НА 24 ЈУНИ ЌЕ СЕ ОСВЕТИ МАКЕДОНСКИОТ КРСТ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ
24 јуни 2014 година, Скопје, Македонија - Осветувањето на Македонскиот Крст во општина Аеродром, во ктиторство на Светскиот Македонски Конгрес, како неформален Светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, ќе се изврши на 24 јуни 2014 година (вторник) во 11.00 часот.
Осветувањето ќе го изврши Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски и Митрополит Скопски во сослужение со повеќе епископи на Македонската Црква и свештенослужители на Скопската Епархија.
Македонскиот Крст во општина Аеродром е донација на ДАБАР дооел Скопје, КВАЛИТЕТ ПРОМ дооел Скопје, ГОИВА БЕТОН Скопје, ПОЛСЕР ИНВЕСТ дооел Скопје, ЛИТИНГ дооел Скопје, ИЗОТЕХНА дооел Свети Николе, ПРОТОТИП дооел Скопје, РЕМИС Охрид, ТИНЕКС Скопје, БАУЕР БГ Скопје, МАК СТИЛ АД Скопје, Н.Ѓ. ИНЖЕНЕРИНГ Скопје, ТИККУРИЛА ДООЕЛ Скопје, ВУЛЕ КОМ Скопје, АРИЉЕ МЕТАЛ Скопје, ИАТ АЛАТИ Скопје, ФОРТУНА МК Скопје, МГИ ИНВЕСТ ЛТД, Општина АЕРОДРОМ и Град СКОПЈЕ.
Светскиот Македонски Конгрес, на осветувањето, на сите донатори ќе им врачи плакети “Македонски Крст - Аеродром“ како благодарност за донацијата и вечен помен за верата и татковината!
Македонскиот крст во општина Аеродром е трет крст во светот висок 56,5 метри, поставен на бетонски постамент висок 5 метри, со 34 метри распон на краците (17 метри секој крак) и широк 4 метри. Во Македонскиот Крст е вградена челична конструкција од 80 тона. Во основата, Македонскиот крст е поставен на 12 шипови со длабочина од 9,5 метри. Во Македонскиот Крст се вградени 750 тони бетон и 30 тона арматурно железо. Челичната конструкција е премачкана со миниум и алкална златна боја. Македонскиот Крст е осветлен и ноќе претставува вистинска атракција во тој дел од општината Аеродром и од градот Скопје.
Градот Скопје и општината Аеродром го оплеменија просторот околу Македонскиот Крст со парк, збогатен со зелена површина, клупи за седење, патеки за пешачење и фонтана со вода за пиење.
На постаментот за металната конструкција која е осветлена со рефлектори, поставени се икони на дванаесетте Свети Апостоли, дванаесетте ученици на Исус Христ, првоизбрани од Него за да го шират Евангелието: Апостол Петар (Симон), Апостол Андреј (брат на Петар), Апостол Јаков Зеведеев, Апостол Јован (брат на Јаков), Апостол Филип, Апостол Вартоломеј (Натанаил), Апостол Тома, Апостол Матеј, Апостол Јаков Алфеев, Апостол Тадеј (Леви, Јуда Јаковов), Апостол Симон, Апостол Јуда Искариот. Савле, подоцна Апостол Павле е тринаесеттиот апостол на Исус. Празникот Собор на Светите Апостоли се празнува на 13 јули секоја година.
За очекување е до Македонскиот Крст да се изгради Црквата “Светиот Крст“, посветена на Македонскиот Крст.
Изградбата на Македонскиот Крст беше завршена на Христовото воскресение, Велигден, на 20 април 2014 година, а Неговото осветлување за големиот христијански празник Христовото Воскресение, Велигден, претставуваше најголема молитва пред Господа за победата на животот над смртта, за спасение на човештвото, на Македонците и на Македонија.
Македонскиот Крст е во близина на Средното училиште на Градот Скопје “Марија Кири Склодовска“, меѓу булевар “Трета Македонска бригада“ и булевар “Србија“, кој ги поврзува општините Газа Баба, Аеродром и Кисела Вода. Македонскиот Крст во општината Аеродром ќе се гледа во сите три општини, но и од сите Скопјани во македонската метропола.
На осветувањето на Македонскиот Крст на 24 јуни 2014 година (вторник) во 11 часот, добредојдени се сите православни верници и добронамерници кои си ја сакаат татковината Македонија!