Православната икона преставува прозор кон вечноста. Таа е светло-живопис на Богочовекот Исус Христос и целокупното Божјо создание. Осветена од Божествената светлина, не поттикнува на очистување и просветлување. Нејзината светлост која е ослободена од природните закони, ги миросува и преобразува лицата и телата на насликаните битија во безвременски и рајски. Токму затоа иконата претставува една необична слика, која што изобразува пејсаж на нашиот свет, не пропадлив каков што е сега, туку просветлен и прочистен каков што го устроил Бог во вечноста.
Таа светлина зрачи и од фреските кои се живописани на ѕидовите на храмовите, чии ликови го манифестираат своето живо присуство на Литургијата заедно во единство со верниот народ. Таа светлост ги надминува природните закони на оптиката изразувајќи ја Божествената слобода. Затоа на иконите и фреските Христос не се претставува како индивидуа, туку на нив се открива тајната Негова, како тајна на целата Христова Црква, каде се собрани светите, односно светлите.
Секој свет кој се изобразува на иконата / фреската ги има истите особини на светлоста како и Христос, што значи дека се охристовува по Неговата благодат. Тоа осветлување по благодат светиот го изедначува со останатите светии во соборноста на Небесната Црква.
Демоните кои се изобразени на иконите и фреските не се претставени како добри или лоши, или убави или грди, туку како битија кои ја порекнуваат и отфрлаат заедницата на несоздадената Светлина и затоа се претставени како мрачни и темни. Бог на сите свои созданија им ја испраќа својата несоздадена сила и енергија (благодат), која не допира до демоните кои себе си се затвориле и изолирале од целокупната Божја љубов. Поради тоа иконата / фреската не поттикнува на љубов кон Бога, не само низ призмата на нашето индивидуално очистување од нашите страсти, но и преку очистувањето и измирувањето на нашите меѓусебни односи со Бога.
Конечната цел на иконата и фреската е да ни помогне да го видиме Самиот Господ Исус Христос и светиите преку нашите духовни сетила, како потполно нови битија какви што никој предходно не ги видел и да ја зацврстиме нашата вера во вистинската светлина на Православната Црква, во сите денови на нашиот овоземен живот.
м-р И. О.
Посети: {moshits}
Во оваа Света тајна, христијаните ги исповедуваат своите гревови направени по нивното крштение пред свештеникот и преку него невидливо добиваат опростување на гревовите од Господа Исуса Христа. Секој христијанин е должен да ги исповеда своите гревови во дух на искрено покајание и цврсто ветување на Бога, дека ќе се труди со сета своја сила да ги избегнува гревовите и нема да ги повторува истите. По исповедта свештеникот дава благослов за опростување на гревовите, нагласувајќи дека тоа го прави во името на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Оваа Света тајна ја установил Господ Исус Христос по своето воскрсение, во своето прво јавување на апостолите, давајќи им власт да можат да ги опростуваат гревовите:"Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат'(Јован 20, 22-23)
Видливата страна на оваа Света тајна се состои во усмено исповедање на гревовите, благословот од свештеникот и одредените молитви. Невидливата страна се изразува во невидливо опростување на гревовите под дејство на благодатта Божја. За оваа Света тајна верниците се подготвуваат преку пост, молитва и правење добри дела. Потоа, испитување и сознавање на своите гревови, зашто без сознание на гревовите не е можно да има вистински покајание, потполно исповедување на грвовите пред свештеникот, крстот и иконата, со ветување дека ќе продолжи да живее според Божјите закони, бегајќи од гревот, а сé со цел да добие спасение на душШата.
Изборот: од свештенството на храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)
Посети:{moshits}
Црквата претставува свето место, каде што Бог се слави и велича, каде што се извршува најсветата Христова жртва - Литургијата и каде што верниците се собираат за да бидат учесници на спасителните вистини и дарови. Затоа, должност на секој христијанин е редовно да го посетува светиот храм, а особено во неделните и празничните денови.
Секој кој влегува во храмот, треба да биде пристојно облечен: на жените не им приличи да влегуваат во пантолони, во куси здолништа, гологлави и со козметика на лицето, а мажите пред влезот треба да ја симнат капата од својата глава.
