логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Premin.167.168a

За да се сретнеме со Христос, треба да се потрудиме

                Ќе се обидеме да разгледаме три големи чекори - самоспознание, братопознание и богопознание. Ова се трите важни фази на духовниот живот. Трите односи на човекот, кои се делови што ја составуваат сликата на неговото спасение.
Самоспознанието е врската со нашето јас. Многу пати тоа создава проблеми кога не сме во контакт со самите себе. Еден старец на Света Гора велеше – Зборуваш ли некогаш на својата душа? И, се разбира, одговорот на повеќето од нас би бил: Не. Дали некогаш си ја слушнал сопствената душа? Ако не си и говорел и не си ја чул, немаш никаква врска со себеси.
Братопознанието - што е тоа? Да се разбере дека другиот е создаден според Божјиот образ а преку почитувањето на неговата личност го славословиме и му служиме на Бога.
             Знаете ли колку важен настан ни откриваат зборовите на Адам, кога Божјата љубов му дава сон, а од неговото ребро е создадена Ева, т.е. Адам “позајмува” материјал на Божјата љубов и Ева бива создадена од него. Кога ќе се разбуди од оваа опојка, тој вели: „Ова е коска од моите коски и месо од моето месо“. Со други зборови вели „ова сум јас“. Колку е важно да сфатиш дека другиот сум јас. Нормално, не можам тоа да го осознаам, да го почувствувам и живеам, ако не се пронаоѓам во Божјата љубов.
Богопознанието - личноста, придобивајќи врска со себе, развивајќи врска со својот брат, веќе се наоѓа на патот на кој се среќава со Бога. Ова е патот. Да не бараме други патишта.
               Денеска ќе започнеме од последниот чекор. Згора на тоа, овие три чекори воспоставуваат одличен однос еден со друг, од каде и да започнете, сигурно е дека ќе завршите во она што е неопходно за вашето спасение - спознанието за Бога. Што е богопознание? Што велат црковните отци? – тоа е нашиот однос со Бога. Повеќето од нас мислат дека имаме врска со Бога, но ако погледнеме длабоко во себе и ја видиме вистинската врска со нашиот брат, ќе сфатиме дека немаме врска со нашиот Бог. Како можам да воспоставам врска со Бог? Кој е начинот на кој можам да развијам жив, динамичен однос со Бог? Самиот Христос ни го покажува патот. Ајде да видиме како ќе се развива оваа врска.

