До: Антиохиска Православна Црква, Епархија за Австралија, Нов Зеланд и Окејанија и Антиохиската православна младина на Австралија (АСОУ)
"Каде одиш, ти кој беше утеха на народот и заштитник на верата и духовната борба"?
Дозволете најнапред од мое име и од името на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија: Австралиско – сиднејска епархија, односно од името на Македонската православна младина на Австралија (МОYА), во овие тешки моменти на тага и жалост на Вашата Помесна Православна Црква по повод блаженото упокојување на многупочитуваниот пастир, Неговото Високопреосвештенство г. ПАВЛЕ (Салиба), Митрополит за Австралија, Нов Зеланд и Окејанија – да го изразам моето сочуство за огромната загуба на Православието во Австралија.
Личноста на почитуваниот Митрополит Павле, вечно ќе остане во сеќавање во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, пред сѐ тој беше личен пријател и човек кој ја сакаше нашата Помесна Црква. Бил дури во посета на нашата библиска земја Македонија и во секоја прилика бил наша потпора на Австралискиот континент.
Нема други зборови со кои може да се надмине тагата на последното збогум, освен библиските зборови. Знаете дека во историја има само една разделба што не била со тага, туку со голема радост, а тоа е разделбата на Воскреснатиот Господ Исус Христос со неговите апостоли. Но, навистина нема човек, што не се потресува поради разделбата со ближниот, со оној што го сака, со оној што го почитува. Тоа е во природата на човекот. Но знаете дека нашиот живот е кратко патување, и зашто небото е единствената вистина и вечната татковина. Затоа „блажен е патот по кој што денес врвиш душо, зашто ти е приготвено место за почивка и знаете дека чесна е во очите на Господа смртта на Неговите преподобни (Пс. 115, 6).
Со таа надеж, иако тажни, стоиме спокојни и смирени, и сме со сигурен поглед во иднината која постепено се претопува во вечноста, кон вистинската цел, небесниот Ерусалим – Божјото Царство.
Бог, Света Троица, по молитвите на светиот, чие што име достојно го носевте, да Ви подари Царство Небесно, а на земјата споменот да Ти биде вечен.
Др. Ананија Ананиевски