Пред да влеземе во светиот храм се прекрстуваме на следниов начин:
Ги составуваме палецот, показалецот и средниот прст од десната рака, ги ставаме на челото и изговараме: "Во името на Отецот", па под градите и ги изговараме зборовите "и Синот" потоа на десното и левото рамо и ги изговараме зборовите "и Светиот Дух. Амин". Невнимателното и неправилното крстење Го жалости Бога и претставува радост на нечестивиот, додека правилното крстење ги застрашува ѓаволите, ги стивнува грешните страсти и ја привлекува Божествената благодат (св. Јован Златоуст).
Притоа, правиме три мали поклони со зборовите: "Боже, биди милостив кон мене грешниот" и влегуваме во храмот. Откако влеговме, ги бакнуваме светите икони. Треба да знаеме дека главните икони на иконостасот се бакнуваат само на почетокот и по свршетокот на светата богослужба. Треба да знаеме и дека иконите со ликот на Господ Исус Христос се бакнуваат при крај или по нозете (ако Тој е претставен во целиот раст), а иконите на Пресвета Дева Марија (Богородица) и на другите Божји угодници
( светители) се бакнуваат во рака или отстрана, а никако во лице.
Додека сме во светиот храм, целото свое битие треба да го предадеме во молитва која што претставува духовен разговор со самиот Бог. Ако видиме некој познат, може да го поздравиме само со наведнување на главата, а не смееме да започнеме разговор кој секако ќе им пречи на свештенослужителите при светата богослужба, но и на сите верници кои дошле за да се молат.
Кога свештеникот, за време на богослужбата, го благословува народот со крст, Евангелие, икона или Путир (Света чаша), тогаш сите треба да се прекрстат, наведнувајќи ја својата глава, а ако благословот е со рака, тогаш верниците треба само да ја наведнат главата.
Кога се пристапува до Светата чаша ( да се причестиме), треба прво да ги пропуштиме најмалите и старите. Жените не смеат да имаат црвенило на својата уста.
Изборот: од свештенството на храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)
Посети:{moshitsi}
(Божјата благодат)
Божјата интервенција која во православното вероисповедување на верата е вткаена во силите на животворниот Свет Дух се вика Божја благодат. Зборот благодат доаѓа од грчкиот cariV, а во терминологијата на македонскиот јазик се поистоветува со харизма.
Покрај ова општо дефинирање на терминот Божја благодат , постојат и други обиди за нејзино објаснување. Така познатиот православен догматичар архимандрит проф. д-р Јустин Поповиќ вели:
"Сите Божествени стварности, овоплотувањето на Богочовекот Христос, непрекидно точат од себе неизброиливи и неизмерни Божествени сили и енергии, неопходни за човечкото суштество за спасение, за обожување, за охристовување, за оцрквување, за одуховување, за отроичување, за обогочовечување, со еден збор се нарекува благодад."
Благодатта може да се подразбере уште како и натприродна спасителна сила и енергија што преку Светиот Дух му се дава на човекот како Божји дар, заради искупителното дело на Господ Исус Христос, за нашето духовно очистување, осветување, обожување и наследување на вечниот живот. Тоа е посведочено и во Светото Писмо на Новиот Завет каде стои:
"Но ќе се оправдаат преку дар со Божјата благодат, а преку откупот во Христа Исуса" (Рим. 3, 24);
"Зашто по благодат сте спасени преку верата; И тоа не е од вас-Божји дар е" (Еф. 2, 8).
Кога ја основал својата Црква на земјата, Господ Исус Христос во исто време и ги дал на располагање потребните средства за успешно извршување на нејзината улога и мисија во светот. Тоа се благодатните Божествени не создадени сили и енергии, кои дејствуваат преку сите активности на црковните органи, во нејзината служба, за спасение на сите луѓе и нивно духовно надградување.
Божјата благодат православниот догматичар протоѓакон Воин Ракиќ ја дефинира како: натприродна Божја сила и негова помош, која им се дава на верните заради нивно осветување, морално усовршување испасение.
Изворот на благодатта е Св. Тројца. Се излева од Бог Отец, заради заслугите на Бог Син, преку Бог Свети Дух, кој им ја соопштува на верните.
Православниот теолог Владимир Лоски несоздадените сили и енергии ги детерминира како: Божји дејства кои се природни и нераздвојни од суштината, во кои Бог излегува надвор, се покажува, се соопштува и се дава.
Божјата благодат му помага на човекот да ја осознае својата грешност, го побудува на покајание, повикува на спасение дава опростување на гревовите, го просветува разумот за да го разликува доброто од злото, во служба на негово спасение и живот вечен.
м-р И. О.