„Цар Самуил“ блесна на сцената
Впечатливи солистички остварувања на нашите оперски пејачи, раскошна костимографија и автентична сценографија, партитури на Кирил Македонски, а под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар, донесе операта „Цар Самуил“ на отворањето на Мајските оперски вечери. Бугарскиот режисер Огњан Драганов успешно ја раскажа приказната, а врвот беше постигнат во завршните сцени, каде што на сцената беше олицетворена трагедијата на ослепените војници. Нашиот бас што полека гради европска кариера, Игор Дурловски, заслужено ги доби најголемите овации од публиката, која беспоштедно го даруваше со аплаузи. Со улогите се истакнаа и Горан Начевски, Цветан Стојановски, а одлично звучеа хорските сцени. Свој белег оставија и неколку балетски играчи, кои по кореографија на Олга Панго и' дадоа интересна нота на операта.На претставата и' претходеше церемонијата на свеченото отворање пред платото на Македонската опера и балет. Фестивалот го отвори министерот за култура Арификмет Џемаили, а публиката ја поздрави и генералниот директор на МОБ, Оливер Арсовски. Патот на оперските уметници од 14 земји им го осветли фестивалскиот оган што го запали поранешниот концерт-мајстор во оркестарот на МОБ, Ѓоко Николовски. Од својот почеток Мајските оперски вечери станаа празник на музиката на Балканот. Со овие традиционално позитивни резултати, Вечерите се развиваат во манифестација за врвна културна соработка на Македонија со светот. Манифестацијата го најде своето вистинско културно-уметничко оправдување - рече, меѓу другото, министерот Џемаили.Уште пет оперски, една балетска и еден симфониски оркестар ќе бидат изведени до 31 мај, кога ќе заврши фестивалот. Синоќа на сцената на МОБ беше изведен балетот „Лебедово езеро“, со гости-солисти од Украина.