Концертната турнеја е од хуманитарен карактер, а почнува утре во Домот на културата во Валандово Нашиот пијано-виртуоз Симон Трпчески од утре до 8 ноември ќе одржи турнеја низ државава. Како што најавуваат од агенцијата „КултурОп“, кои ќе ја организираат турнејата, серијата концерти ќе бидат како продолжение на ланските настапи на Трпчески низ државава, а со кои беше предизвикан голем интерес кај гледачите.
- Како резултат на извонредниот прием од домашната јавност и публиката од градовите во кои се одржаа првите три циклуси, како и поради барање и огромно инсистирање на публиката во внатрешноста на земјава, Трпчески повторно ќе настапи низ нашата земја - велат од „КултурОп“.
Концертната турнеја ќе биде од хуманитарен карактер. Утре Трпчески ќе настапи во Домот на културата во Валандово, а на 10 октомври концерт ќе одржи и во Домот на културата во Кавадарци. Турнејата продолжува и следниот месец, при што на 7 ноември Трпчески ќе има концерт во Охрид. Турнејата ќе заврши со концерт во Велес на 8 ноември.
На концертите Трпчески ќе изведе дела од Хајдн, Моцарт, Шопен, како и од домашни автори, при што премиерно ќе биде изведена и нова суита од Панде Шахов. По секој концерт предвидени се и средби со публиката, при што Трпчески ќе ги потпишува и своите компакт-дискови.
Неодамна тој одржа и повеќе концерти низ европските центри на културата, а за неговите настапи се пишуваше и во повеќе музички списанија. Со пофалби и позитивни критики беа освртите на медиумите во Ливерпул, Велика Британија, каде што Трпчески минатиот месец настапи како солист во изведбата на Концертот број 3 за пијано и оркестар од Сергеј Рахманинов, заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар, а под диригентската палка на Василиј Петренко.
Со овации и долги аплаузи Трпчески деновиве беше награден и од публиката во Тронтхајм, Норвешка, каде што со Симфонискиот оркестар на тој град го изведе пијано-концертот од Морис Равел. Диригент беше маестро Александар Ведерников, кој го предводеше оркестарот на театарот Бољшој на концертот во Скопје во мај годинава.
Дневник