Денот за отец Амвросиј започнувал во 4 часот наутро. Старецот заѕвонувал со своето ѕвонче, и ќелијниците се јавувале. Тие секој ден му го читале неизменето востановеното во скитот утринско правило - утрените молитви, 12-те избрани псалми и првиот час. По краткиот одмор, старецот го ислушувал 3-от и 6-от час со изобразителните и соодветниот на денот канон и акатист. При читањето на акатистите отец Амвросиј стоел право, а часовите ги ислушувал или легнат, ако не се чувствувал добро, или седнат на својата постела.
Така било до 1870 г., додека силите на старецот биле покрепки. Меѓутоа, откако му започнале тешките страданија, тој почнал да станува малку подоцна - во 5 ч. наутро. Додека му помагале да се измие, или додека го растривале со шпиритус, како и за време на појадокот, неговите ќелијници му поставувале прашања:
- Баќушка, некојси е во такви и такви околности. Што ќе му благословите да прави?...
Друг, пак, ќе запраша:
- Баќушка, некој го проси Вашиот благослов за некое дело. Да го преземе или не?
Старецот ја вршел својата работа и одговарал на поставените прашања. Поминувајќи ја ноќта лошо, со отечено лице, со трескави трпки, измачен од ревматични болки, тој обично велел: „Оф, се боли!" Но никогаш не го оставал својот долг кон бедниот народ, туку гледал на секого да помогне со својот благ совет. Преку денот, поради многукратните свои болникави испотувања, тој се преоблекувал и преобувал многу пати. Не можел да поднесува ниту горештина, ниту студ - подносливата температура за него била 17 степени. Еден, два степени му влијаела лошо. Но, како да се одржува таква температура во неговата соба - особено зимно време, кога од надворешниот студ влегувале направо во собата, тукушто, дојдените посетители и го изладувале воздухот. Обично при такви промени на температурата, отец Амвросиј лошо настинувал.
Честопати, додека појадувал, старецот диктирал на своите писари одговори на добиените многубројни писма. По појадокот, кој се состоел од 2-3 мали чаши чај и парче леб, неретко, болниот стомак се повраќал.
А, меѓутоа, надвор пред неговата ќелија веќе се собирал народ: од внатрешната страна - мажи, а од надворешната - жени. Сите со нетрпение чекале да бидат примени од старецот. Некои тропале на вратата, други, пак, влечеле на ѕвончето. Излегувал ќелијникот. Луѓето го опкружувале со молба да праша за нив. „Старецот е зафатен" - велел тој и се прибирал внатре. И пак се повторувало тропањето и ѕвонењето. Пак излегувал ќелијникот со истиот одговор. А луѓето му префрлувале: „Зошто не му кажавте? - Вие не сакате да соопштите за нас, дека чекаме..."
Во „хибарката" владеело истото незадоволство меѓу жените и пристигнатите од разни манастири монахињи.
- Јас живеам во приемната соба веќе цела седмица. Секој ден доаѓам при старецот, но никако не можам да дојдам до него - се оплакува една.
- Јас, пак, сум тука две седмици - и одвраќа друга.
Штом излезе ќелијникот и се обиде да ги успокои духовите, започнувале да се слушаат викотници од стотици усти: „Кажете, кажете за нас!..."
Викотниците стигнувале до отворен ропот против старецот, дека не сака да ги прими. Но, посетителите не знаеле, колку лошо се чувству-вал тој и како ја поминал во болки ноќта...
Најпосле, старецот излегол при мажите. Некои само благословувал, на други кажувал по неколку зборови, а каде што оценувал, дека потребата е голема, таму одделувал повеќе време и внимание. Многу често се случувало да го обеспокојуваат старецот за ништо: еден чувствувал главоболка и затоа дошол кај отец Амвросиј, друг - дека нозете не го држат, трет - дека имал во својот живот непријатности. А сите тие површни тревоги отец Амвросиј требало трпеливо да ги ислуша, откако понекогаш шеговито и симпатично велел во рима: „Трпел Елисеј, трпел Мојсеј, трпел Илија - така претрпувам и јас."
Една селанка дошла да се поплаче на старецот, дека и умирале кокошките. Некои од ќелијниците негодувале против неа, зашто го занимава старецот со такви нешта. А тој сочувствено ја заштитил, откако рекол: „Оставете ја! Не гледате ли, дека целиот живот и е во тие кокошки? ..."
