Божикно послание (04.01.2018)
Ние луѓето сме создадени за благодатна заедница со Бога, и од искона ни е дадена можноста себеси и сето творение непрестајно да Му го принесуваме на Творецот. Но нашите прародители, поради гревот, отпаднаа од таа заедница и, заменувајќи го богољубието со самољубие, Го заборавија Бога, па човекот започна да живее само за себе. Но бидејќи без Бога нема живот, обезбожениот свет се наполни со омраза и со неизвесност и настана бесмислена борба на секој против секого. Човекот застана дури и против својот Создател!