Втор ден Духовден. И оваа година се остварува долгогодишната традиција. Литија до црквичката посветена на Св. Троица. Но ова не е обична литија. Малку е поинаква од вообичаените литии. Разликата е во тоа што оваа се одвива на 1900 метри надморска височина.
Часовникот покажува неколку минути пред пет часот наутро. Народот се собира пред црквата во Горна Белица. Ова село е сместено високо на Јабланица. Толку високо, што од тука се гледа целото Охридско езеро како на дланка. Но и вака високите места имаат небо и места повисоки од нив. За Горна Белица тоа место е Парумба. Гулабица, на Влашки.
Од искони на Парумба има извор на кој му се припишуваат лековити својства. Народот доаѓал, и не престанал да доаѓа.
Но литиите, како оваа станаа годишна традиција откако е изградена црквата. Речението за градење на оваа светија е предадено преку сон. |
|
|
|
Ѕидовите на црквата се живописани од зографот Лазар Лековиќ, a e осветена од Митрополитот Дебарско-Кичевски, г. Тимотеј.
|
|
|
|
Иконата на Св. Троица е носена во Литија која се упатува по стрмната планинска патека. Не очекува напорно искачување од два и пол часа. Доживувањето е духовно. Како да го одсликува созерцанието на Света Троица. Отпрвин почнува благо и лесно. Колку повеќе се искачуваме, станува поубаво но и потешко. Патот почнува во планинска шума, која подоцна е заменета со стрмна голина. На места е толку стрмно, што ако не се внимава може и да се настрада.
|
|
|
|
|
|
Стрминината станува напорна па престануваме дури и со разговор. Сите потонуваат во своите мисли и молитви. Се штедат силите за преостанатиот пат, кој само станува се потежок и потежок. За среќа, традицијата налага, кога ќе се стигне до одредено место обележано со еден камен, да престане секакво зборување.
И како во описот на псевдо Дионисиј Аеропагит кој вели дека кога во созерцанието на Света Троица ќе стигнеме во близина, настапува апсолутен молк...па дури и внатрешната молитва престанува, така и со последните неколку стотини метри до Парумба. Се гледа црквата таму високо, како цел, како надеж, а силите се при крај. И сепак нешто те тера да го довршиш тој пат дури и пободро од кога си тргнал, таму некаде доле... Глетката е величенствена. Се другарува со облаците. Буквално. Не се опишува, само се доживува. Дури и сликиве се недоволни да го опишат она што се чувствува. |
|
|
|
|
|
|
|
Литијата се приближува до црквичката. Веќе неколку години по ред, монаси од манастирот Св. Јован Бигорски се со нас. Луѓето палат свеќи на камењата околу црквата. Храмот е мал да ги прими сите. Но на Парумба чиниш дека и надвор, си под најголемата Божја купола.
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
Се служи Литургија, а потоа се свети вода. Водата од изворот им помогнала на многумина. Безродни - родиле, болни - оздравеле. Водата и верата.
Никогаш нема да ја заборавам сликата кога една млада Албанка која на раце го носеше своето болно чедо. Сама. До Парумба. Секоја година, во литијата има и Албанци. Вера. Не е тоа пикник. Тоа се солзи. И молитви. Гулабицата е сведок за тврдата вера кај луѓето. Парумба е една.
А догодина...Догодина повторно ќе се собереме на Втор Ден Духовден пред црквата во Горна Белица, и повторно ќе ги искачиме суровите и прекрасни стрмнини на Јабланица. Затоа што таму високо, во облаците, над езерото, над Струга и Охрид, над сите нас...не чека Парумба.
|
|
|
|
ТГ
|