На ручек, преуморен од посетителите, старецот ја примал својата скромна храна во ќелијата на својот ќелијник отец Јосиф. Болниот стомак не поднесувал секаква храна. Меѓутоа, тој не само што не жалел за тоа, но напротив, секогаш бил весел, љубезен и дури се шегувал. Тој јадел толку малку, колку што може да изеде едно тригодишно дете. Ручекот му бил не повеќе од 10 - 15 минути. За тоа време, неговите ќелијници му поставу-вале, како за време на појадокот, разни прашања, поставувани од покло-ниците. Одвреме - навреме за духовен одмор, ќелијниците му прочитувале по негова желба една - две басни од Крилов, кои, тој многу ги ценел заради нивната поучна содржина. По завршувањето на ручекот тој ги примал сите за општ благослов - најпрвин мажите, а потоа и жените. При такви општи приеми старецот ги вразумувал со некаков точен остроумен збор оние кои имале потреба од таков, или кажувал некоја соодветна пословица, која ја разбирал оној, кон кого таа се однесувала, или пак, раскажувал нешто, што служело како одговор на скриените мисли на некого од присутните.
Потоа, тој ги благословувал општо сите и преку толпата поклоници едвај - едвај доаѓал до својата ќелија, каде што се одморувал малку.
Ако имал повеќе сили, тој одел и во „хибарката" каде што, давал општ благослов и на жените. Од толпата се слушале прашања. На нив отец Амвросиј одговарал кратко и мудро. Понекогаш старецот седнувал, а жените околу него коленичеле и ја слушале импровизираната беседа, преку која тој скриено ги изобличувал човечките недостатоци. Најмногу тој учел на трпение, снисходливост кон гревовите на ближните и себепринудување кон добро. (Мт. 11, 12). Ако времето одминувало во тие беседи, ќелијниците му напомнувале на баќушката, дека треба да се одмори, оти е веќе 2 часот. Старецот пак, шеговито им одвраќал: „А ти, врати го часовникот назад и ќе биде 1 часот..." Но сепак, им се покорувал на своите ќелијници и се упатувал кон својата соба. Народот околу него се вознемирил. Царувале неред и врева. Некои се фаќале за облеката негова и не ја пуштале, па го молеле: „Кажи и на нас еден збор!" Со мака старецот се провирал среде народот и честопати ја оставал својата облека, која, ќелијниците отпосле му ја донесувале. А понекогаш среде народот имало и самољупци, кои настојувале старецот да им обрне особено внимание, одделувајќи ги од другите. Ако тоа не се случело, тие се навредувале од старецот. Еднаш еден таков самољубец, без да оцени, колку истоштен и болен е баќушката, се провикнал:
- Види каква злоба! Помина покрај мене и дури не ме ни погледна!...
Но, токму поради тоа свое претенциозно чувство, тој не го заслужувал вниманието на старецот, кој честопати сам се насочувал кон други посетители кои смирено и трпеливо чекале, без да го викаат.
Најпосле влезен во својата ќелија, отец Амвросиј, многу често, наместо да се одмори, повикувал некои од своите писари - најчесто јеромонах Климент - и почнувал да му диктира писмо. Така, дури ниту една минута не минувала за баќушката во мрзливост и празнина. Кога, пак, морал почине, тој легнувал за малку и во 3 часот веќе бил на нога. Ако се чувствувал подобро, излегувал надвор при народот што го чекал. Ако, пак, се чувствувал лошо, ги примал посетителите во ќелијата на отец Јосиф, каде што лежејќи, разговарал со луѓето за нивните потреби и таги.
Во 8 часот навечер старецот вечерал. И сега, за време на јадењето, му биле поставувани прашања. Кога силите му позволувале, тој излегувал да разговара со жедниот за Божјото слово народ, и така, дури до 11 ч. навечер.
Враќајќи се во својата ќелија, тој гледал насобрани многу манастирски браќа, кои го чекале својот ред - да се удостојат по народот и тие да поразговараат со баќушката за своите потреби. Откако ќе ги видел дека разговараат на неполезни теми, отец Амвросиј им велел често во рима: „Народ, не раззеваи рот!", т.е. „Луѓе, не празнословете!." На друг, пак, ќе каже: „А ти, наместо да седиш без работа, земи ги своите бројаници и кажувај ја Исусовата молитва!" Кога некој од браќата бил нерасположен, старецот им раскажувал некој смешен, но поучителен случај, за да го изгони мракот на безволноста.
