логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

men.jpg


 

А. С, Бочаров, А. В. Чернишев

 

ПОРТРЕТ НА ХИСТЕРОИДНА ЛИЧНОСТ
ВО ИНТЕРИЕРОТ НА ПАРОХИСКИОТ ЖИВОТ


Во денешно време се одвива чудна замена на религиозни поими. Ексцентричноста се прифаќа како повисока духовна сила, а обичната сентименталност  за умилност и љубов.

Епископ Арсениј (Жадановски)

 

3.angeli.so.trubaХистероидни личности се особена, многубројна и забележлива група верници. Секако, треба да се има предвид дека постојат повеќе степени на изразеност на хистеричните растројства. Распонот од благата нагласеност на некои карактерни хистероидни црти до изразита психопатија е  голем.
„На секојдневно ниво, хистеријата често се среќава не како болест, туку како одреден стил на однесување за кој е карактеристична силна емоционалност, театралност, самобендисаност... Хистеричниот човек мошне болно го доживува отсуството на внимание и се обидува да го предизвика (вниманието) не бирајќи средства, останувајќи често рамнодушен на негативната реакција на своето однесување. Човек со таква склоност едноставно може да им го расипе празникот на луѓето со кои е заедно, со некаква неумесна забелешка искажана со цел да го привлече вниманието кон себе. Со тоа предизвикува лутина и раздразнетост, но тоа за него во секој случај е попријатно отколку да не е во центарот на вниманието.
Некои хистероидни личности своите хистерични манифестации ги сметаат за знак на оригиналност и непосредност, и не само што не се срамат од хистеричноста, туку, напротив, на секаков начин настојуваат да ја култивираат во себе таквата емоционалност. Така, често може да се чуе како жените со гордост раскажуваат дека во одредени ситуации не можеле да ги контролираат своите емоции. Разбирливо, хистеријата стимулирана дополнително се развива и на крај преминува во вистинска и прилично сериозна болест.“
Кои се луѓето што избрале хистероиден стил на живеење? Секој од нас сретнал луѓе коишто, на барање да опишат некого, одговараат приближно вака: „Тој, тој е толку голем, просто страв да те фати!“ Или, пак: „Страшно многу го мразам!“ Односно, одговорот на прашањето е исполнет не со факти, туку со емоции.96 Секако, тоа се силни впечатоци, поврзани со лични доживувања, но тука наполно отсуствуваат факти и конкретна информација, што е карактеристично за хистероидните личности. Навистина, хистероидите си спомнуваат за нешто само преку емоции, и преку емоциите, очигледно, и размислуваат.  Тоа остро се разликува од деталното размислување на наметливите личности, опишании во делот „Гласот на песимистот“.
Ќе ја споменеме духовната страна на појавата.
