Скопје, 20-ти мај 2018 год.- храм Рождество на Пресвета Богородица
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!
Секое појавување на Спасителот Господ Исус Христос меѓу народот претставувало поттик околу Него и Неговите ученици да се собере многу народ. Некои од нив доаѓале заради љубопитност, некои од мака, некои од завист, а некои со цел да Го омаловажуваат и понижуваат. И ете, во една прилика, како што ни сведочи светото Евангелие, кога Исус се движел меѓу народот, по Него тргнале двајца слепи и постојано викале: „Помилуј не, Исусе, сине Давидов!". Во тоа време да се види ваква слика било чест случај, зашто Спасителот постојано бил окружен со мноштво болни, слепи, немоќни, парализирани...
Иако, навидум, овој настан не предизвикува во нас бура од емоции, зашто Спасителот вршел многу поголеми и пославни чуда, сепак, има еден момент кој е многу важен за нас и нашите души, зашто токму во тој момент се содржи целата суштина на денешниот настан. Имено, пред да го изврши чудото на лекување, Спасителот поставува услов кон слепите, за да можат тие га го добијат бараното. Господ Христос им поставил кусо и едноставно прашање: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?". На ова прашање двајцата слепи, без никакво двоумење, веднаш Му одговориле: „Да, Господи!". Тогаш Спасителот се допрел до нивните очи и им рекол: „Нека ви биде според верата ваша" - и тие се исцелиле.
За време на Својата божествена мисија Спасителот Христос направил толку многу чуда, така што светите евангелисти речиси и немале можност да ги запишат сите. Но, ете, тие одлучиле овој денешен евангелски настан да го запишат во своите евангелија и тој да се пренесува од колено на колено. Историските факти ни сведочат дека во Израилот, во тоа време, имало многу слепи луѓе, како резултат на честите и тешки инфекциски заболувања. Но, ете, токму овие двајца слепи се удостоиле да влезат во свештената црковна и евангелска историја. А која е причината за таквото нешто?
Мора да признаеме дека слепотијата е страшна трагедија. Многумина би рекле дека подобро е да бидеш без раце или без нозе, отколку да си без очи. Да се живее во слепотија е премногу тешко. Тое е претежок крст за таквите луѓе, кои се свесни дека немаат можност да ги видат Божјите творби и Божјите убавини. Според сведоштвата на науката, човекот, околу 8о% од сите информации ги добива според очите. Затоа, да се биде лишен од видот, тоа значи да бидеш лишен за 8о% од надворешниот живот. Живеејќи со таков телесен недостаток, овие двајца слепи, свесни за тешката ситуација во која се наоѓаат, но уште посвесни за моќта на Спасителот Христос да го реши нивниот проблем, пристапуваат кај Него со една и единствена молба - да оздрават, при што храбро Го нарекле и „Исусе, сине Давидов". А да го наречеш било кој во тоа време во Галилеја и Палестина „Син Давидов", претставувало вистинска револуција. Потребно било да си вонсериски храбар човек, за да можеш да исповедаш дека некој е „Син Давидов", зашто тие зборови се синоним на зборовите „Месија" и „Спасител". Но, ова е доволен доказ дека нивната вера во Христа, како во вистински Бог и Спасител, била толку многу силна, така што тие, иако слепи, преку својата вера сфатиле дека Овој не е обичен човек, туку навистина е Син Божји, Кој има моќ да стави крај на нивните маки.