           Како Бог ни се доближува, како Христос ни се доближува? Кој пат е следен? Крајното смирение. Ќе ви споменам една илустрација, превземена од Хомер. Хектор секој ден излегувал надвор од градските ѕидини за да војува, се поздравувал со своето дете, сопругата, ја облекувал опремата и излегувал, а навечер, враќајќи се, влегувал во домот, брзал да ги прегрне жената и детето, бидејќи можело да се случи и да не ги видел повеќе, загинувајќи среде битката. Во одреден момент, Хектор влегува во неговиот дом и од силна желба да го гушне своето дете, заборава да ја симне кацигата, оди и го прегрнува, детето не го препознава, туку здогледува „чудовиште“ и почнува да плаче. Хектор разбира што се случува, ја симнува кацигата и детето автоматски го претвора плачот во радост, во смеа, го препознава ликот на својот татко.
               Можете ли да си преставите Христос да беше дошол во сета своја слава? Св. отци велат дека на Преображението Господово, учениците кои паднале на земјата, како што се изобразени на иконата за Преображение, виделе дел од Неговата слава, бидејќи не би ја поднеле сета Негова слава. Оттука, што прави Неговото смирение? Ја остава славата, не Својата божественост, за да може Бог да се доближи до Своите деца. Што може човекот да направи за да се доближи до Христос? Да се смири. Видовте ли како Христос ни го покажа патот по кој ни се доближи и по кој ние можеме да му се доближиме Нему? – токму смирението. Отец Тихон од Света Гора, старецот на старец Пајсиј, овој руски јеромонах и голем подвижник ( колку живо ни зборуваат светите отци, онака како што и ги преживувале нештата ) вели: „Бог секое утро излегува на својот балкон и со едната рака ги благословува сите луѓе, но ако види смирен, ги крева двете раце и го благословува! Смирениот човек има Божји благослов и благодат. Колку и препреки да му поставува егоизмот на патот кон Бога, смирението ги дроби,ги разбива, не остава ништо зад себе. Смирението е ролерот што го отвора патот, ги отстранува пречките и го води човекот директно кон Бога. Така Христос ни покажува дека ни пријде со смирение, но и го покажа патот за да можеме да Му пристапиме.
                  Смирението е единствениот пат, поточно единствениот начин, за да му пристапиме Нему.
              Вториот чекор е верата. Сите ние имаме болести, но опасни се оние кои не се гледаат. Денес велат: човек стигнува до последниот стадиум на карцином без да доживее болка. Ова е опасно - болката е претходник на болеста, таа не подготвува за болеста. Затоа, болеста во која изостанува болката е опасна. Зарем не е така? Имаме свои духовни болести - многу од нив не ни предизвикуваат болка, затоа што сме биле моќен анестетик на совеста, а тие се особено опасни. Што правел Христос кога му приоѓал на болен човек? – ја активирал и мобилизирал верата, силата на верата во пространството на неговото срце. Што му велел? Дали веруваш? Што е тоа? Ги активирал силите на неговата душа, моќите што ги има секој од нас. Како можам да му пристапам на Бога без вера, без доверба? Потребно е смирение за да ми покаже, дека не можам да направам многу работи, дека сум неспособен и немоќен да направам и најмалку. Штом ја осознаам оваа моја немоќ, потребна ми е вера за да ми покаже што ми е потребно — силата на Бога. И дозволете ми да ја доверам мојата немоќ на силата на Бога, да ја доверам мојата грешност во Божјите раце. Ова е нешто многу големо. Смирението ќе не доведе до верата, ќе роди вера, без вера ништо не станува. Со верата сè е можно. Понекогаш се прашуваме како толку многу чуда се случиле во животот на светиите. Но, светиите биле садови на верата. Сакате да ја провериме нашата вера? Ќе го видиме тоа во молитвата. Знаете, молитвата е другиот начин на кој му пристапуваме на Христа; молитвата е проверка, кантар, премерување на сè.
                Да ве прашам нешто - ги затворам очите за кратко, се молам и му велам на Бога - Господи Исусе Христе, помилуј ме! Господи Исусе Христе - тоа Му велам, нели? или Оче наш... Но, имам ли увереност дека, отворајќи ги очите, ќе Го видам пред себе? Ако ја немам, за што се молам? Дури и самото тоа докажува колку анемична и слаба може да биде мојата вера. Како можам да се доближам до Христос? Видовте ли како отците се доближија до Христос? Во молитвите пред Светата Причест велиме: Верувам, Господи, и исповедам – преку верата се приближуваме кон Него. Да размислиме за хананејката - ако не верувала во Христа, ќе си заминела при првата навреда. Крвоточивата жена, ако не верувала дека само еден допир до Христос е доволен да ја исцели? Би му пришол ли Св. Апостол Петар ако не знаел дека по неговото одрекување, ќе бликне тој буен поток на Христовата љубов, ќе го измие и неговото одрекување ќе го претвори во исповед? Важно е да веруваме не само во постоењето на Бог - во постоењето на Бог многу луѓе веруваат, што и да правиме, ќе наидеме на Него - туку важно е да поверуваме во Неговата љубов. Тоа ќе активира сè. Ако пред мене ја видам Божјата љубов, невозможно е да не го „фрлам“ мојот живот во тој океан на љубовта. Невозможно е да не верувам, да не се смирувам, да не се покајам, да не се молам, учествувајќи во таа молитва со сите ќлетки на моето битие, телесни и духовни. Така молитвата ќе ми покаже, ќе ме „испревари“.

 

Premin.167.168v


                 Митарот и фарисејот се откриваат во моментот на молитвата: тогаш се откриваат заблудата, прелеста и вистината.               Заблудата на фарисејот и вистината на митникот. Молитвата е кантар.