Во основа на секое отклонување на човекот, кој е создаден во хармонија, но кој во себе ги носи последиците на првородниот грев, лежи гордоста како гревовен принцип, во нејзини различни варијанти и форми. Една од манифестациите на таа страст е славољубието. Тоа се карактеризира со крајна вообразеност, суета, неадекватна самооценка, зголемени претензии, склоност спрема самофалење, потреба за примање пофалби. На суетата и на славољубието им се блиски лицемерието, угодувањето на други, ревноста и завидливоста.97 Како што гледаме, описите на страста на славољубието и на хистероидната акцентуација речиси се совпаѓаат. Нашиот век е заплеткан во славољубие и се храни со него. Детето речиси од самото раѓање го учат да биде подобро и попаметно од другите, да ги истакнува своите способности и дострели, да мечтае за кариера и за богатство. Зголемувајќи ги претензиите, несоодветни на своите сили, човекот во себе раѓа конфликт меѓу сакам и можам. Тоа е директен пат кон неврози меѓу кои, како најчести, се издвојува хистеријата.
Митрополитот Антониј Сурошски особено ја истакнува артистичноста во однесувањето на хистероидите: „Во хистеријата се присутни моменти на комедијантство, на лагата, на играта и сл. Таквите психички расположенија, се разбира, се погубни за духовниот живот, зашто за вистината останува мошне малку простор; човекот толку многу се вплеткува во сопствената комедија, што му е тешко да стои искрено пред Бога. Ако и дојде да се исповеда, тој може и да ја каже сета вистина, но во однос на таа вистина тој ќе се восхитува на самиот себеси колку драматично опишува какво ѓубре е тој. А тоа веќе не е исповед, туку е нешто сосема бесполезно. Човекот не може да се кае ако, исповедајќи се, гледа под око и си мисли: „Каков впечаток ќе оставам? Зарем не е запрепастен од ужасите што ги опишувам?“
Хистероидните личности секогаш се напред, на „бел коњ“. Донесуваат брзи одлуки за одредени работи, и ако решат нешто, тоа задолжително и го остваруваат. „Тие отворено се стремат кон промени и кон слобода, тежнеат кон нешто ново и рискантно, пред нив се отворени шансите и можностите на иднината“.100 Како што гледаме, оваа класична слика на акцентуација (односно пренагласување на обични карактерни црти, присутни кај многумина) се среќава мошне често. Хистероидите во голема мера се зависни од мненијата на луѓето од нивната средина, бидејќи славољубието сака да се демонстрира. „Мнението што другите луѓе го имаат за нас е она огледало пред кое позираат речиси сите, без исклучок. Човекот се преправа дека е онаков каков што тој сака да биде, за да биде забележан. Вистинскиот човек, онаков каков што е во реалноста, не му е познат на никого, вклучувајќи го често и самиот тој човек, и тој живее и дејствува како некаква измислена и украсена фигура.“101 
„Кај хистериците е силно развиено чувството на одмазда; тие се склони различните искуства да ги драматизираат. Божественото искуство лесно се заменува со лично; сопствените желби со леснотија се прикажуваат како желби на Господ. На таквите луѓе им е неопходна зависност, свртеност спрема силен собеседник-водач, кој би им давал самовоздржаност и би ги ограничувал“.
Јадрото на нивниот карактер е „егоцентричниот мотив да се наоѓаат во центарот на вниманието во сите меѓусебни односи“103 или макар да бидат блиску до центарот на вниманието. Во практиката на црковниот живот тоа значи да се биде поблиску до духовникот, да се биде негова „десна рака“.
Сите феномени на хистероидниот карактер се формираат врз основа на таа „желба за признание“.

