МОНАШКАТА ПРЕСТОЛНИНА КАРЕЈА
Административен центар на светогорската монашка заедница. Се наоѓа во средниот дел на Света Гора на надморска височина од 1100 м. Поради својата местоположба во средниот дел на полуостровот, првин оваа монашка населба се викала Меса (од цестоу - средина), а подоцна го добила името Кареја, според големиот орев што се наоѓал на тоа место.6 Тука се наоѓаат управните органи на Света Гора: црковниот суд, Свештената општина (кинотис), општинскиот совет (епистасија) и седиштето на гувернерот на Света Гора. Во Кареја има, исто така, царина, пошта, полициска управа, продавница и два ресторана. Освен тоа, тука свои конаци имаат сите светогорски манастири, освен манастирот Кутлумуш, којшто се наоѓа во непосредна близина на светогорскиот административен центар.
Главно управно тело на Света Гора е Свештената општина (кинотисот), која е составена од претставници на дваесетте светогорски манастири - по еден претставник од секој манастир. Мандатот на членовите на Свештената општина трае една година. Свештената општина заседава постојано, освен во празнични денови. Таа како највисок управен орган на Света Гора постои од XVIII в. Пред тоа Света Гора била управувана од Соборот на старците т.е. Протатот, на чиешто чело стоел светогорскиот прот.
Извршен орган на Свештената општина е Епистасијата, којашто е составена од 4 епистати и се раководи од протоепистат. Четворицата членови од Епистасијата се избираат на тој начин што дваесетте светогорски манастири се делат на пет четворки, при што секоја четворка управува 5 години, по што доаѓа друга четворка. Првите манастири од овие пет групи го даваат протоепистатот, кој се смета за прв меѓу еднаквите и претседава со седниците на извршниот орган т.е. со Епистасијата.7 Протоепистатот се избира за една година, а го даваат манастирите: Велика Лавра, Ватопед, Ивер, Хилендар и Дионисијат.
Денешното управување на манастирите во Света Гора се уредува со специјален статут, изработен врз основа на стари правила и традиции и одобрен од страна на грчките законодавни институции во 1924 год. Овој статут не е потпишан единствено од Рускиот манастир „Св. Пантелејмон".
Во Кареја се наоѓа најстарата црква во Света Гора - „Успение на св. Богородица", изградена во 962 год. и обновувана во наредните векови. За последен пат е обновена во 1686 год. од монах Зосим од Великата Лавра. Западниот притвор е обновен од молдавскиот владетел Јоан Богдан во 1508 год., а северниот - од прот Серафим Типол во 1535-1540 год. Во храмот се зачувани фрески од XIV в., иако поголемиот дел од фрескоживописот е дело на познатиот зограф Маноил Панселинос. Во оваа црква се наоѓа најпочитуваната светогорска чудотворна икона - светињата на Кареја и на цела Света Гора, иконата ,Достојно ест".
Кареја фактички наликува на мало гратче, во коешто покрај манастирските конаци и бројните монашки ќелии, има и административни згради, како и куќи на претставниците на грчките власти. Тука има библиотека и архив, во коишто се чуваат значајни ракописни книги и друга црковна документација.
6 В. Ћоровић. Света Гора и Хиландар, Београд, 1985, 15.
7 Ангелопулос, Монашка заједница, 110 до 113