Денес, една од вредните работи во секојдневниот живот што повеќе не постои, е дијалогот.
               Зошто нема дијалог, а кога го има, зошто не можеме да комуницираме? Ама седнав да разговарам со другиот, зошто не ме слуша, зошто јас не можам да го слушам? Зошто не можеме да се разбереме? Што е причината? - Повеќето луѓе денес имаат образование или не, поточно повеќето луѓе немаат образование, имаат диплома, разликата е огромна. Дали е можно да не можам да комуницирам со другиот? Зошто не можам да водам дијалог? И читајќи, во одреден момент - затоа што, ако го отвориш Светото писмо и отците на Црквата, кои се садови на благодатта, нема човечко прашање,на кое што нема свој одговор таму од Бога - бл. Августин пишува: но како можеш да зборуваш со својот брат кога никогаш не си зборувал со Бога? Кога никогаш не сте се молеле, кога никогаш не сте се подвизувале за да може себичниот монолог на молитвата да стане смирен дијалог со Бога. Ако не сте научиле да зборувате со Бог во молитва, како ќе зборувате со другиот? Ако не сте научиле да зборувате за Божјата љубов, како ќе зборувате на другиот кој има страсти во душата и телото? Затоа не можеме да водиме дијалог, затоа не можеме да се разбереме, зашто не се молиме вистински, суштински и длабоко, зашто не го живееме она што го молиме. Кажуваме определен број: „Господи, помилувај ме!“ Дали знаеш што е тоа помилувај ме што му го кажуваш на Христа? Мислиш дека тоа е еден израз, два збора? Не, тоа е состојба на живот. За да стигнеш до помилувај ме , ќе мораш да се движиш во текот на животот - од егоизам кон смирение, од страст кон добродетел, од духовна рамнодушност кон агонија за твоето спасение. Постојано и трајно треба да се движиш додека стигнеш да ги живееш и почувствуваш овие зборови. Кога ќе дојдеш до „помилувај ме“, тогаш си стекнал богопознание, го имаш Бог пред себе, Бог те наоѓа таму. Ова е местото на средбата со Бога. Таму те наоѓа тебе, таму Го наоѓаш, таму го среќаваш Бога, во „помилуј ме“. Потребно е смирение, вера, молитва, покајание. Покајанието е ова пренесување, премостување.
Нашиот живот има еден балкон,ние стоиме таму, но обично балконот нема поглед кон Бога, ние не го гледаме Бога, но што правиш таму? Ја менуваш собата,го менуваш домот, тоа е покајанието, менуваш место, менуваш тропос (начин, но и темперамент, однесување). Важно е да кажуваш и „Господи, помилувај ме“, но како ќе го кажеш ако немаш милост? Ако не простиш? Дали гледате како се поврзани сите овие духовни работи? Како ќе му кажам на Христа „помилувај“ и ќе создадам однос со Него кога го немам мојот брат покрај себе? Мојот брат кој може да биде и мојот непријател.
               Молитвата која има благодат е молитвата од која ние отсуствуваме. Сите други мора да ги вложиме во молитвата, прво непријателите, да се исклучиме себеси од неа и да му ја испратиме на Бога - вака стекнуваме врска со Него, тоа е она што Тој го сака.
Еднаш еден човек дознал дека во едно критско село живее старец кој ја поседува Божјата благодат и отишол кај него. Тој пристигнал во времето на светата Литургија, имал огромен проблем со својот соселанец, кој се обидел да го избрка од селото и користел многу груби и сурови начини за тоа. Овој човек стигнал до храмот, влегол, се сокрил зад една колона, на ипоѓаконот му ги дал списоците со имиња на св. Проскомидија - живи и мртви. Но, пред да стигне до храмот, размислувал да го запише името на тој клет човек кој го измачувал. Списоците стигнале до олтарот, старецот ги зел, ги спомнал, по Божја благодат видел за што се работи и излегол надвор. Во тој момент некој го потбутнал тој човек. Се свртел и човекот до него му рекол дека старецот сака да го види. Тој му пришол.
- Благословете, геронда! Извинете, не ве познавам, дојдов да се сретнам со вас.
- Добро, дете мое! Види, сакам да ти кажам нешто, во имињата што ги напиша си погрешил.
- Каква грешка?
- Дете мое, непријателите ги ставаме на прво место, а не на последно. Него прв ќе го напишеш. Поправи го, чедо мое, за нашата молитва да најде место при Божјата љубов. Затоа што ако не го поправиш, ќе испратиме едно писмо без печат.
                Како ќе се помолиш без љубов? Како твојата молитва ќе стигне до Бога? И да бидеш во храмот, ако се молиш вака без да го прифатиш својот непријател, молитвата ќе стигне до куполата, а ако си дома, до таванот. Нема да стигне таму каде што сакаш.
Ова „Помилувај ме“, како што кажуваше еден старец, „го крши кичмениот столб“ на Бога. Кога се крши кичмениот столб, што се случува? Се наведнуваме. Кога ја бараме Неговата милост и му простуваме на нашиот непријател, нашиот брат,”се крши кичмениот столб“ на Бога и Тој се спушта со Својата љубов над целиот наш живот.
            Сакам да го познаам Христос, но не се качувам на Голгота, не ми се допаѓа болката. Ја сметам за слабост додека таа е всушност сила. Не ми се допаѓа аскезата. Еден атлет во моментот во кој тренира може да се измори, да се задиши, да се испоти, но она што во тој момент изгледа како слабост му дава посебна сила, тој станува посилен, се зајакнува повеќе. Го избегнуваме крстот, подвигот, болката, не ни се допаѓаат. Христос доаѓа и ни го покажува патот кој е трнлив, ни го покажува патот до Голгота, но ние го избираме заобиколниот пат. Па, како ќе стигнете до Воскресението, како ќе Го познаете Христос, Христос е распнат, крвав, како ќе Го познаете? Како ќе му се доближиш? Многу е важно да го избереме тоа што го избрал свети Јован Богослов (останувајќи на Голгота). Дали видовте што направи? Тој излезе од секојдневието на Ерусалим и ја вкуси вечноста на Голгота.
              Деновите во кои живееме поседуваат еден белег - сакаме пари без работа, дипломи без учење, удобност без движење, светост без да се подвизуваме. Сакаме да имаме сè при рака, но тоа не функционира така. Духовниот живот не е телевизија да го држиш далечинското, да седиш на каучот, да менуваш канали и да ја зголемуваш и намалуваш јачината на звукот. Духовниот живот сака труд, внатрешен и надворешен, како инаку ќе се сретнеш со Христос? Како ќе застанеш пред Распнатиот, пред Жртвата Христос? Ништо не жртвуваме. Не проливаме ниту една капка од нашата себичност. Ова е нашиот голем проблем, затоа не се менуваме и Христос ни останува непознат. Сите се сеќаваме на тоа патување до Емаус на ев. Лука и Клеопа. Тие тагуваат поради Христовата смрт. Она што го изгубија не беше само нивниот Господар. Тие Му го доверија целиот свој живот, Христос им рекол дека Тој е Животот и Воскресението, за нив Тој е нивната душа и спасение. Христос им беше сè. Одеднаш Христос умира. Разочарување. Знаеш ли како доаѓа тагата? Тоа е црна прекривка што доаѓа и ја покрива душата. Кога оваа црна прекривка не покрива, мислиме дека сè е изгубено, а тагата станува депресија, а депресијата станува очај. И свети Јован Златоуст ни вели дека полошо отколку да се направи грев е да се очајува. Подобро е да грешиш, бидејќи преку покајанието ќе се спасиш, отколку да очајуваш, бидејќи таму нештата се многу тешки.

Premin.167.168b


              Тие беа очајни,беа тажни после смртта а Христос ги пресретнува на патот. Дали Го познаа? Не. Тие не Го познаа. И што направи Тој? Ја постави раката и почна да ја влече црната прекривка и тие тоа го почувствуваа, срцето почна да им се радува, да гори, да чувствуваат нешто, но не знаеја што. Стигнаа до Емаус, до крајот на патот, како да го загубат Оној што го нашле? Како можат да го пуштат Оној кој ги радува нивните срца? Кој го одзеде товарот на тагата, на очајанието.
             Знаете ли колку изговори наоѓаме за да го протераме Христос? Секојдневно - многу. Колку само изговори наоѓаме да го избркаме Христос, да го оттурнеме братот, да не даваме никакво значење и да не се грижиме за нашата душа. Колку изговори наоѓаме секој ден. Двајцата апостоли најдоа изговор да го задржат Христос. „Ос¬та¬ни со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!“. Станува доцна, каде одиш во овој час? Многу убаво оправдување, но и многу важен крик на душата. И ние велиме: „се стемнува“ - и кажуваме многу други работи. Не се стемнува само надвор, туку и внатре во нас. Ако имавме смирение, молитва, вера, простување, да го имавме сето ова, би сфатиле дека се стемнува во нас и што би направиле? Ќе викавме со сета сила на душата - што? Остани со нас. Каде се открива Христос? Во прекршувањето на лебот, во моментот на Светата Тајна, Христос се открива. Нашиот подвиг, вера, смирение, молитва, простување, читање на Светото писмо и светите отци се начини за приближување до Бога, но Светите Тајни се врвот.
                 Господ да нè удостои барем еднаш да се причестиме, но правилно да се причестиме. Се причестуваме, ќе ми кажете, се причестуваме редовно, ние сме црковни луѓе. И ние се причестуваме, но дали се причестуваме? Знаеш ли што значи да се причестиш со Христос? Внатрешен трепет, “бомба” да падне во тебе, да уништи се што изградила себичноста. Да си заминеш и се да се промени, да разведри сè во тебе, умот да ти се осветли, срцето да ти се успокои, сè да се промени.
               Сметав дека се причестувам толку многу години,така мислев, каква заблуда. Во нашиот град имаше еден љубезен човек, еден дедо, многу љубезен, тој доаѓаше во храмот. Еднаш се разболе,беше во постела и отидов да го причестам. Седеше на крајот од креветот, беше скршен, се приближив со Светиот Путир и тој започна да зборува, започна дијалог. Отпрвин мислев дека зборува со мене и отидов да му одговорам, но тој зборуваше со Христос. Св. Путир беше пред него, а тој со болката и крстот на болеста на рамениците, седна на крајот од креветот и зборуваше со Христа. Сигурно добиваше одговори бидејќи тоа не беше монолог, толку слатко и нежно му зборуваше, го почувствував присуството на Христос и се замрзнав на место. Онемев. Тоа е врска, си реков, тоа е Светата Причест. Во тој момент за неколку минути, овој човек го отвори своето срце, ја излеа душата преку исповед, благодарност, славословие, умиление. Колку нешта излегоа од неговото срце. Благ човек. И во сето тоа тој самиот никаде не беше присутен. Боже мој - еве врска со Христос. Знаеш ли што му рече на Христос во тој час - она што го рекол и разбојникот на крстот. „Го заслужувам тоа што го претрпев и ќе трпам. Христе мој, помилуј ги моите непријатели, пријатели, деца, внуци, сите луѓе“ - во тој момент неговото битие толку се отвори што го опфати целиот свет, целата вселена. Како да го слушав разбојникот - „праведно ние пострадавме“. „Сега го добиваме она што го заслужуваме. Вака му говорел разбојникот на другиот разбојник, а истото го говореше и тој. Тоа е однос, приопштување,причестување , тоа е заедништво. Да не мислиме дека Светата Причест значи дека ќе одам, ќе се причестам и ќе си заминам. Св. Причест е целиот наш живот, секоја секунда, а ако секоја наша секунда не е божествено причестување - приопштување, т.е. контакт со Христос, таа секунда се губи, нема да се претвори во вечност. Да направиме што можеме за да ги оставиме секундите, минутите, отчукувањата на срцето, сè што имаме, во Христа. Светителите не беа вонземјани, не беа суперсилни, не беа ништо слично, но знаете ли што се обидуваа да направат? Ако виделе дека една секунда сака да им избега, ја задржувале , ја држеле за Христа, со заби и нокти, да му ја дадат на Христа. Не можеле да ја издржат мислата и чувството дека една секунда, една минута, еден час, еден ден ќе бидат без Христос – не го издржувале тоа, не можеле да го поднесат.


