МОСКВА - Поранешниот министер за здравство на Русија, Јуриј Леонидович Шевченко, еден од најдобрите руски кардиохирурзи, стана отец Георгиј и во сабота и недела одржува служба во храмот „Св. Николај“. Таа информација ја потврдија во Московската патријаршија. Доктор Шевченко пред еден месец стана свештеник и во сабота и недела одржува служба во црквата што се наоѓа на територијата на Националниот центар за хирургија „Николај Пирогов“. Тој за две години заврши семинар што беше услов за да стане свештеник.
Како еден од најдобрите руски кардиохирурзи, Јуриј Шевченко на 5 јули 1999 година беше именуван за министер за здравство на Русија. Шевченко е роден во 1947 година во Јакутск, главен град на студената Јакутија. Завршил Воено-медицинска академија, а во 1992 година станал началник на престижната медицинска установа. Шевченко беше главен кардиохирург на Санкт Петербург и Ленинградската област. Како доктор на науки објавил повеќе од 360 научни труда. Многу негови студенти станаа познати доктори на науки.
Во почетокот на министерската кариера во Москва доктор Шевченко го замоли тогашниот патријарх Алексиј Втори да ја освети зградата на Министерството која до Револуцијата беше берза. Патријархот ја прифати молбата и лично ја освети зградата на Министерството. Тогаш беше договорена соработка, па болните добија можност да повикаат свештеник да ги посети во болница.
За мотивите да стане свештеник, професорот Јуриј Шевченко не сака да зборува, туку само тврди дека секогаш бил искрен верник. (Б.В.)
Извор: Утрински весник 21.05.09