Денот на отец Амвросиј задолжително завршувал со вечерно правило. Тоа не се пропуштало дури и кога тој се чувствувал крајно уморен. Келијниците, исто така, капнати од уморот, правеле големи усилби над себеси да го прочитаат малото повечерие, канонот на Ангелот - пазител и вечерните молитви пред сон. Понекогаш очите им се склопувале за време на читањето, и устата им се затворала. Понеиздржливите биле готови да паднат во дремка. Само старецот, неретко, лежел на својот кревет, речиси, без чувства. Меѓутоа, надворешниот свет не го гледал целиот тој голем подвиг и понекогаш го критикувал баќушката. А тој, скромниот подвижник, не си позволувал дури и за малкуте часови, одредени за сон да се опушти во удобна почивка, а секогаш си легнувал облечен, препашан со кожен појас, со монашка шапка на глава и со бројаница во раце. Ги собувал само своите обувки...
Единствено Бог знаел, како старецот ги поминувал ноќните часови. Но, јавно било за неговите ќелијници, дека преку ноќта тој се преоблекувал неколку пати, што се гледало од закачените за сушење фланелни кошули. Од тоа, тие заклучувале, дека преуморниот и болен старец немал непрекинат сон преку ноќта.
Така завршувале секојдневните трудови на старецот. Следниот ден се повторувало истото: пак многу посетители, пак префрлувања, дека баќушката не сака да ги прими, пак големо трпение од негова страна кон нетрпеливите, пак грижа за душите, пак морални поуки, упатени кон сите итн.
Не може да се каже, дека при обичната навалица во ходниците пред ќелијата на отец Амвросиј сите посетители пројавувале нетрпеливост и незадоволство. Повеќето поклоници доаѓале со скрушени срца, со покајание и вера во себе. Трепетно тие очекувале, кога ќе им дојде редот да разменат некој спасителен збор со старецот.
Еве како ги опишува своите впечатоци од отец Амвросиј една верна душа: „Колку радосно почнуваше да бие срцето, кога одеднаш на крајот од патот ја гледаш скитската камбанарија, а оддесно бедната ќелија на смирениот подвижник! Каква леснотија чувствуваше душата во тесната и задушна „хибарка", и колку духовна светлина се разлеваше среде нејзиниот таинствен полумрак! Колку луѓе поминале оттука! Мнозина од нив доаѓале со горчливите солзи на страдањата, а излегувале со солзи на радост. Очајните си заминувале утешени, неверните и оние кои се сомневале постанувале верни чеда на Црквата! Баќушката беше извор на многу благодатности! Титулите на луѓето и нивната положба немаа никакво значење во неговите очи. Тој ја бараше душата на човекот. Таа му беше толку скапа, што тој забораваше на себеси и со сите сили се трудеше да ја насочи кон вистинскиот пат на спасението. Од утро до вечер, измачен од своите болести, старецот примаше посетители... Зборовите му се пресретнуваа со вера и беа закон. Неговиот благослов се сметаше за голема среќа. Удостоените со таква милост излегуваа од неговата ќелија, крстејќи се и благодарејќи на Бога за добиената утеха."
(продолжува)
Од книгата ОПТИНСКИ СТАРЦИ( издавач: ЃаконијА)
Посети:{moshits}
(Нов Валаам)
Еднаш, во месец август, седевме со схи-игуманот Јован во градината на Нов Валаам и разговаравме. Денот беше топол сончев, но веќе се чувствуваше близината на есента. Проѕирен воздух, реска ладовина, тивко утро се златееше на сонцето.
- Кажете ми, отец Јован, за застранувањата во молитвата Исусова и дали ги има?
- Како да ги нема. Бесот (демонот) секаде напаѓа. Ако на мирјанинот, заради искушение му е доделен еден бес, на монахот му се доделени два, а на оној кој се занимава со Исусовата молитва – сите три. Сте читале во Зборникот за молитвата Исусова и Беседите за молитвата Исусова кои ги издаде покојниот игуман Харитон?
- Читав.
