„Зависноста во човековата личност лежи во него и ги гледаме овие аномалии како последица на неговата паднатост, но и во првосоздадената природа онака како што Бог го создал човекот. Го создал како зависен, зависен од неговата Љубов. Бог нѐ приведува од небитие во битие. Нашето постоење зависи од Бог. Ние не сме енергетски самостојни битија.
Не можеме да постоиме без Бог, без неговите несоздадени енергии. Без оглед каков е нашиот однос кон Бог, дали го сакаме или не го сакаме, дали веруваме во него или не веруваме. Тоа е исто како со воздухот. Можеме да кажеме дека нема воздух во просторијава, но секој нормален човек знае дека ако нема воздух нема да можеме да дишеме, тоа што не го гледаме и не можеме да го допреме.
Така и нашето постоење во однос на Бог. Ние сме создадени зависни. И токму таа зависност од Бог, ја злоупотребува непријателот на нашето спасение, кој што во оние први мигови од создавањето на нашите прародители им рече: Не ви треба Бог за да постоите, тој само ви пречи во вашето постоење. Сѐ што ви треба е ова јаболко, каснете и ќе бидете богови без Бог!
И токму тоа му се нуди на современиот човек денес, нешта кои што ќе му бидат богови, кои што ќе му го надоместат Бог. И навистина, дали алкохолот или дрогата или било која од суспстанциите, ако воопшто зборуваме за супстанции, му стануваат богови на современиот човек, но богови кои го покоруваат и садистички се однесуваат и богови кои не му дозволуваат да го живее сопствениот живот."
Викерен Епископ Стобиски г.Јаков.