„За фалбаџија не е потребен нож:
нему само малку угоди му,
и ќе можеш да правиш со него што сакаш.“
Булат Окуџава

Понекогаш таквиот човек бара нетрадиционални варијанти на однесување во општеството. Тоа не се сведува само на предизвикувачки постапки и на нападна облека. Да се биде активен член на парохиска заедница, при општ скептичен однос спрема религијата, исто така не е лоша варијанта. Главната работа е да гориш посилно, за и на другите да можеш да им бидеш светило.

Една девојка од преминувањето од протестантска во православна заедница направила вистински спектакл. Таа повикала еден пар, којшто одел во православен храм и кој не насетувал што се крие зад поканата, да присуствува на редовна средба на подмладокот, и пред сите објавила дека ја напушта заедницата. Природно, браќата протестанти почнале да се интересираат за причините: „кажи ни, дали се однесувавме лошо спрема тебе?“ се обидувале да ја разубедат, фалејќи ја притоа. Таа сепак за последен пат ја отпеала својата сакана христијанска песна и ја напуштила заедницата. Во православниот храм девојката уште во првиот ден настојчиво барала да пее на клиросот, предупредувајќи дека, во спротивно, може да се случи повторно да се врати во протестантската заедница.

Впрочем, постои „уште една, прилично искривена форма на славољубие  гордеење со своите недостатоци. Така, често се случува да слушнеме како некој гордо вели: Јас сум едно големо ѓубре...“ Уште почесто со такви нешта се среќава свештеник кога парохијаните (почесто парохијанките) велат за себе: „Оф, отец, јас сум еден голем грешник!“ Но, зад тие зборови не стои некое големо покајничко чувство, туку истата она славољубива желба за издвојување од другите, за привлекување внимание. Имено, таквите луѓе се раководат со принципот: „Ние сме подготвени да бидеме сакани или мразени, но не ја проштеваме рамнодушноста спрема нас.“
Во еден „човекољубив“ холивудски филм главната хероина (настапувајќи како позитивна личност, којашто несомнено предизвикува сочувство) се „исповеда“ дека е виновник за престап кој таа не го сторила, со единствена цел да го привлече вниманието кон себе. Таквите нешта не се среќаваат само на филм. Психотерапевтот С. А. Белорусов укажува дека „во аналите на судската психијатрија се опишани дури и самообвинувања за несторени престапи, изречени од таквите луѓе со една единствена цел  да обазбедат општествен резонанс околу сопствената персона“.
Тие луѓе не се способни за лесни степени на емоционално доживување. Нивните чувства секогаш се усвитени и преполнети. Тие со задоволство ги примаат сите работи „блиску до срцето“, при што не сакаат нештата да ги доживуваат сами, туку задолжително опкружени со сочувствителни погледи.
Особено често хистероидниот тип се среќава во однесувањето на жените. Затоа свештениците, особено младите, често се чувствуваат непријатно. Во еден современ роман е опишан јасен пример на таквото однесување. 

„Претседателката на парохискиот совет Елисавета Ивановна, убава жена на возраст од триесет и пет години, со тенки нацртани веѓи, во елегантен костум, се обидува да флертува со младиот свештеник, штотуку дојден во парохијата. По откажувањето на свештеникот да ноќева во домот на претседателката, таа му соопштува дека во храмот постои просторија за одмор:
-Ја гледате ли вратата? Зад неа се скали коишто водат угоре. Таму има една ќелија... Можете да погледнете. Само, простете, јас нема да Ве водам горе. Сепак, јас сум жена... Тоа би било мошне недолично...
Свештенкот избувнува:
- Елисавета Ивановна, сега нема да говориме за доличност.
- Зошто?  праша таа со лажно наивен тон. А каде на друго место, ако не тука, треба да се говори за доличност?
- Тука се зборува за гревови.
- Може и за гревови. Јас би можела да ви раскажам многу изненадувачки нешта.
_ Сè што би можеле да ми кажете е старо колку и светот. И ништо инересно за мене нема во тоа.
- Не ми паѓа ни на ум. Впрочем, гледам дека не сте расположени за разговор за гревови.
- Необичен начин да се разговара со свештеник...
- Сешто се случува, батјушка, сешто се случува!“
 
За таквите луѓе може да се каже дека немаат „внатрешна потпора“, и дека нивното однесување „силно зависи од факторите што постојат во дадена ситуација, делумно и од вниманието на присутните“.108 Тоа што таквите луѓе брзо подлегнуваат на заводливоста на авторитетни личности, меѓу кои и свештеници, е условено од зголемената сугестивност, од склоноста спрема „митското и мистичното осмислување на реалноста“.109 Има случаи кога млад свештеник, кој само што започнал со службувањето, станува жртва на средината којашто од него прави кумир. Свештеникот не успева да се оттргне и пропаѓа во виорот на славата. И често само Господ може да го запре тој виор, испраќајќи грижи и искушенија на свештеникот за да го доведе до покајание.
Истражувањата покажале дека хистероидите често се нескротиви фантазери. Нив им е „досадно“ да живеат во светот што ги опкружува и се стремат да го променат со својата фантазија. Еве еден случај, на кој бевме сведоци:

Еден млад послушник, сакајќи да го привлече вниманието, почнал да раскажува за настан којшто божемно се случил во неговиот живот, кога за малку не го каснало некое куче. Тој успеал да се спаси благодарение на кратката молитва што ја кажал. Деталите од описот на настанот целосно се совпаѓале со епизодата од животот на преп. Силуан Атонски. По неколку минути, послушникот признал дека неодамна ја прочитал книгата за тој светија.

