Повардарската епархија прослави јубилеј
Моравме да ги градиме религиозните и национални чувства кои со векови беа поткопувани од страна на лицемерните поробувачи, изјави владиката Агатангел
Половина век од постоењето на МПЦ е голем настан од Македонското црковно воскресение кој придонесе за духовна и национална слобода на македонскиот народ и држава, оцени архиепископот г.г. Стефан на Духовната академија посветена на големиот јубилеј на МПЦ, но и на 30- годишнината од формирањето на Повардарската епархија. Свеченоста се одржа во црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес. Оваа историска одлука на нашите непосредни предци придонесе да и' се врати славата на Светата црква, древната Охридска архиепископија, која неканонски од друговерна власт беше укината во 1767 година. Нема поправеден суд од судот на времето и историјата, кој говори дека во вистинско време се донесени одлуките за возобновување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква, како знак на наше распознавање и како чеда Светиклиментови - изјави во беседата архиепископот на МПЦ, г.г. Стефан. Во овој полувековен период МПЦ успеала да возобнови и изгради стотина духовни светилишта, а македонските цркви и манастири станаа расадник на автентичната македонска култура и современото христијанско живеење. Споредено со сестринските соседни православни цркви, во овој период МПЦ е со најголем напредок бидејќи, за разлика од нив, моравме да ги градиме религиозните и национални чувства кои со векови претходно беа поткопувани од страна на лицемерните поробувачи - изјави владиката Агатангел, митрополит на Повардарската епархија, организатор на свеченоста. Тој потсети на 30-годишнината од формирањето на Повардарската епархија. Нејзини владици биле митрополитите Гаврил и Михаил, кои подоцна доаѓаат на местото архиепископи на МПЦ. Сумирајќи што е сработено откако тој е митрополит во Повардарската епархија, ги истакна отворањето на народната црковна кујна, почетокот на изградбата на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во центарот на Велес и богатата издавачка дејност. На Духовната академија настапија оперскиот пејач Борис Трајанов, актерката Весна Димитровска и Црковниот хор „Св. Пантелејмон“.
Петар Печков