                Евангелистот Лука со неколку зборови опишува случај во кој коегзистираат човечката трагедија и Божјата љубов. Која е нашата трагедија? Смртта. Што можеме да направиме за да води сè кон Христос, а не до смртта? Тоа е она што е вредно. Гледаме погреб, погребна поворка како излегува од градските порти. Тогаш градовите имаа одбранбени ѕидини. Гробиштата беа надвор од градот. Починатиот бил млад човек, во овој случај смртта е потешка, погорчлива, посурова, а мајката плаче покрај него. Од другата страна доаѓа Христос со Своите ученици. Едната група ја има за центар смртта, плачот, тагата, а другата - Христос, радоста. Што би рекле богопознание, да го направам Христос мој центар, да стане срж на мојот живот и од Него да започне сè, околу Него да се врти и во Него сè да завршува. Ова ќе значи познавање на Бога, ова ќе значи врска со Христос. А отците на Црквата велат - знаете ли која е мајката што плаче? Која е? Дали ја познаваме? Ја видел ли некој? Тоа е нашата душа – каков впечаток - тоа е нашата душа. И кој е во ковчегот? Нашиот живот. Дали некогаш ќе го слушнеме тој плач на душата? Тој душевен крик каде што свети Андреј Критски вели – „Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш?“ Го слуша нејзиниот плач и ја повикува на покајание. Што го повика Христос да влезе во групата на смртта? Мртвото дете? Не. Ја немаше таа можност. Што го предизвика и повика? – плачот на мајката. Тој го слушна тоа. И свети Ев. Лука вели дека ја слушнал и се смилувал над нејзе. Овој плач на душата го повикува Христос, а покајанието го компонира плачот - најдобриот „композитор“ е покајанието, а верата помага на покајанието, верата во Божјата љубов, смирението го зајакнува покајанието, читањето на Светото Писмо и Светите Отци - сето тоа и помага на душата и ја води кон покајание, кон оној крик што ќе го повика Христос и Тој ќе дојде, ќе ја избрка смртта и плачот ќе стане песна, славословие. Тоа треба да го видиме.
               Портите на градот нè потсетуваат на нешто друго, нешто што некогаш сме го изгубиле кога отпаднавме од Божјата љубов. Кога излегуваш, т.е. ја напушташ Божјата љубов , од моментот кога ќе заминеш, почнува плачот, почнува болката, гревот чука безмилосно, ѓаволот ја „спушта ногата“, смртта демне, црната прекривка доаѓа да ја обвие душата. Но, погледнете ја Божјата љубов. Таа не чека надвор, доаѓа да нè пресретне, не чека да се вратиме во градот, тоа е Неговата љубов, дури и надвор не очекува, тоа е љубовта Христова. Знае дека сме духовно неподвижни и брзо преобразува сè, нашиот грев да го направи добродетел, смртта - вечност, тврдоста на срцето - внатрешен рај. Ова е односот со Господ, ако го немаме, да го развиеме, бидејќи во спротивно никогаш нема да имаме врска со самите себе, никогаш нема да создадеме врска и да имаме вистинско заедништво со нашиот брат. Да се молиме да се развие овој однос со Христа и тогаш да не сакаме ништо друго, бидејќи тој што го има Христос поседува сè. Сè.

Автор : О. Спиридон Василакос / pravoslaven-sviat.org
Превод : Симеон Стефковски

 

 Извор:

Premin.166.167

 ПРЕМИН бр.167/168

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3136
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7614
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

21/11/2024 - четврток

Св. Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни; Свети Ангел Лерински;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Тропар на светите Христови Маченици Јерон и другите 33 Мелитински маченици 7 ноември / 20 ноември 2024

Тропар на светите Христови Маченици Јерон и другите 33 Мелитински маченици 7 ноември / 20 ноември 2024

Сила Ти даде на телото човеково, о, Господи, но верата во човека планина преместува, секое безумие го победува и кон...

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Со исповедувањето на Божествената вера,Црквата те покажа како втор Павле,ревнител меѓу свештениците:со тебе повикува и Авел кон Господа,

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная