно.
Архим. Павел Пападопулос
Подготви С. Стефковски


