- А таму за тоа се зборува прилично многу. А суштината е при занимавањето со молитвата Исусова дека треба да се има длабоко смирение и во никој случај да не се има високо мислење за самите себе. А некои го имаат. Зошто ние ја кажуваме Исусовата молитва? Да, постојано се сеќаваме на Господа и каејќи се за гревовите се доаѓа до духовно успокојување, внатрешно безмолвие и љубов кон ближниот и вистината. Дури тогаш кога ќе го достигнеме тоа ние ќе живееме во Бога, Кој е љубов. Но, има луѓе кои гледаат на таа молитва како на некоја магија, која ќе им ја прибави моќта да читаат мисли, прозорливост, дар на чудотворство и исцеление, итн. Таков пристап кон молитвата е крајно погрешен. Оние кои така постапуваат се опрелестени од бесови, кои, додуше, им даваат од себе некоја власт, но само затоа сосема да ги погубат, занавек. Ете, јас бев игуман на Печенга. Тоа е многу далеку, на бреговите на Ледениот Океан. Преку лето сонцето не заоѓа три месеци, а преку зима три месеци трае ноќта. Голема е самотијата таму. Бурен океан и бесчовечка, мрачна тундра секаде наоколу. Во такви услови се случува некои монаси, молејќи се неконтролирано, да се повредат себеси и почнуваат да слушаат невидливи гласови и да имаат виденија... На еден таков монах во ќелијата почнаа да му се јавуваат гласови како од Ангели, кои му сугерираа дека се искачил на чудесна висина и дека може да чини чуда, па дури, како Спасителот, дури и по вода да оди. Тие гласови го убедија несреќникот да се огледа себеси на мразот и да премине преку тенок лед, како веќе да ја достигнал моќта на бестежинското лебдење. Па, тој така и тргнал и пропаднал низ ледот во водата, па иако почнал да вика и потоа бил спасен, од студената вода се разболел и наскоро потоа починал, каејќи се.
Тоа се екстремни случаи, а другите бесот на друг начин ги угнетува. Молејќи се и гледајќи кај себе некаков духовен напредок, тие почнуваат со него да се гордеат и сите останати да ги сметаат за пониски од себеси и недостојни, додека на себе гледаат како на избран сад Божји. Таквите молитвеници обично се осудуваат, лесно се раздразнуваат ако некој ги укори и секогаш се во некоја збрка. Иако кај апостол Павле се вели дека оној кој повика кон Господ Исус Христос за спасение и кој Го исповеда како Син Божји – ќе биде спасен, сепак нас Самиот Спасител не поучува дека „нема секој кој ќе Му каже – ’Господи, Господи’ да биде услишен“, туку „само оној кој ја исполнува волјата на Небескиот Отец“. А тие луѓе, иако Го повикуваат Бога, со срце стојат далеку од Господ. Неопходно е, значи, на молитвата да и се придружи и исполнувањето на Божјите заповеди, оти верата без дела е мртва и со дела верата достигнува совршенство.
- А како да знаеме, отец схи-игуман, кому да му се обратиме за совет?
- Барај за себе Старец добар, смирен, кој пребива во мирот на совеста и во внатрешно безмолвие, то ест никого не осудува. А од оние кои се осудуваат и со се се незадоволни, па уште и среброљубиви, од таквите бегај, оти покрај нив уште и самиот ќе се развратиш. А помни уште и дека со Старецот можеш да живееш до одреден час, извесно време, а штом ќе се научиш на извршувањето на молитвата и чувањето од помисли, што ќе ти е Старецот? Не може цело време да се биде детенце, туку со години човек за се треба сам да одговара. И ти сам можеш да станеш Старец, кога ќе дојде време.
- То ест, како тоа?
- Па, многу просто. Старецот е човек богат со духовен опит (искуство) и мудрост, и со голема љубов кон луѓето. Старци биле и прости монаси, како и незаборавниот Зосим Верховски, кого Достоевски го пресликал во својот старец Зосима (а никако не го зел епископ Тихон или отец Амвросиј Оптински, како што велат некои). Кога ќе го прочиташ житието на старец Зосима, ќе видиш.
Такви беа старецот Василиск Турински, Јован Молдавски, схи-јероѓакон Мелхиседек, прочуениот Старец кој доживеал 125 години. Старец Данило Агински, големиот подвижник и учител, во Сибир, а ете, и Кузма Бирскиј, беа обични мирјани и свештеници, а кај нив за совет доаѓале не само мирјани и свештеници, туку и монаси и епископи, и тоа оние премудри. А зар Старец не е и автор на Кажувањата на еден боготражител?
