1/14 јануари 2016 лето Господово
На осмиот ден од Христовото раѓање, достојно му се придружи и сеславниот спомен на светителот Василиј. Почитувајќи го неговиот спомен со вера, ние Го воспеваме Господа и Го превознесуваме во вековите.
(Од Канонот на празникот)
Денес Црквата Христова двоен празник празнува. Денес таа, откако Христовото Овоплотување го прослави, нѐ воведува и во длабочината на овој чудесен настан, во содржината на снисходењето Христово, во светлината на Домострој Негов за спасение на родот човечки. Ете Обрезанието Негово избраниот народ Божји денес го слави, и љубовта Божја ни се покажува: дојде Спасителот на светот, дојде Творецот на Законот Мојсеев не само за да докрај да го исполни, туку и да го надмине. Зашто исполнувањето на Законот го подготвува човекот за примање на верата во Овоплотениот Христос, за живот во совршената љубов Христова која сѐ надминува. А тој богоблагодатен живот во крштелниот купел започнува, каде ние кои во Него се облекуваме, го отсекуваме непотребниот и нечист дел од нашата природа – гревот кој нѐ ранува.
И не е случајно тоа што Бог промислил на овој голем празник да си спомнуваме и за славните подвизи на Великиот Василиј. Неговиот лик е светол пример кој треба да се следи, оти тој животот свој во созерцавање го мина, умртвувајќи ги похотите со духовно и телесно воздржание. Неговиот живот на близина со Спасителот нѐ повикува, и нѐ охрабрува во нашите скромни подвизи, со својот пример покажувајќи ни како да ги отсечеме нечистите страсти, па така преродени преку Божјата благодат да не живееме веќе ние, туку Христос Господ во нас да живее. Зашто навистина човекот кој преку подвиг се ослободил од слабостите на својата падната природа, притекнал во спасителните прегратки Божји и Нему близок и мил му станал, та од Него - Премудриот Учител - научил и сиот свет да го прегрнува со своите молитви.
А зарем постои поголемо сведоштво за близината со Бога, од близината која секој од нас преку подвигот на послушноста треба да ја стекне со својот Старец. Таа близина е критериум за нашиот духовен раст и развој до мерата на растот Христов, во полнотата на совршената љубов Христова. Токму поради тоа браќата и сестрите од нашите Свештени Обители и народот кој притекна за да ги прослави овие чудесни спомени, молитвено и топло прибегна кон духовните прегратки на највозљубениот Старец Архимандрит Партениј кој, пак, нѐ поткрепи со своето богопоросветлено слово, истакнувајќи:
„Нека ни е благословено, браќа, новото лето Господово. Еве, по милоста Божја, ни се дава уште една Година за покајание. Но, еве ни и една прилика малку мисловно да се свртиме зад нас, да погледнеме како ја поминавме минатата година. И да побараме од Бога сили, да Го помолиме да ни испрати од Својата благодат за оваа следна година да ја поминеме пополезно за нашето спасение и за спасението на нашите ближни, за кои сме повикани да дадеме одговор. Оти нашиот монашки живот е и апостолски. Како што Апостолите Христови, знаете, зеле на себе крст за спасение на другите, така и ние монасите сме повикани од Бога да бидеме подобно на нив сол на земјата и светлина на светот. Затоа да просиме од Господа да нè просветлува со Божествена светлина секој ден, та да можеме да се поправаме себеси што повеќе, а преку нашето лично покајание, преумување, да приведуваме и други души кон спасителниот пат во Христа. Да го ползуваме секој миг од даденото ни време за што повеќе да се приближиме кон Бога, да бидеме будни и внимателни, ревносни во подвигот и бодри со духот, да не му допуштиме на ѓаволот да нè занесе и да нè успие, оти тоа му е целта: да го злоупотреби времето што Господ ни го дал за спасение за да нè погуби. И колку би било жално тоа, доколку она што ни е дадено од Бога за наше спасение, послужи за наша погибел! И кога ќе се свртиме назад да видиме дека, за жал, времето сме го поминале неполезно. Затоа ве молам повеќе да се трудиме во монашкиот подвиг. Мене, како ваш игумен и духовен татко, ми е голема радост и утеха кога ве гледам како се трудите и напредувате во благодатта, а колку повеќе, пак, ни се радува Господ, Кој нè повикал со Својот Божествен глас и нè собрал тука заедно, во Негово име! Да не Го жалостиме, туку да Го радуваме постојано. И да знаете, ако во подвиг и смирение го поминуваме времето што ни е подарено од Него, тогаш Он многу ќе ни се радува и ќе ни испраќа повеќе благодат. Нека биде така! На многаја лета и нека нè крепи Господ по молитвите на Св. Василиј!“.
Со особена татковска љубов, пак, Старецот им се обрати на нашите штитеници, и посакувајќи им претстојната година да им биде исполнета со многу радост и добри дела, ги поттикна да го минуваат времето во душеполезен и богоугоден живот:
Ви посакувам благословена и богоугодна нова година и сите ние полезно да го користиме времето што Бог ни го дал. Вам сите Бог повторно ви даде шанса за нов почеток. Ве донесе овде во манастир да Го спознаете Него, Најпрекрасниот, и да се преродите во нови личности во Христа. Затоа искористете го добро ова време. Нека оваа година, а и сите останати до крајот на животот, ви бидат благословени, и вистински плодотворни за ваше спасение и за спасението на вашите ближни. Да им бидете добар пример, оти, верувајте, гледајќи ве вас како се преобразувате и препознавајќи го во вас Христовото дело, и тие самите ќе посакаат да бидат дел од него. Потрудете се, затоа, да се поправите, за кога ќе се вратите во светот другите да не се разочараат во своите очекувања, туку сите да видат колку многу сте научиле овде во Манастирот. И немојте да ја губите благодатта што Господ толку милостиво ви ја дава, туку со својот труд и напредување во добрите дела и послушанието, умножувајте ја и разгорувајте ја. Зашто Господ е многу дарежлив, но сака и ние да се потрудиме малку. Направете го, затоа, времето овде на земјата свој пријател, а не непријател, за да ја стекнете вечноста. Нека ни биде поука на сите животот на славниот Св. Василиј Велики. Среќна Нова Година, на многаја лета!
Извор: Бигорски манастир