логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

 Акатист за Рождество на Пресвета Богородица



Кондак 1

Да ѝ испееме пофалба на избраната од човечкиот род, родена од бесплодна мајка, Пречистата Дева Марија, зашто преку Нејзината рожба започна нашето спасение и се објави доаѓањето во светот на Избавителот Затоа радосно и повикуваме:

Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Икос 1

Ангел небесен кој претстои пред Бога, беше испратен кај праведните Јоаким и Ана за да им објави голема радост, зашто по својата бездетност ќе родат Ќерка Преблагословена, од Која ќе му дојде радост на сиот свет Затоа и ние, како учесници во оваа радост, на Дева пофални песни и  воспеваме:

Радувај се, во Троичниот Совет пред вековите избрана за Мајка на Синот Божји;
Радувај се, од древните пророци и патријарси на многу начини со праслики и загатки навестувана!
Радувај се, петилјади години од создавањето на светот очекувана од Божјите слуги како Мајка на Избавителот;
Радувај се, лествицо видена од Јакова, која го претскажуваше слегувањето Божјо мегу луѓето!
Радувај се, видена од Мојсеј како несогорлива капина во Синајската пустина;
Радувај се, зашто му даде сув пат на Израилот низ Црвеното Море, потопувајќи го фараонот!
Радувај се, зашто се застапуваш за нас да бидеме запишани во книгата на Вечниот Живот;
Радувај се, зашто посредуваш непречено да влеземе во Царството Небесно! Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 2

Кога го видоа праведните Јоаким и Ана ангелот што им се јави, кој им го најави Твоето раѓање, Пресвета Дево, Му заблагодарија на Бога, кој го одзеде од нив срамот на нивната бездетност, и со сето срце топло му повикаа: Алилуја!

Икос 2

Познанието на Божествениот домострој и Своето слегување на земјата Себлагиот Господ почна да го исполнува, со испраќање на Својот Ангел кај Јоаким и Ана да ги извести за Твоето рождество, Пресвета Дево. Затоа Ти повикуваме пофално:
Радувај се, зашто ја објавуваш Божјата волја;
Радувај се, исполнување на Неговата чудесна промисла!
Радувај се, предодредена да послужиш во воплотувањето на Синот Божји;
Радувај се, предизбрана од сите родови да бидеш живеалиште на Царот на сите!
Радувај се, претскажана уште во рајот кога беше ставено непријателство меѓу змијата и Жената и семето Нејзино;
Радувај се, зашто кога се исполни времето по Божја волја славно произлезе од неплодна мајка!
Радувај се, зашто го развесели човечкиот род со Своето рождество;
Радувај се, зашто го изгони мракот на оние кои ја чекаа утехата Израилева!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 3

Силата на Севишниот ја разреши неплодноста на веќе остарената Ана; зашто откако Те зачна, Пречиста, и чекајќи го Твоето раѓање, радосно Му пееше на Израилскиот Бог пофална песна: Алилуја!

Икос 3

Безмажно требаше да Го родиш Спасителот на нашите души и тела, Самата Ти, како чудо пред великото и недостижно чудо, од неплодни родители славно се роди, Дево Пресвета. Затоа Ти воспеваме вака:

Радувај се, зашто произлезе од коренот Јесеев и Давидов;
Радувај се, зашто изникна од неплодната утроба на праведната Ана!
Радувај се, зашто Исаија уште одамна Те најави како Девојка - Мајка;
Радувај се, зашто беше родена според ветувањето од ангелот!
Радувај се, предвозвестена преку Скинијата на сведоштвото и Ковчегот на заветот;
Радувај се, предизобразена преку расцветувањето на жезлот Аронов!
Радувај се, зашто уште пред да се родиш беше осветена и подготвувана за Мајка на Бог Словото;
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак4

Откако во Твоето зачнување се избавија од бурата на човечки посрамувања поради својата неплодност, Пресвета Дево, Твоите праведни родители се радуваа, и во чест на Твоето рождество направија гозба за роднините и пријателите, и тие, радувајќи се со нив, Му пееја на Бога, Кој ја покажа Својата милост, пофална песна: Апилуја!

Икос 4

Кога слушнаа околните жители дека ќерката на Јоаким и Ана е наречена Марија, што значи Госпоѓа, разбраа, Пречиста, дека ќе бидеш велика и славна не само меѓу луѓето, туку и пред Бога. Ние, пак, правилно сфаќајќи го ова исполнување, Те величаме вака:

Радувај се, Пресвета Дево, зашто името го доби не од човек, туку од ангел, уште пред зачнувањето;
Радувај се, зашто според тоа име се удостои да бидеш Господарка на сета твар!
Радувај се, зашто Твоите родители од благодарностза Тебе Му принесоа големи дарови на Бога;
Радувај се, зашто за сите роднини и пријатели, како и за сиромашните, подготвија вечера на љубовта!
Радувај се, зашто свештениците, поканети на славење во домот на Твоите родители Те благословија;
Радувај се, зашто сите собрани на таа веселба Те прославија и пофалија!
Радувај се, зашто се покажа повозвишена од секоја чест и пофалба;
Радувај се, зашто се удостои да бидеш Мајка на Бог Словото!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!


Кондак 5

Боговодената ѕвезда, која го најавуваше доаѓањето на Сонцето на Правдата - Христос нашиот Бог, при Твоето рождество се појави, о, Пресвета Дево; затоа луѓето Божји, кои со вера го очекуваа доаѓањето на Избавителот, кога видоа како чудесно се роди од неплодна мајка, таинствено се развеселија и повикаа: Алилуја!

Икос 5

Кога ја видоа праведните Јоаким и Ана родената од нив Богоотроковица Марија, како Кивот Божји, за Која ангелот Божји им претскажа некои чудесни и прекрасни нешта, 1 послужија, воспитувајќи и чувајќи Ја како зеницата во окото. Затоа и ние пофалувајќи ги богоотците, кои се удостоија да бидат родители на таква ќерка, да и воспееме на Дева Марија:

Радувај се, Пречиста Дево, зашто по раѓањето Твоите родители многу се израдуваа;
Радувај се, зашто при Твоето појавување во светот ангелите и луѓето заедно се радуваа!
Радувај се, зашто за Тебе сите пророци многуобразно Те претскажуваа;
Радувај се, зашто еден од нив Врати затворени, а друг, пак Гора осенета, те нарекоа!
Радувај се, зашто сите Твои надумни собитија таинствено беа навестени;
Радувај се, зашто псалмопеачот Те нарече Град и Живеалиште Божјо!
Радувај се, седмокрак свеќнику, зашто се исполни со седумте дарови на Светиот Дух;
Радувај се, позлатена трпезо со лебови на предложението, зашто Лебот на Животот, Христа, беше пророкувано да Го родиш!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 6

По волјата на Создателот на сета твар си се јавила на земјата како проповедник на богоносните гласови и исполнувајќи ги зборовите, Пресвета Дево, цвету на нашата природа, повикување на Адама и Ева и нивно враќање кон првата убавина. Затоа сите верни кои најдоа радост во Твоето рождество, духовно празнуваат, пеејќи му на чудесниот Совет на нашиот Бог: Алилуја!

Икос 6

Во Твоето раѓање, Пречиста, ни засветли зракот на нашето спасение, за исполнување на Божествената промисла, и единствено Ти од сите човечки родови се покажа достојна да му дадеш плот на Твојот Создател, Кој дојде да го спаси нашиот род од древната праотечка клетва. Затоа Ти повикуваме вака:

Радувај се, избавување на Адама и Ева;
Радувај се, разрешување од древната клетва!
Радувај се, укинување на сенката на законот и почеток на новата благодат;
Радувај се, Тајнице на Божествената промисла која секогаш не поттикнуваш на добри дела!
Радувај се, единствена од сите родови Која се удостои да бидеш Мајка на Бог Словото;
Радувај се, духовна Мајко за нас, новите луѓе во Христа!
Радувај се, зашто со Твојата мајчинска грижа никогаш не не оставаш;
Радувај се, зашто не правиш достојни и благоугодни синови и ќерќи на Твојот Син!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 7

Сакајќи да го исполнат своето ветување на Господа, Твоите праведни родители, Пресвета Дево, како тригодишно девојче Те доведоа во храмот Господов со слава и голема радост; првосвештеникот, пак, Захарија, вдахновен од Светиот Дух, Те воведе во Светињата на Светиите, којашто беше образ токму на Твојата светост Зашто Ти во Себе го смести, не ковчегот на заветот, туку Најсветиот над светиите - Синот Божји, Кој во Твојата девствена утроба плот прими. Нему, Ти со девствените хорови секогаш си Му воспевала: Алилуја!

