Недела, 03 Март 2013 07:27 Во Македонската опера и балет во десет категории беше доделена наградата „Виртуози“
Во Македонската опера и балет во десет категории синоќа беше доделена наградата „Виртуози“, востановена врз основа на иницијативата на: СОКОМ, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Министерството за култура на Република Македонија.
Македонската филхармонија беше наградена во две категории: „Музички организатор“ за 2012 година, во конкуренција со Македонската опера и балет и фестивалот „Охридско лето“, и „Голем ансамбл“, за која беше избрана меѓу Македонската опера и балет и хорот „Драган Шуплевски“. „Мјузик прогресив квартет“ е добитник на „Виртуози“ во категоријата „Камерен ансамбл“, во која беа номинирани и „Дуо Кировски“ и „Трио интерарт“, а Марко Коловски е награден во категоријата „Музички публицист“ во која беа предложени и Аида Ислам и Васка Наумовска–Томовска. Пијанистот Дино Имери е „Млад музички уметник“, а негови конкуренти беа Александар Коловски и Софија Никоска.
Наградена е и манифестацијата „Денови на македонската музика“, избрана меѓу фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“, а оперската певица Ана Дурловски е „Музичко-сценски уметник“ за 2012, избрана меѓу сопранот Весна Ѓиновска-Илкова и балерината Александра Мијалкова. Дарија Андовска ја доби статуетката „Виртуози“ во категоријата „Композитор“ за која беа предложени и Фатос Лумани и Александар Пејовски. Пијанистот Симон Трпчески е награден во категоријата „Меѓународна афирмација“, избран меѓу сопранот Ана Дурловски и тенорот Благој Нацоски, а наградата „Виртуози“ за минатата година, во категоријата „Музички изведувач“, и припадна на пијанистката Марија Вршкова.
Наградените ги избра жири–комисијата во состав: Снежана Атанасовска-Чадиковска -пијанист и музички публицист, Ангелина Димовска – музички новинар, Горан Начевски - композитор и соло-пејач, Борјан Цанев – диригент, Бајрам Чупи – соло-пејач, Соња Здравкова-Џепаровска - балетски театролог, Александар Герасимовски – генерален секретар на Музичката младина на Македонија, Марија Ѓошевска – пијанистка, Олег Кондратенко – виолинист, Стефанија Лешкова – музиколог и Панче Јосифов – музички теоретичар и диригент.
Извор: Министерство за култура