Секогаш е интересно да се слушне како луѓе со слични квалитети ги пренесуваат настаните, извртувајќи ги очигледните факти поради желбата да владеат со ситуацијата, влијаејќи врз слушателите.
Еден почитуван човек секогаш со сомнеж се однесувал спрема таквиот квалитет на својата сопруга, која постојано ги интерпретирала настаните така да биде по нејзино. Тој тврдел дека на прашањето: „Колку е часот“, ако часовникот покажувал, на пр., 08.30, таа одговарала: „Осум и дваесет и пет“, или „осум и триесет и пет“.
Според веродостојна забелешка на истражувачите, поминаа времињата кога хистериците при напади се виткале како лак. „Во денешно време голем број психијатри укажуваат на тоа дека хистеричните реакции сега ретко се проследени со брутални (отворени и груби) манифестации, и тие сè повеќе се забележуваат во суптилен и диференциран вид“.
За развојот на славољубието и на демонстративноста особено придонесуваат „јавните“ професии како што се говорник, глумец и сл.
Елементи на јавност има и во служењето на свештениците. Така, млад пастир, склон кон славољубие (хистероидно однесување), лесно може да се фати во стапицата на младостарчеството. Како опасни (и првични) симптоми за такво нешто може да се сметаат излишното внимание на свештеникот за својата свештеничка облека, стремежот да им кажува поуки на луѓето (при што не е важна самата поука, туку околностите во кои таа се кажува), склоноста да се восхитува на самиот себеси, пресметливоста, зависноста од туѓото мнение, непотребниот стремеж да наредува: „ова прави го, тоа не прави го“. За таквиот човек чинот на ракополагање може да значи исполнување на неговите високи претензии. Таквите свештеници, според зборовите на митрополитот Антониј Сурошски, „вообразуваат дека со ракополагањето станале поумни, поискусни, и дека станале способни да ги разликуваат духовите, и ... немајќи уште доволна духовна зрелост, немајќи го дури ни она духовно гледање коешто се стекнува од лично искуство, сметаат дека научиле сè што е потребно за да го земат покајаниот грешник за рака и да го поведат од земјата кон небото.“
Треба да се нагласи дека стремежот кон лажното духовништво најчесто се среќава токму кај хистероидите. „Некои луѓе, коишто се претставуваат како пророци и на драматичен начин влијаат врз средината, всушност се личности со хистерична природа. Оној што дејствува премногу лесно и со задоволство, со самото тоа попрво открива психички недостатоци одошто вистински призив.“ Чувствувајќи внатрешен поттик, понекогаш недоволно јасно спознаен, таквите луѓе настојчиво бараат водач. Некои од нив од грубите девијации ги спасува искрената желба за лична промена, но многумина наоѓаат слични на себе, фаќајќи се во мрежите на лажните учители со семожни бои.
Уште еден аспект на хистероидната личност е нереалниот свет во кој тој живее. Психолозите знаат колку е понекогаш тешко да се добие детален одговор од хистероидна личност, зашто таа не е во состојба интензивно умствено да се концентрира, и повеќе се ослонува на својата интуиција и инспирација. 
Стремежот да го слуша внатрешниот глас (а тој е склон да му се довери), и несакањето (неможноста) да ги проверува сите негови совети со помош на разумот, можат лошо да се пошегуваат со хистероидниот тип. А ако се додаде тука и начинот на спознавањето со помош на брзи, пасивни впечатоци („Да, јас веќе сè разбрав“), тогаш станува јасно какви заклучоци изведуваат таквите луѓе од површното запознавање со аскетската литература. Интуитивните претчувства и површните впечатоци за таквите луѓе претставуваат превладувачки механизам на нивната спознајна активност. Не е едноставно да се општи со хистероиди, поради нивната обземеност со желби, поради импулсивноста, постојаниот стремеж кон моментално задоволување на своите потреби. „Идеалните ставови ги тераат да ги пренебрегнуваат логичноста и последователноста на своите дејствувања.“ Уште потешко им е да одат по патот на духовниот раст. Навиката да живеат со површни впечатоци е толку силна што не им дозволува да проникнат длабоко во смислата на светоотечкото учење за спасението. Нив им е полесно да почнат да ги собираат делата на светите отци и книгите за нив, убедувајќи се притоа дека во интериерот, во кој полиците на витрините се исполнети со духовна литература, и самите тие стануваат духовни.  
Уште еден психолошки феномен, карактеристичен за дадената категорија луѓе, објаснува зошто се тие склони да бараат „необични“ духовни раководители. Се работи за тоа дека хистероидниот тип луѓе се склони кон напрегнато внатрешно очекување на својот „принц“ кој ќе дојде на бел коњ и ќе ги разреши сите нивни проблеми. Притоа, тие ги проектираат ликовите на светите подвижници од аскетската литература на луѓето што ги опкружуваат. А нивната склоност спрема романтична љубов и приврзаноста им овозможуваат сличните црти да ги прифаќаат како целосен образ и да не ги забележуваат очигледните недостатоци.
Пастирот строго предупредува: „Хистеријата претставува разложување на личноста, и таа ослободува огромно количество енергија, погубно поради својата разурнувачката сила, како што се случува при распаѓање на атомот.“ Но, и покрај тоа, избавувањето од хистероидната сила не само што е можно, туку е и неопходно. Свештеникот „кој на таквиот парохијанин му одредува послушание, треба да ги избегнува излишните оптоварувања од физичка и од психичка природа. На хистерикот треба да му се забрани практикување на какви било излишни религиозни „подвизи“, долги молитвени правила, послушанија коишто го подгреваат славољубивото чувство на сопствената важност, нешта коишто за кратко време можат да предизвикаат „разгорување на крвта“, за потоа повторно да го втурнат човекот во мракот на малодушност поради спознавањето на сопствената непостојаност.
Цврстината и доследноста на духовникот при раководењето со такви луѓе даваат позитивни резултати. Во процесот на општењето е неопходно внимателно ампутирање на каприците, плачливоста и на лицемерието. Меѓутоа, луѓето со таков карактер, забележувајќи дека нивните измислици и нивната игра не предизвикуваат соодветен ефект кај свештеникот, лесно одлучуваат да најдат друг духовен раководител“.

