логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Канон за упокоени


Песна прва

Како по суво газеше Израил по дното на морето и гледајќи го фараонот-гонител како се дави, извикуваше: победна песна да Му пееме на Бога!

Упокој ја Господи душата на починатиот Твој слуга (име).

Кој може да ја искаже височината и длабочината на Твојата мудрост Христе и Твојата неизмерна моќ; како од ништо создаде се со Твојата одлука и зборот Твој Господи? Затоа непрестано Те славиме и молиме: милостиво да ја примиш душата на нашиот брат (име) кој се упокои.

Упокој ја Господи душата на преселениот Твој слуга (име).

Нашиот праотец Адам, кого прв си го создал, беше измамен некогаш во Едем, Избавителу, и го слушна Твојот збор: повторно ќе се вратиш во земјата, од која што и настана. Не можејќи повеќе да трпиш адот да го држи Твоето создание, Спасителу наш, Ти го ослободи. Ослободи го и нашиот брат (име) и упокој го во Царството Небесно.

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Ти, Кој си во висините, постана на земјата носител на нашето смртно тело, Владико на непропадливоста, за сите смртници да ги направиш бесмртни и како некогаш да ги оживееш. Затоа и сега смести го во домот на праведниците нашиот брат (име) кој од нас се пресели.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Прекрасни зборови се пренесуваа за Тебе од поколение на поколение; О, Ти, Која Го смести во Својата утроба
Божјото Слово - Христа, и остана чиста Богородица Марија. Затоа, избави го на судот нашиот брат (име) кој се упокои.



Песна трета

Нема свет како што си ти, Господи Боже мој, Кој им даваш победи на Твоите верници, Благи, и ги утврдуваш врз каменот на Твојата вера.

Упокој ја Господи душата на починатиот Твој слуга (име).

Кога ќе дојдеш Боже на земјата во слава, и кога делата на сите нас ќе ги поставуваш на мерила, откривајќи ги сите наши помисли и зборови, поштеди го нашиот брат (име) и избави го од осуда.

Упокој ја Господи душата на преселениот Твој слуга (име).

Кога мртвите со страв, брзо ќе ги остават своите гробови и кога ќе одекне последната труба, Спасителу наш, и ќе дојдат страшните ангели Твои, Господи, поштеди го тогаш нашиот брат (име) и всели го во домот на праведниците.

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Додека небото и земјата се тресат, Милосрден Господи, а стихиите во страв се распаѓаат, направи на Твојот слуга да му биде светла средбата со Тебе, зашто тој не знаеше за друг бог.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Се покажа повозвишена од Херувимите и Серафимите, Богородице, зашто Ти Единствена Го прими Бога Кој е несместлив, сместувајќи Го во во Својата утроба. Затоа, моли Го да го избави од осуда Својот слуга (име).

Седален, Глас 6.

Навистина се е суета, а животот е сенка и сон; зашто залудно се оттргнува секој човек. Како што рече Светото
Писмо: кога цел свет ќе го стекнеме, тогаш во гроб ќе се вселиме, каде што се заедно и цареви и просјаци. Затоа, Христе Боже, како Човекољубец, упокој го претставениот Твој слуга.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Сесвета Богородице, не оставај ме во текот на мојот живот, не препуштај ме на човечка закрила, но самата Ти заштити ме и помилуј ме!




Песна четврта.

Христос е моја сила, мој Бог и Господ - светата Црква свечено пее и ликува; со чист дух Го прославува Господа.

Упокој ја Господи душата на починатиот Твој слуга (име).

Христе Боже, Господару на животот и смртта и Владетелу на бестелесните сили и на нашите души, кога страшно ќе дојдеш на земјата во слава, со Ангелите Свои, да им судиш на сите народи, постави го нашиот брат (име) од Твојата десна страна.

Упокој ја Господи душата на преселениот Твој слуга (име).

Господе Христе, приклони се кон нашите молитви, услиши ги молбите наши и како Човекољубец, удостој го со Твоето небесно живеалиште Твојот слуга (име) кој се упокои со вера во Тебе, и нека го слушне Твојот сладок глас кој го повикува на покој.

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Секој смртник заминува, зашто е земја и пепел. Христе, Ти единствен остануваш неизменет во сите векови, зашто остануваш Бог. Затоа Те молиме: удостој го Твојот слуга (име) со Твоите непрекидни радости за да Ти пее со благодарност: Слава на Твојата сила, Човекољубче!

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Девојко и Мајко, Ти си радост на верните души, Ти си надеж, Ти си засолниште и бедем и пристаниште на верниците. Зашто пред Твојот Син ги принесуваш нашите молитви, Пречиста; моли Го и сега Него, да го избави од казна нашиот брат (име) кој се упокои.




Песна петта.

Благи, Ти се молам, озари ги со Твојата божествена светлина душите на сите што со љубов спрема Тебе подраниле, за да Те познаат, Слово Божјо, Тебе - вистинскиот Бог, Кој ги повикува од мракот на гревот.

Упокој го Господи починатиот Твој слуга (име).

Кога ќе дојдеш милосрден Господи со слава, за да и судиш праведно на оваа земја и да ги одделиш праведните од неправедните, како што е напишано, постави го од Твојата десна страна и упокој го, Семилостив Господи, нашиот брат (име) кого од нас го пресели.

Упокој ја Господи душата на преселениот Твој слуга (име).

Бескрајна е навистина казната на оние кои живееа развратно: крцкање со заби и црв кој гризе вечно; плач безутешен, Господи; оган ужасен и неугаслив, и мрак вечен. Од сето тоа избави го Твојот слуга (име), добар Господи!

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Христе, Спасителу наш, удостој го со бескрајна радост и изобилство на Твојата непропадливост нашиот брат (име) кој почина, зашто Ти ги проштеваш сите наши гревови, о Добар Господи, и он немаше друг бог, освен Тебе.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Во две совршени природи Те познаваме Господи, Ти - кој поседуваш две неизменливо соединети волји и дејства (божествени и човечки) - Син Божји Кој од Дева прими тело - Нејзината божествена икона ја почитуваме.


Песна шеста.

Гледајќи го морето на животот, разбранувано од бурни опасности, доаѓам во Твоето тивко пристаниште и извикувам: Многумилостив Боже, избави ја од пропаст душата моја!

Упокој ја Господи душата на починатиот Твој слуга (име).

Родени како привремени и смртни, ќе воскреснеме како од сон, засекогаш бессмртни, кога ќе затруби трубата - вели премудриот апостол Павле. Но тогаш, избави го Твојот слуга (име) од осуда.

Упокој го Господи преселениот Твој слуга (име).

Помилуј го Боже, помилуј го Својот слуга во денот на гневот, кога ќе застане пред тебе со разоткриена душа. Боже, Спасителу, ослободи го тогаш од оној Твој страшен глас кој праќа во оган.

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Постана извор на животот, со божествено јунаштво ги изведуваш окованите. Всели го во рајската сладост Твојот раб (име), кој кај Тебе со вера се пресели.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

О, да се избави преку Твоите молитви од осуда нашиот брат (име), Богородителко Чиста, и да го допре божественото просветување на Синот Божји Кој од Тебе неискажано се роди.

Кондак, Глас 8.

Со светите упокој ја Христе душата на Твојот слуга, каде што нема ни болести, ни жалости, ни воздишки, но каде што е живот вечен.

Икос

Ти си, Господи, единствен бессмртен; си го створил и создал човекот. А ние сме земни, од земја создадени и во истата земја ќе се вратиме, како што Ти, Создателу наш, си заповедал и си ми рекол: „Земја си и во земјата пак ќе отидеш“, каде што сите ние, луѓето, ќе отидеме, творејќи надгробно ридање и песна: Алилуја, Алилуја, Алилуја.

Со светите упокој ја Христе душата на Твојот слуга, каде што нема ни болести, ни жалости, ни воздишки, но каде што е живот вечен.


Песна седма.

Ангелот ја ороси вжештената печка на преподобните момчиња, а пламената Божја заповед ги натера мачителите - Халдејци да запеат: Благословен си Боже на нашите отци!

Упокој ја Господи душата на починатиот Твој слуга (име).

Спомнувајќи си, Господи, за неизбежното Твое страшно доаѓање, кога ќе му судиш според делата на секој од нас, молитвено кон Тебе извикуваме: не гледај ги, Спасителу, гревовите на Твојот слуга (име), направени во знаење или незнаење.

Упокој го, Господи, од нас претставениот Твој слуга (име).

Долготрпелив Господи, неисцрпно море на љубов кон луѓето, немој во потполност да ги прикажеш гревовите на нашиот брат (име) на испитот негов, туку се прости му и спаси го Христе, Спасе наш.

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Ти се молиме, најправеден Судијо, кога ќе ги мериш на мерила делата на нашиот брат (име), немој да судиш според правдата, но по милоста и добротата Твоја, Спасе, надминувајќи ја тежината на мерилата кои ги мерат неговите лоши дела.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Ќе го видиме чудото над чудата: чудото за Твојата Рожба Дево Чиста, Богородителко. Нека Твојата милост направи и со нас чудо, нека не избави од идниот гнев и нас и нашиот брат и Твој слуга (име) и нека не спаси сите нас.


Песна осма.

Со роса си ги оросил преподобните во пламенот и жртвата на праведникот со вода си ја запалил, зашто се што сакаш Христе - правиш; Тебе Те прославувам во сите векови!

Упокој ја Господи душата на преселениот Твој слуга (име).

Човекољубив Господи Исусе, избави го Твојот слуга (име), за да не биде одведен од Твоето лице и сочувај го од страшните Твои закани; просвети го за да Те препознае и да Ти пее непрестано: Отроци благословувајте, Свештеници пејте, луѓе превознесувајте Го во сите векови!

Упокој го, Господи, од нас претставениот Твој слуга (име).

Човекољубив Господи Исусе, нека се одврати Твоето лице од оние кои никогаш не се надеваа на Тебе, а со Твојата милост и богатството на Твојата благодат дарувај ги оние што веруваа во Тебе, зашто сме Твој народ и Твое стадо и Тебе Те превознесуваме во сите векови.

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Господи Исусе, Избавителу наш, Те молиме: страшниот пехар исполнет со несмешано питие што е во Твојата рака, дополни го со благост, и избави го од осуда Твојот слуга (име) кого го прими од земјата, и постави го во пределот на кротките, Многумилостив Господи, за да Ти пее и да Те благословува во сите векови.
 
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Како слуги Ти се молиме Богородице во песни опеана, заедно со безбројните Ангели и Светители, направи да бидат примени нашите молитви за братот наш (име), та да се радува со Светиите и да му пее на Твојот Син: Луѓе, превознесувајте Го во сите векови!


Песна деветта.

Луѓето не можат да го видат Бога; а и чиновите ангелски не смеат да го гледаат. Но, преку Тебе, Пречиста, им се јави на луѓето Словото овоплотено. Него Го величаме, и Тебе со небесните војски Те ублажуваме.

Упокој ја Господи душата на упокоениот Твој слуга (име).

Кога Многумилостив Господи Исусе ќе го поставиш твоето страшно Судилиште, па земјата и морето со многу страв и трепет ќе побрзаат да Ти ги испратат во пресрет сите упокоени од создавањето на светот, немој да го посрамиш, Предобри Владико, нашиот брат и слуга Твој (име) кој со вера се упокои.

Упокој го Господи заспаниот Твој слуга (име).