Уште пред да паднеме на молитва нашиот Спасител ги знае нашите потреби. Ние секој момент знаеме кои се нашите конкретни проблеми во животот, па за нив умееме да произнесеме и по некоја молитва. Но, постојат проблеми и од друг вид, кои ги има секој од нас и кои се многу поопасни од првите. Ако двајцата слепи од еванглескиот расказ ги мачела телесната слепотија, сите нас, кои сме во овој свет храм, не мачи духовната слепотија. Таа слепотија се пројавува преку негледањето на сопствените гревови и негрижата за сопствениот духовен живот. Таа слепотија е уништувачка за нашето спасение и не води до ужасни последици. Токму затоа, кога паѓаме на молитва, да се потрудиме да просиме од Бога помош да ги отвори, пред се, нашите духовни очи, за да можеме да започнеме со исправување на нашите животни патеки и нивно насочување кон вистинската цел. Нашата молитва никогаш не смее да биде формална и од техничка природа, туку делотворна, зашто таа е наш реален контакт со Бога. Впрочем, нашиот однос со Бога се остварува токму преку молитвата и светите Тајни. Молитвата кај двајцата слепи била присутна во нивното барање за помош и, ете, Господ веднаш направил чудо. А зарем ние немаме можност секојдневно да бидеме сведоци на вистински чуда? Имаме, но проблемот е во нас, зашто сме лукави во своите барања, лицемерни, колебливи, сомнителни, недоверливи и безверни дека ќе го добиеме она што го бараме од Бога. Па зарем кога сме телесно болни многу повеќе не очекуваме помош од земните лекари и нивните лекарства, наместо од Бога. Сите ние добро знаеме дека нашето здравје доаѓа од Бога, како и се друго, па сепак, зашто сме маловерни, надежта ја полагаме на смртните луѓе, наместо на изворот и подателот на животот. Ете зошто и не добиваме веднаш лек за своите болести, зашто Господ Бог го чека нашето обраќање кон Него. Тоа не значи дека лекарите и лекарствата треба да ги одбегнуваме. Напротив, и тие се дадени од Бога и за слава на Бога, но потребно е секогаш да знаеме дека не смееме никогаш да Го заобиколуваме вистинскиот Лекар на душите и телата и дека најпрво од Него треба да го бараме вистинскиот лек.
Но, се случува уште една духовна трагедија. Многумина, откако не добиле помош во своите молитви, веднаш тргнуваат кон разни бајачи и гатачи со цел од нив да добијат помош. И што е уште пострашно, оттаму се враќаат со убедување дека веднаш го добиле бараното. А дали е тоа така? Апсолутно не, зашто тоа е една голема лага. Добро знаеме дека бајчите и гатачите се слуги на ѓаволот, па и да добиле оттаму некаква помош, таа е привремена и лукава и носи многу поголеми несреќи во текот на понатамошниот живот. Но, се поставува прашањето, зошто овие луѓе не можеле толку брзо да ја добијат помошта во црквата, онака, како што тоа, навидум, го добиле кај бајачите. Одговорот е едноставен. Затоа што тие луѓе немаат вера и не се постојани во молитвата. Господ не е маѓионичар, па со маѓионичарско стапче да ги исполнува нивните желби веднаш, штом тие ќе посакаат. Затоа е потребно да се молиме долго, постојано, секој ден, секој час, секоја минута во нашиот живот, а не само кога сме во тешкотии. Зашто, ако Бог на човекот му го дава веднаш она што тој го бара од Него, тогаш човекот ќе постане рамнодушен кон духовниот живот. Всушност, зошто човекот толку често заборава на Бога? Едноставно, заради својата благосостојба! Кога на човекот му е добро, тој ужива во своите добрини и мисли дека нема потреба да се моли за било што. Во такви ситуации негова единствена задача е добро да се најаде, да се напие, убаво да се облече, да има добар дом, автомобил, солидно парично салдо... А Бог?! Па, зарем има место за Бог во една ваква благосостојба? Ете затоа Бог честопати не остава да страдаме и наеднаш не ги исполнува нашите барања, за да не западнеме во уште поконфликтни ситуации, кои би биле погубителни за нас. Секогаш да го знаеме и тоа дека ние, луѓето, сме најнеблагодарни суштества. И овие двајца слепи се покажале како такви. Господ им рекол: „Гледајте, никој да не разбере за ова чудо", но тие, веднаш, штом излегле, веднаш разгласиле за тоа. Господ ги исцелил, одговарајќи на нивната молба, а тие веднаш му возвратиле со неблагодарност и непослушност. А такви сме сите ние: Господ ќе ни го подаде она што го бараме, и ние веднаш забораваме на своите страдања, забораваме на Бога и почнуваме да живееме по старо.
Сепак, Бог не љуби и нема да не остави во своите страдања, зашто е наш небесен Родител, но наша должност и обврска е постојано да Го бараме во своите молитви. Во Светото Евангелие Господ доволно ни кажал како треба да живееме и да се однесуваме за да добиеме спасение. Друг начин и друг пат до спасението нема. Затоа, слава Му на Бога што е долготрпелив и многумилостив и што постојано ни дава можност да ги исправиме своите постапки и да се покаеме, слава Му на Бога, затоа што Он сите нас подеднакво не љуби, не сожалува и не спасува. Амин!
Преминпортал (к.т.)