Загреб, 31 март 2012 (МИА) - Симон Трпчески синоќа настапи во престижната и полна концертна сала „Ватрослав Лисински“ со Загрепската филхармонија и ја одушеви хватската публика, која со овации го врати на сцената за две изведби на бис.
Одамна распродадениот концерт беше насловен „Магичниот Трпчески“ и воден од младиот хрватски диригент Иван Репушиќ. Беше завршница на одбележувањето две децении од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска, покрај другите активности што по тој повод ги имаше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера, на својата прва официјална посета на Хрватска.
Трпчески и рече на публиката дека се чувствува како дома и дека е почестен што настапува за јубилејот од дипломатските односи на двете пријателски земји.
Премиерно на Балканот го изведе делото „Фантазија на две фолклорни теми“ што за него го напиша композиторот Дамир Имери, исто така присутен на вчерашниот концерт, а беше праизведено во јануари во Ставангер, Норвешка. Изведбата вчера Трпчески им ја посвети на 30-ина пријатели и негови студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, кои дојдоа во Загреб за концертот.
- Ваков концерт, кој во својата програма вклучува балканска премиера на македонско дело е од особено значење за мене и сум многу среќен, зашто многу напор и искрени чувства внесовме заедно со Дамир во подготовката на делото, а јас и мојот менаџмент во неговото пробивање зашто е многу тешко кога се работи за нова композиција. Сметам дека по светската премиера во Норвешка, оваа втора изведба, во Загреб, доживеа голем успех. Хрватите како словенски народ не симпатизираат и се во контакт со нашата музика, изјави пијанистичкиот виртуоз по изведбата.
Концерт-мајсторот Мартин Драушник изјави дека бил почестен да свири со Трпчески. - Тој е извонреден музичар и за мене беше голема чест. Навистина уживав од првиот до последниот тон, рече тој по настапот.
Ова дело ќе има и американска премиера, на 19-ти и 21 април во Сиетл, а во меѓувреме Трпчески ќе гостува и во Кина.
Покрај „Фантазија на две фолклорни теми“, синоќа тој го отсвири и Концертот за клавир и оркестар број 2 од Камиј Сен Санс, за кој изјави дека е убав за слушање, но многу комплициран концерт. Додаде дека уживал во настапот и во соработката со Загрепската филхармонија и дека се надева на повторно гостување.
На бис ја изведе „Играорна фантазија“ од Кочо Петровски, а на вториот - „Германски танц“ од Шуберт, поради долготрајниот аплауз на публиката во салата „Лисински“, во која половина век настапуваат светски имиња и оркестри од класичната и од џез-музиката. хс/бак/9:32