Во преписката на отец Амвросиј Оптински најдов дека боготражителот потекнувал од орловските селани, а бидејќи ракописот бил пронајден на Атос, во манастирот на Свети Пантелејмон, веројатно таму постои и оригиналот на тој ракопис. Веројатно боготражителот, враќајќи се од Светата Земја назад во Русија, го посетил Атос, како што тоа го правеле многу поклоници, па за своите поклонички патувања му раскажувал на јеросхимонахот Јероним Саломјенцев, а тој наредил тоа да се запише или богомолецот – странствувател, се самиот запишал, па унинието можеби и останало на Атос.
- И таквото странствување е подвиг, отец Јован?
- И тоа уште каков! Само јуродивството е повисоко од него, оти е потешко. Но јуродивството не е допуштено, освен на многу ретките, и тоа по благослов на големите Старци. Ние ни малку не можеме да носиме, па како да се впуштаме во големото. Ете, за старецот Леонид Оптински се раскажува оваа приказна.
Еден монах му досадувал со молбите да го благослови да носи вериги, а Старецот му одговорил: „За што ти се веригите? Самото монаштво веќе претставува тешки вериги, ако се се прави како што треба“. Но, монахот и понатаму молел. На крај, Старецот му дал благослов, а потоа го повикал монахот-ковач и му кажал: „Утре ќе ти дојде монах да те замоли да му направиш вериги, а ти на тоа кажи му: „За што ти се вериги?“ И уште удри го како што треба!“. Идниот ден, пак, дотрчал кај Старецот оној ист монах, сиот разгневен, и му раскажал како тој го замолил ковачот да му направи вериги а овој дека наместо тоа го удрил. „Но ете“, одговорил Старецот, „ти една шлаканица не истрпи, а дотрча овдека да се жалиш! Од каде ти е да носиш вериги! Ете, не треба да се залетуваш над своите сили!“
- Мене отец Михаил ми говореше: сеј, брате, добар збор насекаде – и во трње, и крај патот, и на камен, може да се случи да израсне и да донесе плод, може и стострук. Што мислите вие, отец игуман?
- Но кога веќе така кажал отец Михаил, треба да го послушаш. Сеј добар збор насекаде, па, ете, и ти ќе странствуваш како оној поклоник – странствувател. Тоа, брате, не е мал подвиг.
- А можам ли јас тоа да го издржам, баќушка?
- Со вера ќе возмогнеш, оти е кажано: „Се можам во Исуса Христа Кој ми дава моќ!“. Ете, зафати се за молитвата Исусова и таа ќе те изведе (од сите искушенија).
Подготвиле: Б.М./Б.Ѓ.
Посети:{moshits}
Сергеј Бољшаков
Беше тоа во пролет, на денот на Вознесение Господово, при самиот крај на месец мај. Беше убав и сончев ден. Јоргованот скоро да имаше процутено, а на овошките веќе се забележуваа неголеми круши и јаболки. Седев со отец Тихон на клупичка во градината.
- Каква благодат! – забележа отец Тихон. Благо време. Треба да живееш и да се радуваш. Кај оној што ја твори Исусовата молитва, како оној боготражител, во душата секогаш е пролет. За ништо не треба да се врзуваш. Исто така не треба ни да живееш во минатото ни во иднината. Треба да живееш во сегашноста, во денешниот ден, а за се да Му благодариш на Бога. Така се поминува. Ете, епископ Тихон Задонски, мојот ангел, има напишано: „Се е минливо како вода; бев дете, сирото, и многу се напатив, и тоа помина; во училиште бев сиромашен, ми се смееја, - и тоа помина; потоа како најдобар завршив богословија, станав предавач и почнаа да ме уважуваат – и тоа помина; ме произведоа во архимандрит на голем манастир, па ме поставија за ректор на богословијата, луѓето почнаа да ми се умилкуваат – и тоа помина; станав архиереј, патував со кочии со повеќе запреги, престојував на дворот, видов многу добро и зло, користољупците ропски ми се поклонуваа – и тоа помина; се повлеков, почнаа да ми здодеваат, дојдоа болести – и тоа помина; потоа дојде староста – вечен покој, се надевам“. Ете, Сергеј Николаевич, тоа е нашиот живот. Јас се родив во сиромашно семејство, учев во скапо училиште, стапив во гарда, бев на дворот, се насладував на животот на пијаниот како Лав Толстој, и тоа помина. Дојдоа неуспесите на Академијата, женидба со разведена жена, интриги, одење под суд, неволји и жалости, и тоа помина. Како млад бев унапреден во полковник. Но веќе го имав изгубено интересот за кариерата. Увидов дека се е пропадливо и минливо. А тогаш, војна револуција, граѓанска војна, емиграција, женината страшна болест и нејзина смрт, тешка работа како надничар – и тоа помина. Сите тие жалости и страдања ме приведоа кон верата и монаштвото, и ја научив вештината на непрестаната молитва, и на се се радувам. Без жалости и тешки искушенија јас воопшто не би и пришол на верата.