Икос 7

Имајќи Бог нова промисла за Тебе, Дево Марие, зашто живеејќи во храмот Божји, Пресвета, од рацете ангелски примаше храна, затоа Те молиме: нахрани не со благодатна храна, за да пораснеме духовно во совршена возраст и Тебе, Сецарице, пофална песна да Ти пееме:

Радувај се, преукрасена со добродетели, зашто се удостои да живееш во храмот Божји и да разговараш со ангелите;
Радувај се, зашто испратената од Бога храна ја добиваше од ангелите во Светињата на Светиите!
Радувај се, зашто чудесно беше хранета во храмот со небесен леб;
Радувај се, зашто таму беше подготвувана за великата тајна на воплотувањето на Синот Божји!
Радувај се, зашто по заповед Божја ангелите усрдно Ти служеа на земјата;
Радувај се, зашто тие и сега на небесата, како на Царица, благоговејно Ти служат!
Радувај се, зашто и ние недостојните со пофални песни секогаш Те величаме;
Радувај се, зашто и Богоотците кои Те родија секогаш ги ублажуваме и во молитви ги повикуваме!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 8

Откако го видовме чудесното рождество на Пречистата Дева, да се оддалечиме од суетниот свет, умот свој да го издигнеме на небесата, каде што Богомајката во слава претстои пред Својот Син и Бог, застапувајќи се за нас верните, кои со љубов го празнуваме Нејзиното рождество и Му повикуваме на Бога: Алилуја!

Икос 8

Сето создание во Твоето рождество, Пречиста, најде радост, бришејќи ја маката на праотците: зашто преку излезениот од Тебе Христос Бог паднатата наша природа во гревот на непослушанието ја воздигна и ја направи возљубена од Создателот Затоа со умиление Ти повикуваме:

Радувај се, претскажување на сесветската радост;
Радувај се, објавување на тајната сокриена од вековите!
Радувај се, зашто преку Тебе се подигнавме од падот;
Радувај се, зашто преку Тебе нашата отцепена природа пак се прилепи кон Бога!
Радувај се, зашто преку Тебе Јоаким и Ана се ослободија од срамот на бесплодноста;
Радувај се, зашто преку Тебе нашите бесплодни срца дадоа изобилен плод!
Радувај се, зашто преку Тебе на верните од Господа им се дава изобилие од вечните богатства;
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 9

Сите Божји ангели не знаејќи ја тајната за вочовечувањето Божјо во Советот на Триличносниот Бог, сокриена со векови и конечно објавена преку Дева Марија, беа многу зачудени, гледајќи, како ќерката на Јоаким и Ана несвојствено за женската природа, беше воведена во Светињата на Светиите. Затоа со чудење, побожно пееја: Алилуја!

Икос 9

Древниот проповедник, семудриот мегу царевите Соломон, претскажувајќи го Твоето раѓање, Пречиста, во Песната над Песните со восхит извика: „Која е таа, што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце". Затоа Црквата радувајќи се на Твојот празник, весело Ти повикува:

Радувај се, најсветло утро на невечерниот ден, кое засветли во сенката на законот како во мрак;
Радувај се, сонцеобразна Дево, Која Го роди вистинското сонце -Христа, просветувајќи го светот!
Радувај се, блескава стихијо, Која суштински Го прими Бога, Кој живее во непристапната светлина;
Радувај се, со Твојата малечка угроба Го опфати Безграничниот, Кој ги прегрнува краиштата на вселената!
Радувај се, полна месечино, непосредно ја примаш божествената светлина и со неа нас не осветлуваш;
Радувај се, најчисто огледало, во кое верно и чудесно се огледуваат совршенствата Божји!
Радувај се, со полнотата на Твоите добродетели и нас не водиш кон совршенство;
Радувај се, зашто ги поткрепуваш нашите немоќни сили за вршење на добри дела!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!


Кондак 10

Сакајќи да го спаси родотчовечки од првородната клетва, Господ ја изврши чудесната тајна на Својата промисла: Те избра Тебе, Пречиста, од родот Авраамов и Давидов, и од Тебе благоволи бессемено да се воплоти, надминувајќи ги природните закони, а и Те создаде од стариот и неплоден корен на праведниците Јоаким и Ана. Затоа денес празнувајќи го Твоето раѓање и воспевајќи ги оние кои Те родија, Му пееме на Бога: Алилуја!

Икос 10

Царот Небесен, Кој посака заради нашето спасение да се појави на земјата и да поживее со луѓето, како света одаја на Своето воплотување, Тебе, Пречиста, претходно Те подготви, давајќи и дете на бездетната Ана, која заедно со својот сопружник со солзи се молеа за разрешување на нивната неплодност. Затоа Те молиме, Богомајко: разреши ја неплодноста на нашите души, за да можеме на Бога да Му принесеме плод од нашите добродетели, повикувајќи Ти вака:

Радувај се, пресветла одајо на бессеменото Божјо воплотување;
Радувај се, оживотворена палато, подготвена да бидеш живеалиште на Царот на сите!
Радувај се, најсветол облаку, преку кој Седнатиот на престолот Божествен слезе меѓу нас;
Радувај се, Посредничке на законот и благодатта, печат на Стариот и Новиот Завет!
Радувај се, невенлива лозо, од која изникна прекрасниот цвет - Спасителот на светот;
Радувај се, благомирисно јаболко, кое никна од неплодната и стана благоугодно пред Христа!
Радувај се, зашто и нас, кои Тебе Те воспеваме, не претставуваш богоугодни пред Христа;
Радувај се, зашто и нас, бесплодните од добри дела, не не лишуваш од духовна утеха!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 11

Не отфрлај ја нашава пофална песна кон Твоето раѓање, Владичице Предобра, тукузаради оние кои Те родија, биди милостива кон нас, молејќи Го за нас Твојот Син и наш Бог, да ни даде прошка на гревовите и поправање на животот, нам, кои во покајание со солзи секогаш благодарно Му воспеваме: Алилуја!

Икос 11

Светлоносната и небесна Свеќа на Божествената светлина, единородната ќерка на Јоаким и Ана, предизбрана за Мајка на Единородниот Син Божји, денес од неплодната преславно произлезе, и ги просветува сите кои верно го слават Нејзиното рождество и побожно повикуваат:

Радувај се, Свеќо блескава, разгорена со Божествен пламен;
Радувај се, зашто и нас со него благодатно не просветуваш и загреваш!
Радувај се, таинствена клешто, која во Својата угроба и на раце Го носиш Божествениотжар - Христос Господ;
Радувај се, зашто и нас не удостојуваш Него да Го примаме во Таинството на Причеста!
Радувај се, жив и преукрасен храму Господов, за кого Давид пее: „Свет е Твојот Храм, чудесен во правдата";
Радувај се, Кадилницо света, која не разлеваш темјан во воздухот, туку Христа, вечниот миомирис во Себе Го смести, и со Него сета твар ја благоухаш!
Радувај се, Престолу превознесен со слава, жив трону на Великиот Цар, нашиот Спасител и Господ;
Радувај се, Царице на небесата и земјата, Која вечно царуваш со Твојот Син и Бог, и нас бедните не не забораваш!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 12

Во Твоето раѓање, Пречиста, се појави дејство преблагодатно, кое ја надминува природата; зашто Господ откако ја услиша молитвата на Твоите бездетни родители, им Те даде Тебе како утеха, како Исаак на Авраам и Сара, сакајќи во Тебе да ја изврши тајната на Својата промисла и да Те подготви Тебе за Мајка на Својот Единороден Син, ветениот наш Искупител. Нему благодарно Му пееме: Алилуја!


Икос 12

Воспевајќи го Твоето раѓање од неплодната, Те фалиме, Пречиста, како Тајница на Божјата спасителна промисла за нас, со воплотувањето од Тебе на Бог- Словото, и Ти повикуваме вака:

Радувај се, чиста ноева Гулабице, Која со Своето раѓање го објави пресушувањето на смртната река;
Радувај се, зашто на човечкиот род кој гинеше во грев, му ја донесе веста за Христос Спасителот!
Радувај се, единствена блажена меѓужените, Која со Својата послушност кон Бога ја поправи непослушноста на Ева;
Радувај се, зашто тагата на Адама и останатите праотци, кои го очекуваа Избавителот, со Твоето раѓање ја претвори во радост!
Радувај се, зашто Твоето раѓање му објави радост на целиот свет;
Радувај се, зашто за Твоето раѓање се радуваат мајките и неплодните се веселат, знаејќи дека си се родила од неплодна мајка!
Радувај се, зашто сите кои верно и побожно го празнуваат Твоето рождество ги удостојуваш со благодатна веселба;
Радувај се, зашто многу се молиш на Твојот Син, Кој седи оддесно на Отца, и нас да не постави од Својата десна страна!
Радувај се, Пречиста Дево, пред вековите избрана за Мајка на Спасителот на светот!

Кондак 13

О, Севоспеана и Пречиста Дево Мајко, прими ја нашава пофална песна во чест на Твоето преславно рождество која сега Ти ја принесуваме, и вроди во нас желба за вечните богатства, и избави не нас, Твојата Света Црква, нашата Татковина и монашките обители од секоја неволја и напади, од видливи и невидливи непријатели, и отклони ги идните маки и удостој не со Небесното Царство, та вечно да пееме за Тебе: Алилуја!

(Овој кондак се чита три пати, потоа икос 1 и кондак 1)



Молитви за Рождеството на Пресвета Богородмца

Молитва прва

О, Пресвета Владичице, Мајко Богоизбрана на Христос нашиот Спасител, измолена од Бога со свети молитви, посветена на Бога и од Бога возљубена! Кој Тебе не би Те ублажувал или кој не би го воспеал Твоето преславно раѓање. Зашто Твоето раѓање стана почеток на спасението на луѓето, и ние, паднатите во мракот на гревовите, Те гледаме, како живеалиште на Непристапната светлина. Затоа немоќниот јазик не може достојно да Те воспева. Си се возвисила над серафимите, Пречиста. Сепак, прими ја сегашнава пофалба од Твоите недостојни раби и не ги отфрлај нашите молби. Го исповедаме Твоето величие, пред Тебе во умиление паѓаме и тебе брзата чедољубива застапничка и благосрдна Мајка смело Те молиме: измоли Го Твојот Син и наш Бог да ни даде нам, кои многу грешиме, искрено покајание и побожен живот, за да можеме да правиме се што Му е угодно на Бога и полезно за нашите души. Да замразиме се што е зло, укрепувани со Божествената благодат во нашата добра волја. Ти, непосрамена надеж наша во смртниотчас, дарувај ни христијански крај, безбедно поминување на страшните воздушни митарства и наследство на вечните и неискажливи богатства на Небесното Царство, та со сите светии гласно да го исповедаме Твоето за нас застапување и да Го славиме единствениот вистински Бог, во Света Троица почитуван, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Молитва втора

Преблагословена Дево Марие, Царице на небесата и земјата, паѓајќи пред Твојата чудотворна икона, умилно повикуваме: погледни милостиво на Твоите слуги и со Твоето сесилно застапништво испрати му на секого според потребите. Спаси ги сите верни чеда на Светата Црква, неверните обрати ги, заблудените упати ги на прав пат, старите и немоќните поддржи ги, младите во светата вера воспитувај ги, мажите води ги кон благост, грешните приведи ги кон покајание и услиши ги молбите на сите христијани, болните исцели ги, маките стивни ги, патувај со патниците. Знаеш, Семилостива, дека сме немоќни, грешни, озлобени и недостојни за Божјата прошка, но сепак биди ни помошничка, та со некој грев на самољубие, соблазна и ѓаволска измама да не Го прогневиме Бога: Тебе Те имаме за Претстателка, Која не Ја отфрла Господ. Зашто ако сакаш, можеш како благодатен извор се да ни даруваш нам, кои верно Ти пееме и го превознесуваме Твоето преславно рождество. Избави ги, Владичице, од гревопадови и неволји сите, кои благочестиво го повикуваат Твоето свето име и н се поклонуваат на Твојата чесна икона. Бидејќи Ти со молитви бесплатно ги очистуваш беззаконијата, затоа пред Тебе паѓаме и повторно повикуваме: истреби од нас секакво зло и противник, секакви напади и погубно неверие; со Твоите молитви, давајќи ни благовремени дождови и обилни плодови на земјата, вложи во нашите срца Божествен страв за исполнување на Господовите заповеди, та сите тивко и мирно да поживеме за спасение на нашите души, за добро на ближните и за слава на Господ, зашто Нему, како Создател, Промислител и Спасител наш Му доликува секоја слава, чест и поклонување, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Сакајќи да го спаси родотчовечки од првородната клетва, Господ ја изврши чудесната тајна на Својата промисла: Те избра Тебе, Пречиста, од родот Авраамов и Давидов, и од Тебе благоволи бессемено да се воплоти, надминувајќи ги природните закони, а и Те создаде од стариот и неплоден корен на праведниците Јоаким и Ана. Затоа денес празнувајќи го Твоето раѓање и воспевајќи ги оние кои Те родија, Му пееме на Бога: Алилуја!

Молитва трета

О, Пречиста и Преблагословена Дево, Владичице Богородице, според ветувањето родена од неплодна мајка и заради чистотата на Твојата душа и тело се удостои да бидеш Мајка на Синот Божји, Господ наш Исус Христос, со Кого сега на небесата пребиваш и имаш голема смелост пред Пресвета Троица, од Којашто, како Царица, си добила вечен царски венец. Затоа смирено кон Тебе прибегнуваме и молиме: измоли за нас од Семилостивиот Господ Бог прошка на сите наши прегрешенија волни и неволни; спасение на нашата страдална татковина, воспоставување на мир, тишина и благочестие, времиња мирни и спокојни; оддалечи од нас секаков злобен бунт; дај ни изобилие на земни плодови, благорастворен воздух, дождови мирни и благовремени. И се што ни е потребно за нашиотживот и спасение, измоли за нас од Твојот Син, Христос нашиот Бог. Особено содејствувај ни да се украсиме со добри особини и добри дела, та, колку што е можно, да го подражаваме Твојот живот, во кој уште од младост си се украсила, благоугодувајќи Му на Господа; затоа си се покажала почесна од херувимите и пославна од серафимите. Да, Госпоѓо Пресвета, биди ни брза помошничка во се и премудра Наставителка кон спасение, та следејќи Те Тебе и со Твоја помош, да се удостоиме да бидеме наследници на Небесното Царство, стекнато преку страдањата на Твојот Син, а ветено на оние кои ги исполнуваат Неговите заповеди. Зашто Ти си, Госпоѓо, единствена по Бога надеж и потпора, и Тебе Ти го предаваме сиот наш живот, да не се посрамиме во часот на нашето излегување од овој живот, зашто го чекаме Твоето посредување и застапување, и на Страшниот Суд на Твојот Син, Христос нашиот Бог, да се удостоиме со седење од Неговата десна страна, и таму вечно да се радуваме со сите кои од памтивек Му угодиле и да Го славиме, фалиме, благодариме и благословуваме Него со Отецот и Духот во вечни векови. Амин.

Од книгата: Богородичен псалтир со молебен и акатисти, издание на Повардарската епархија.
Превод од руски јазик: Ѓакон Јани Мулев

 

Друго:

monah.sosveka.jpg

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7708
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

25/12/2024 - среда

Божикен пост (пост на масло)

+Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски; Светиот свештеномаченик Александар, епископ Ерусалимски; Светиот маченик Разумник; Преподобен Герман Алјаски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная