Старец Филотеј Зервакос
25.10.2007.
Преподобниот Старец од Паросgetphoto.jpg
Филотеј Зервакос
(1884-1980)
Преподобниот Старец Филотеј Зервакос се роди во 1884 во селото Пакија, близу до гратчето Молаи Лакониски.
Неговите благочестиви и богобојазливи родители, Панајотис и Екатерина, при светото Крштение на нивниот син му го дадоа името Константин.
Уште од детска возраст Константин ја возљуби Црквата, црковното пеење – имаше убав глас – и читањето на душеполезни книги, и многу рано го посети Светата Благодат и
претрпе добра промена. Оттогаш се удостои со различни знаци и имаше посебна заштита од Богородица и светителите.
Младиот Константин беше толку трудољубив и вљубен во учењето, така што после неговото основно образование, стана учител на возраст од едвај 17 години и беше поставен во селото Финикион, во неговата татковина, каде што се истакна поради љубовта кон неговите ученици.
Во 1905 беше повикан на отслужување на воениот рок, и бидејќи тој беше решил да Му се посвети на Небесниот Цар Христос, одби да замине во Франција на виша воена школа, како што му предлагаше неговиот командир.
Кога во 1907 ја отслужи воената обврска, се обиде да замине на Света Гора, за да Му се посвети на Христа како монах. Но по промисла Божја неговите планови не се остварија, и тогаш по советот на неговиот духовник, светиот Нектариј Пентаполски (+9.11.1920), тогашниот ректор на Ризариевата Богословија во Атина, се пресели на островот Парос и се посвети во историскиот свет манастир на Животворниот Источник во Лонговарда, којшто беше познат како добра обител, со типик, слога и подвижништво.
Во декември 1907 стана великосхимен монах, добивајќи го името Филотеј, и беше ракоположен за ѓакон. Во 1912 беше ракоположен за јеромонах, а во 1913 произведен во архимандрит и духовник.
Оттогаш, особено од 1916, го започна неговото обемно мисионерско дело: редовно обиколуваше многу делови на Грција, каде што проповедаше и исповедаше.
Во 1930, на 46-годишна возраст и не по негова воља, беше поставен за игумен на светиот манастир Лонговарда, но не го прекина неговото многустрано мисионерско дело, додека истовремено се посвети на обновување на манастирските објекти.
Исто така, на Парос изгради разни храмови, како и женскиот свет манастир на Богородица Миртидиотиса, во Тапсана, каде што ги помина последните десет години од неговиот преподобен живот (1970-1980).
Во манастирот во Тапсана, покрај другото, подигна свет храм во чест на неговиот духовник, светиот Нектариј Егински, во чијашто близина си го подготви својот гроб, каде што и беше погребан на 26.4/9.5.1980, а после тринаесет години, на 11/24.9.1993, се случи и вадењето на неговите преподобни мошти.
Неговиот начин на размислување, однесување и живеење беше буквално Светоотечки и затоа нашиот Господ преку него изврши многу знаци и чудеса, уште додека беше жив, но и по неговото преподобно упокојување (+25.04/08.05.1980).
Старецот Филотеј од Парос особено се истакна поради неговите човекољубиви дела и стана ангел пазител на островот Парос, особено во текот на германската окупација.
Исто така се покажа како надарен свештенопроповедник и боговдахновен духовник, па преку него се спасија безброј души со покајание и исповед.
Се одликуваше со подвижништво, постојана молитва, сила во духовниот живот, бдителност и сериозност, длабоко смирение и кротост, умиление, жед за тајната на светата Причест и за читање на свештени книги, човекољубие, милостивост и сострадание.
Гореше од љубов кон Бога, од пророчка ревност за Неговото Свето Име и за нашата Света Православна Вера, поради што не толерираше новотарии и модернизам, против кои се бореше пишувајќи и говорејќи, така покажувајќи се како силен заштитник на светото Предание.
Преподобниот Старец од Парос е автор на многу полезни дела, од коишто повеќето ги напишал, како што и самиот кажува, „во ноќите со светлина од свеќа“.
1. Служба, чудеса и спомен на Животворниот Источник (две изданија).
2. Служба, чудеса и спомен на Сите Светии.
3. Житие, служба и чудеса на Преподобниот Арсениј Пароски (четири изданија).
4. Житие и служба на Светата Теоктиста.
5. Големо и чудесно поклонение во Палестина и Синај (четири изданија).
6. Патникот (шест изданија).
7. Добродетелност (две изданија).
8. Света борба против ереста.
9. Белешки за календарот и др.
Превод од новогрчки јазик:
Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Ο Οσιώτατος Γέρων της Πάρου
Φιλόθεος Ζερβάκος
(1884-1980)
www.synodinresistance.org
http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=143&Itemid=68