(продолжува)

 3.angeli.so.truba

Издавач: Премин доо

 3.angeli.so.truba

 Друго:

 

 А. С. Бочаров, А. В. Чернишев


ОГЛЕДИ ОД
СОВРЕМЕНАТА
ЦРКОВНА
ПСИХОЛОГИЈА

ПРЕДГОВОР

Да се каже дека живееме во сложено време, значи -  да не се каже ништо. Според зборовите на блажениот Августин, ние сме времиња. Имено, од нас зависи какво ќе биде нашето време. Но, сепак, не можеме, а да не забележиме дека односот на Црквата кон современиот свет е мошне сложен. Макар што е модерно, во информативните медиуми, грубо да се напаѓа православието, гледиштата на нашите сонародници, макар што и самите тие не се секогаш свесни за тоа, сепак, се свртени кон Православната Црква. И, макар што христијаните не се секогаш издигнати на доволно високо ниво, Исус Христос е ист вчера, и денес и во веки (Евр. 13, 8), а Црквата била и ќе биде Столб и Тврдина на Вистината (1 Тим. 3, 15).
Повод за пишување на оваа книга е пријателството со еден виден човек, кој во почетокот на својот црковен живот ја поминал „школата“ да служи на „младостарец“ . Направил анализа на односите на луѓето, коишто пристапуваат кон Црквата, во однос на многубројните феномени со коишто се сретнуваат на тој пат. Резултатот на извршената анализа е мало психолошко истражување, коешто ги одразува „сломовите на душата“, на современите православни верници. Ние се обидовме да ја истакнеме мислата дека Црквата е чиста и непорочна, и дека не треба да се поистоветуваат гревовите и проблемите на нејзините членови со некакво „разградување“ на Црквата. Затоа, не треба да нè чуди што во гледиштата изнесени во оваа книга има толку многу описи на негативните карактеристики на луѓето коишто пристапуваат кон Црквата. Тоа воопшто не е проблем на самото православие. Црквата е мајка, лекар, духовна тврдина кон која прибегнуваат оние што имаат потреба од исцелување. За луѓе со суштински проблеми и со аномалии во душевната сфера, само Православната Црква може да им даде сè што е неопходно за духот, без оглед на многубројните слабости на нејзините членови.
Гледано од страна, луѓе со различни отклонувања многу почесто се сретнуваат во православната средина отколку во другите христијански конфесии. Таквото тврдење е само делумно точно. Зашто, каде на друго место ќе сретнеш толку многу духовно здрави луѓе? Каде на друго место сме виделе да се пројавува дејствувањето на вистинските благодатни дарови? Истовремено, се чувствува потреба да се постави прашањето: а каде на друго место треба да појде болниот, ако не во болница? „Денес во светот има многу душевно болни луѓе. И, особено многу ги има во Црквата“ - смета протојереј Владимир Воробјов.
Но, на оваа појава може да се гледа и од друг аспект. Се работи за тоа дека семожните патопсихолошки феномени се во разногласие со духот на православието и јасно се видливи на неговиот фон. Навистина, карактеристично за Православната Црква е што јасно ги расветлува недостатоците и дисхармоничните црти на личноста. Како здрава средина, православието не може да поддржува и да одгледува во себе каква и да е патологија.
За нас е очигледно дека православието во целост го сочувало вистинското Христово учење и дека претставува најздрава заедница. Затоа, имено, во него - и никаде на друго место - јасно се забележуваат сите човечки слабости, меѓу кои и душевните, од кои произлегуваат пороците и телесните страдања (психосоматика).
И уште една теоретска премиса од која тргнавме. Разгледувајќи ги акцентуациите и, воопшто, аномалиите на личностите, можеме да истакнеме два важни момента.
Како прво, сите тие се развиваат врз основа на одредени гревовни страсти, растат според мерата на нивното продлабочување и се намалуваат според мерата на борбата со нив.
Како второ, сите аномални црти имаат механизми на заштита од нападите на совеста и на чувството за покајание. А таа заштита не може лесно да се совлада. Тука спаѓаат сублимацијата, потиснувањето, проекцијата -нешта, коишто не ги разбираме во смисла на фројдовската психоанализа, туку како психопатолошки механизми, коишто овозможуваат да ја избегнеме духовната работа.
И така, Православната Црква ја има полнотата на благодатта, којашто го храни човековиот дух. Меѓутоа, работите се посложени кога е во прашање организацијата на душевниот живот, зашто таа сфера директно зависи од оние луѓе коишто ја сочинуваат заедницата, парохијата, од личноста на духовникот.
Во процесот на пишувањето, оваа книга стана поопширна одошто планиравме. Во неа ги додадовме поглавјата за алкохолизмот и за психологијата на болеста. За жал, денес кај нас има многу малку целосни, завршени трудови од областа на православната психологија. Затоа и нашиот труд, кој ни најмалку не претендира на сеопфатност и на непогрешност, ги повикува читателите на размислување, па дури и на полемика.
Кратките поглавја „Ако заминуваш - заминувај“, „Пијанството и алкохолизмот“, „Гласот на песимистот“, „Психологија и психопатологија на духовното раководство“ и „Некои аномалии на личноста од гледна точка на православната психологија“, коишто влегоа во оваа книга, се посветени на анализата на дисхармоничните црти на личноста, со цел да се помогне во понатамошниот избор на правилен пат и на правилни средства за исправање на состојбите.  
Описите на растројствата на личноста ги наведуваме како според одделните симптоми, така и според крупните синдроми, користејќи ги термините „хистероиден“, „параноиден“ или „депресивен“ тип на карактерот. Но, во практиката ретко се сретнуваат апсолутно чисти типови. Најчесто во секој од нас, во чудни комбинации, се помешани аномалните и штетните својства, така што можеме да воскликнеме заедно со св. Теофан Затворник: „Еве го редот на гревовната сфера! Секој грешник е целиот во неа, но главно се држи за едно нешто!“. Не треба да се заборави и на заострените црти на карактерот кои се резултат на одредени ситуации. Така, научник што работи на нова статија може со месеци да остане заглавен во својата тема, претставувајќи на тој начин упорна личност. Човек што претрпел тешка загуба, може долго време да пројавува црти на депресивна личност и сл.
Прашањето за тоа што се смета за норма, а што за патологија, секогаш било мошне сложено. Методолошкиот арсенал на православниот психолог е збогатен со такви јасни аскетски поими како што се грев, страст, гревовни навики и сл. Тоа знаење го става во поповолна положба, во споредба со световните научници, коишто не ги разграничиле нормата и патологијата. Да се потсетиме дека во современото општество постои тенденција психичкото растројство да се смета како некаква варијанта на нормата, со тоа што таа не е применлива на доминантно општествен стереотип .
Уште една премиса од којашто тргнавме. Еден од важните поими во православието е преобразбата - не претворањето, туку одухотворувањето, возвишувањето, облагородувањето на сè што е природно, на сите нешта што се во човекот, меѓу другото и на неговите душевни сили. Ова пресудно влијаше врз утврдувањето на насловот на книгата.
Како автори, не направивме ниту најмал обид да ги класифицираме аномалиите користејќи се со веќе познати термини и поими. Не си го поставивме како цел ниту описот на сите можни патокарактеролошки феномени. Темите на нашите поглавја се ограничени на проблемите на патопсихологијата во контекстот на православниот поглед на душевниот живот на човекот. Тоа се нафрлени анализи на портрети на аномалните, невротичните, акцентуираните „стилови“ на егзистирање во ентериерот на црковниот начин на живеење, нацртани со перо на православен психолог.
Меѓу задачите на оваа книга е и утврдувањето како се формираат одредени акцентуирани карактери, како личностите со таков карактер дејствуваат во условите што владеат во црковната заедница, со какви тешкотии се сретнуваат, кои се патиштата на хармонизација на личноста и на преобразувањето на душата.
Во сферата на нашиот интерес најчесто влегуваа акцентуирани личности . Ние се обидувавме да ја разгледаме врската на акцентуацијата со гревовните навики, не заборавајќи дека и „здравиот“ човек може да биде голем грешник, без притоа да покажува знаци на растревоженост или грижа на совеста. Од друга страна, човек со сериозно нарушено психичко здравје може да биде значително почист и подлабок од т.н. просечен, „нормален“ човек.
Авторите воопшто не претендираат на оригиналност и на систематичност на излагањето. Оваа книга попрво претставува зборник со огледи, обединети во една општа идеја. Освен тоа, ние намерно не го упростувавме материјалот, зашто за длабоките појави најдобро може да се зборува на јазикот на професионалниот психолог. Се смета дека е полезно секој човек, којшто се интересира за православната психологија, да влезе во светот на најдобрите достигнувања на психолошката наука. Од друга страна, сите психолошки феномени во книгава се разгледуваат од гледна точка на православната антропологија, затоа во текстот има толку многу повикувања на богословски текстови. Соодветно, оваа книга е наменета за луѓе коишто размислуваат и творат.

 

 

15ти февруари 2020 лето Господово

 

 


 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Септември 25, 2024
Zivko.Grozdanoski3

Интервју со Живко Грозданоски: ДПМ може да дејствува гласно, сложно и независно

Ми се чини дека надворешните предизвици, како на пример отсуството на соработка со некои членови (на Управниот одбор) на ДПМ, некои обиди за саботажа итн. (сè се тоа нешта што веројатно секогаш ќе ги има); па сега слабиот рејтинг на ДПМ меѓу членството и во…
Август 29, 2024
TviTER231

„РАДОСТА НЕ ДОАЃА САМА, ТАА МОЖЕ ДА ЈА ЗАСЕНИ ТАГАТА“ Академик Ќулавкова добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата награда за најдобра поетска книга на годината, напишана на македонски јазик, ‘Браќа Миладиновци’. Тоа беше мојата книга ‘Жедби’, со поднаслов ‘Престапни песни’. Во неа, во шест циклуси, опеав неколку…

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Ное 14, 2023 Филм, Театар 2025
Tamara.Kotevska
Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 2545
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од култура

Православен календар (2)

 

24/12/2024 - вторник

Божикен пост (пост на масло)

Преподобен Данило Столпник; Преподобен Лука Столпник; Преподобен Никон Сувиот; Светиот маченик Миракс;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная