Какви се и колку се вистински и искрени вашите молитви пред Бога.
➕
Многу одамна си живееше еден свет старец, кој многу се молеше, и често тагуваше поради човечките гревови и прегрешенија. Овој свет старец се чудеше како тоа може луѓето да одат в црква, да Му се молат на Бога, а да живеат лошо. А и гревот не недостасува во нивните животи...
➕
Еднаш, со такви мисли старчето потона во длабок сон. И сонуваше како еден пресветол ангел, прегрнувајќи го со крилјата, го крева високо над земјата. Како што се возвишуваа, сè послабо и послабо се слушаа звуците од земјата. Замолкнаа човечките гласови, се стишаа песните, вревата од метежниот, секојдневен живот. Одвреме-навреме, до нив допираа хармонични, нежни звуци - како некакви далечни лири.
➕
- Што е тоа? - запраша старецот.
➕
- Тоа се светите молитви - одговори ангелот. - Само тие се слушаат овде.
➕
- Но, зошто толку слабо се слушааат? И зошто се толку малубројни? Зарем не се моли сега сиот народ во црква?
➕
Ангелот го погледна со нажалено лице. „Сакаш да знаеш зошто? Види самиот, старче...“, и му покажа кон една црква на земјата. На чудесен начин нејзинот покрив се отвори, и старецот гледаше што се случува во црквата. Беше собран многуброен народ, псалтите стоеја на клиросот, а во олтарот - еден свештеник во полно и раскошно одејание. Богослужбата си течеше, но... не можеше да се слушне ниту еден звук. На левиот клирос, еден чтец брзо-брзо читаше нешто, или попрво, му се движеа усните, но неговите зборови старецот не можеше да ги чуе. На амвонот, театрално пријде ѓаконот, кој беше доста висок, и со навежбано движење ја подмести својата бујна коса, го крена орарот, широко ја отвори устата и... - ниту глас.
➕
На клиросот, протопсалтот ги подготвуваше псалтите да пејат. „Е, хорот, најверојатно, ќе го чујам...“ - си помисли старецот. Протопсалтот удри со тонската вилушка по коленото, ја доближи до увото, ја испружи раката и даде знак за почеток, но - царуваше потполна тишина. Навистина, тоа беше многу чудно да се гледа: тој ја движеше раката, псалтите се црвенеа од напрегање, други пак се подигаа на прсти, високо држејќи ја главата за да ги достигнат високите тонови, но пеење не се слушаше.
➕
- Но, како е ова возможно? - праша старецот. И погледна кон оние кои се молеа. Ги имаше премногу - и од сите профили: мажи и жени, старци и деца, трговци и селани. Сите тие се крстеа, се поклонуваа, многу од нив и шепотеа нешто, но ништо не се слушаше. Сета црква беше нема. „Зошто се случува ова?“, старецот го запраша ангелот.
➕
- Ќе се симнеме долу, ќе видиш и ќе разбереш - му одговори ангелот.
➕
И лека, полека, невидливи за луѓето, се спуштија во црквата. Една елегантно облечена жена стоеше пред нив, и на очиглед на сите, усрдно се молеше. Ангелот се приближи до неа, и внимателно ја допре со раката... Одеднаш, старецот го виде нејзиното срце, и ги разбра нејзините помисли: „Ах, онаа непријатна сопруга на управникот! - си мислеше жената. - Повторно со нов шешир. Мажот - пијаница, децата - за никаде, а таа се мисли манекенка! Види само како парадира!“ Покрај неа, стоеше еден трговец, пристојно облечен, и замислено гледаше во иконостасот, од каде го гледаа Спасителот и Неговата мајка. Ангелот го допре за градите, и пред старецот веднаш се открија и неговите помисли: „Каква штета! За бадијала го продадов... таква роба денес веќе не може да се купи! Мора да изгубив илјада, можеби и илјада и пол...“
➕
Малку понастрана од него, стоеше еден младич. Тој речиси и да не се молеше, туку цело време гледаше налево, кон жените, се црвенеше, стоејќи де на едната, де на другата нога. Ангелот го допре, и старецот веднаш го прочита неговото срце: „Ах, добра е Александра... Има сè: и лице, и стас, и карактер, и работа... Ете, таква жена сакам! Ќе биде ли моја некогаш?“
➕
И многу други допре ангелот, и сите тие имаа слични мисли: пусти, празни, житејски. Пред Бога стоеја, а на Него не ни помислуваа. Само глумеа дека се молат. „Разбираш ли сега? - на крајот, ангелот го праша старецот. Таквите молитви не доаѓаат до Божјиот престол. Затоа и ти изгледаше дека тие се неми.“
➕
А тогаш, одненадеш, се слушна едно срамежливо детско гласче: „Господи! Ти си добар и милостив... Спаси ја, помилуј ја, исцели ја мојата болна мајка!“ Во аголот, клекнато и навалено на ѕид, стоеше некое детенце. Во очите му светеа солзи. Се молеше за својата болна мајка. Ангелот го допре и неговото срце, а старчето виде и во него. А во него - само тага и љубов. „Ете какви молитви се слушаат кај нас“ - му рече ангелот.➕
Свети Василиј Кинешемски
Хор Роман Слаткопевец
Избор од фб профил на
Maj 2021 лето Господово