Во вечен спомен остани брате наш (име), кој одиш на страшен пат. Прими ги за помош овие наши молитви, како дар од нас, и ако, по Божјата милост, достигнеш пред престолот на Царот на славата, помоли се за нас на нашиот Бог.

Слава на Оца и сина и Светиот Дух и сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Слово Божјо и Сине Единороден, Исусе Христе, овенчај го верниот Твој слуга - нашиот брат (име) со Твојата крепка рака Владико Добар; со оружјето на Небесните војски уништи ги сите непријатели на нашите души, по молитвите на Пречистата Царица наша Богородица и спаси го Твојот слуга во Твоето вечно Царство. Амин.


Тропари, Глас 4.

Со духовите на починатите праведници упокој ја, Спасе, душата на Твојот слуга, чувајќи го во блажениот живот што е во Тебе, Човекољубче!

Во Твоето почивалиште, Господи, каде што почиваат сите Твои Светители, упокој ја и душата на Твојот слуга, зашто Ти си единствен Човекољубец!

Слава на Оца и Сина и Светиот Дух.

Ти си Бог Кој слезе во адот и ги ослободи заробените од нивните окови; Сам Ти упокој ја и душата на Твојот слуга.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Единствена чиста и непорочна Дево, Која Бога бессемено си Го родила, моли се за спасение на душата на Твојот слуга.


 

Молитва

Боже на духовите и на секое тело, Кој смртта ја победи и ѓаволот го порази и живот му дарува на Твојот свет; Сам Господи, упокој ја душата на починатиот Твој слуга (име) во место светло, во место цветно, во место на одмор, од каде што одбегнала секаква болест и жалост и воздишка. Секој грев што го направил со зборови, дела или помисли - се прости му како благ и човекољубив Бог, зашто нема човек кој живеел, а не згрешил. Ти си единствен без грев; Твојата правда е правда вечна и Словото Твое е вистина. Затоа те молиме, спомни го, Господи, Твојот слуга (име), кој со надеж за воскресение, во побожност и вера го заврши својот живот; и прости му ги сите прегрешенија, волни и неволни, направени со зборови, дела и помисли. И всели го во место светло, во место на спокој и место на одмор, каде што нема болести, грижи и воздишки, но каде што сјае светлината на Твоето лице, и каде што со векови се веселат сите Твои Светии; Подари му го нему, а и нам Твоето Царство, и наследството на неискажливите и вечни твои блага, и насладите на Твојот бескраен и блажен живот. Зашто Ти си живот и воскресение и покој на Твојот починат слуга (име) Христе Боже наш и Тебе слава ти вознесуваме со беспочетниот Твој Отец и Пресветиот и Благиот и Животворен Твој Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Вечнаја памјат, Вечнаја памјат, Вечнаја памјат!

Бог да го прости!

По молитвите на Светите Отци наши, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј не. Амин.

 

Подготви: С.Л.

Илустрација: Т.С.

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3227
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7721
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

29/12/2024 - недела

Божикен пост (пост на масло)

Светиот пророк Агеј; Свети Никола Хрисоверг, патријарх Цариградски; Светата царица Теофанија;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Божји пророк Агеј 16 декември / 29 декември 2024

Тропар на светиот Божји пророк Агеј 16 декември / 29 декември 2024

Глас 2Агее свети пророче, ти кој поведен беше, храмот Господов духовно да го осознаеш, оној кој човек не го гради,туку Господ...

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Елевтериј Илирски и неговата мајка Антија 15 декември / 28 декември 2024

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Елевтериј Илирски и неговата мајка Антија 15 декември / 28 декември 2024

Глас 3Свети свештеномачениче Елевтерие,ти кој ѕверови скротуваше, со благодат Божја срца човечки лекуваше,Христос преку тебе луѓе во ангели приведе

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Маченици свети Христови, вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,  а силата негова во ревност за Бога ја...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная