Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ вчера го посетија манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок, каде што се сретнаа со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Канческа-Милевска најави обновување на внатрешноста од конаците, отстранување на влагата од црквата „Света Богородица“ и обнова на старата црква што се наоѓа на два километри од манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во правец на планинското село Варвара.
Проектите треба да ги спроведува Националниот конзерваторски центар за заштита на спомениците, а нивната реализација ќе започне идната година. На црквата „Света Богородица“ каде што претходно е реставриран фрескоживописот, летово ќе се работи на заштита од постојната влага, а на манастирскиот конак веќе се обновени фасадата и покривната конструкција. Најавено е реновирање на сите простории, вклучувајќи ја и црквата, Спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ и на придружните содржини во конакот.
Извор: Утрински весник