Што е суштината на свештенството? Дали е тоа авторитет? Или пак привилегија? Дали е тоа можност за едниот, да биде неколку чинови над другиот? Не! Вистинската суштина на свештеничката служба е оваа: ако секој христијанин треба да Го пронајде Христа во својот живот, ако инженерот – христијанин треба во Црквата да открие што значи да се биде христијанин – инжинер, ако христијанскиот романописец треба во Црквата да ја открие идејата за христијанската уметност, а таткото христијанин и мајката христијанка – суштината на христијанското родителство, во средиштето на заедницата мора да постои некој, кој токму како Христос, нема ништо што би било негово, но во кого и преку кого, секој може да го открие својот пат.
Суштината на свештенството е, според зборовите на Светиот Апостол Павле “да им се биде на сите се“ , на секој да му се биде Христос.
Свештеникот е оној, кој Го прави Христа присутен, кој ја претставува Христовата грижа, Христовата љубов, Христовото учење и кој има сила да го преобразува собирот на луѓе во Црква, обредот во Света Тајна.
Затоа, Светата Тајна свештенство, не се однесува само на оној кој е ракоположен, туку на целата Црква.