- А кажете, отец Тихон – го прашав монахот – како да се стекне духовен мир, како да се избегнат бескорисните болки и илузорните надежи?
- Еве како би кажал. Живејте во сегашноста. „Доволно му е на секој ден неговото зло“. А притоа, зафатете се за молитва. И тогаш ќе ви се отвори нов и чудесен свет. Токму така? Вие знаете за ноќните пеперутки? Тие ни изгледаат неугледни и неинтересни, но на другите пеперутки, кои имаат подруго устроени очи, тие им изгледаат исклучително убави, сјајни, се прелеваат во сите бои на виножитото. Баш така и на оние, кои достигнале созерцание, како оној боготражител, светот им изгледа поинаку. Во се се гледа величественоста на Творецот и Неговото неисцрпно милосрдие. И штом молитвата почне да му прилегнува на срцето, доаѓаат таква утеха и радост и се отвораат такви созерцанија во суштината на секоја твар, што тоа не може да се искаже. Тоа може само по опит да се разбере.
- А зарем тогаш не може да се западне во гордост?
- Може многу лесно. Но можно е да се избегне тој пад. Преподобни Макариј Велики со право воочил дека без сите други добродетели човек сепак може да се спаси. А сатаната имал се, освен смирение, и паднал занавек. Добро е богомислието и размислување за големите тајни, кои не опкружуваат, но оние на кои што притоа им недостасувало смирение, паѓаа во мудрување, и се спротивставуваа на Црквата и пропаднаа.
- Имам читано, отец Тихон, дека тибетските „отшелници“ кои се подвизуваат со повторување на мантрата (молитвата – „Ом ман падме хум“, т.е. “Благо, во лотосот те поздравувам“), постепено доаѓаат до голема тишина и восхитување. Кога ќе стигнат до одреден врв, тие постепено ја скратуваат мантрата, и, најпосле, еднаш во текот на ноќта, излегувајќи од својата пештера и гледајќи ја величенственоста на звезденото небо, кажуваат само „О!“ и изумираат во согледувањето на величенственоста која им се открива. Ете, и Алберт Ајнштајн го прашаа дали тој има вера. Им одговорил: „Да, ако под неа подразбирате одушевеност од модроста и величенственоста кои владеат со светот“.
- Но учењето на црковните догмати Ајнштајн не го признаваше. Што мислите за тоа, отец Тихон?
- Не е наше да судиме што гледаат тибетските отшелници или како Ајнштајн го сфаќа Божественото. Ние го имаме Светото Писмо, Добротољубието и искуството на многу подвижници. Ние ќе се подвизуваме во Исусовата молитва, смирено и со трпение, и во свое време ќе дознаеме се што треба, ако не попуштиме. Главно кон што треба да тежиме е – љубовта, љубовта кон Вистината, т.е. кон Бога, и љубовта кон ближниот. Бог е љубов. Во тоа и се разликуваме од подвижниците на будизмот и хиндуизмот: кај нив е главно – знаењето, злото за нив доаѓа од незнаење, додека кај нас главна е – љубовта. На Страшниот суд нема да не прашаат каде, како и колку сме се молеле и созерцувале, туку дали сме го нахраниле, напоиле, или посетиле ближниот наш. Со тоа ќе бидеме или осудени или оправдани. Тоа не значи дека ние не можеме да се предадеме на созерцанието. Тоа особено и приличи на староста, кога веќе немаме сила за делотворно милосрдие, а исто така и на оние кои Господ ги повикал пред Него да стојат. Но, ни отшелниците не смеат потполно да се осамат, туку треба писмено или усмено да одговараат на духовни прашања кога им ги поставуваат. Сите големи отшелници тоа го правеа, и Антониј, и Макариј, и другите. Се треба да се работи со топлина во срцето.
Подготвиле: Б.М/Б.Ѓ
Посети:{moshits}