Но, осамна нов ден со сите свои тековни, практични, понекогаш, бесмислени потреби, со старите содржини. Телефонот повторно ѕвони, а јас веќе сум го заборавила разговорот со себе си.
- Ало, тука е онаа госпоѓа со изгубената ќерка. Неверојатни сте! Ја пронајдовме ќерката преку описот што вие ни го дадовте. Со момчето се
изгубиле во шумата на Галичица, десно од патот, како што вие ни кажавте. Но, не им било премногу лошо..., вљубени се..., ха, ха!
Чувството на вина по кој знае кој пат го замени задоволството и вербата дека сум помогнала, па така понесена од самооправдување ја прифатив за разговор Соња.
Спроти мене седеше прерано остарена жена.
Највпечатливи ѝ беа очите, без ни малку сјај и со црни кругови околу нив. Лицето и вратот ѝ беа збрчкани, па оддаваше впечаток на маченик.
Не знам зошто, но одненадеж ја запрашав:
- Соња, дали вие одите во црква?
- Да, како не. Јас сум верник и дури се причестувам одвреме - навреме.
Кога би можела сега, од двеилјади и шестата, да се вратам назад, во истиот тој миг, со љубов би ѝ рекла: „Соња, бегај што поскоро од овој дом на Марија, особено затоа што си го спознала Бога и немој да му служиш на овој поднебесен, кој ти плете мрежа, со намера да те оттргне од вистин- скиот пат...!"
Но, да се вратам на разговорот со Соња.
- Добро е што одиш во црква, - одговорив повеќе по инерција - но ајде да видиме што можеме да направиме сега. Значи, изморена си, истрошена, со години наназад толерираш неправди нанесени од сопругот. Сама се грижиш за децата.
- Така е, сосема е така. Сиве овие години ме малтретира, децата ми слушаат ужасни пцости, често ги претепува... - подзастана Соња, ги избриша солзите и носот, па продолжи: - Вчера ми ги собра и тие малку пари и цела ноќ го немаше. Сигурно некаде пие или се коцка во „Континентал". Однапред се потресувам што ќе следи денес, кога ќе се прибере. Ако, пак, ги изгубил и парите... - офкаше, фаќајќи се за глава. - Нема крај, помагај, Марија, дали да трпам или да бегам?
Сега, внимавајте колкава беше мојата улога во понатамошните настани, кога со мојот совет се вмешав во нејзината слободна волја и на некој начин ја определив нејзината судбина. Која хула, која гордост!? Ја презедов улогата на Бог!!!
- Соња, тој тешко ќе ги смени своите навики - ѝ реков. - Ти си постојано тука, сервилна и покорна. Постојано простуваш, не претставуваш авторитет. Ти го подгреваш детето во него, неговата неодговорност. Од друга страна, не му даваш шанса да види што значи да биде сам, без тебе и децата. А, обично, кога некого или нешто ќе изгубиме, повеќе ја сфаќаме неговата вредност.
- Така е, така - несигурно и послушно потврдуваше Соња.
- Е, сега, ќе се случи нешто што ќе ти биде повод за да тргнеш по патот што јас ти го сугерирам. Не сакам да те вознемирувам, но се работи за женска особа што ќе биде со него. Овие две недели следи го, доколку сакаш, и ќе се увериш на дело... После тоа, одлучи самата дали ќе про- должиш да живееш вака или ќе се разведеш. Во вториот случај имаш повеќе шанси да се врати назад измудрен и со желба да продолжите со нормален живот.
Дали забележувате дека јас дискретно ѝ сугерирав кој пат да тргне!?
Да не должам и да ви раскажам што се случи понатаму. Настанот со неверството на сопругот навистина се реализира и таа тоа го виде со сопствени очи. И само дотука знаев. Сугестијата што ѝ ја дадов да го напушти, таа безрезервно ја прифати. Пресудно за тоа беше моето безгрешно видување за настанот со неверството.
Се разведоа. Нејзиниот сопруг, неверојатно незрела личност, чувството на вина го компензирал со пиење и нови авантури. Најпосле се вљубил во друга помлада жена и се оженил со неа. Подоцна добиле дете.
Соња, претворена во сениште, чекаше тој да ѝ се врати. Ме посетуваше и во солзи прашуваше кога ќе се исполни вториот дел од приказната. Скоро шест месеци не знаев како да ѝ помогнам, да ја утешам. Ме опседнуваше телефонски, ме чекаше пред влезот и веќе во видно изменета психичка состојба, постојано повторуваше: „Го нема, го нема, кажи кога ќе се врати?"
Децата на оваа госпоѓа, денес живеат сами.
Соња се самоубила!
Дали ова ви е доволно, вам, кои советувате и вам, кои дозволувате да бидете советувани на ваков начин?
Душевната состојба во која се најдов и одговорноста која ја чувствував по оваа вест ми го отсликуваше (п)адот!
Ќе ви раскажам само уште неколку случаи, зашто, верувајте, не е лесно подолго да се зборува за овој период, особено ако авторот е со емоции и е директен учесник во настаните.
Се сеќавате ли на младите Снежана и Тони,
за кои претходно ви зборував?
Благица, од старите студентски денови и Тони, пријателот на Снежана, навистина се сретнаа и таа ги виде прегрнати и насмеани таму, пред киното „Вардар", точно како што ѝ беше предвидено. Понесена од тој впечаток, се разбира дека без поговор го послуша и мојот втор совет, што значеше директно мешање во нејзината слободна волја: „Налути му се и сигурна сум дека тој ќе ти се врати и ќе бидете во брак, долго и хармонично". Така и беше. Откако таа ме послуша текот на настаните се движеа во насока на исполнување на нејзиниот сон, зашто подоцна Тони ѝ предложи брак.
Но кога повторно ја сретнав по две години, немаше ниту трага од прекрасната Снежана.
- Марија - ми рече - до бракот беше по твое. Но ќе те изненадам, ние се разведовме. Го уништи дрогата. Домот ни беше собиралиште на зависници. Трпевме долго со малиот. Избегав од лудилото и сега детето ми е без татко.
Ете уште еден пример колку и до каде можеме да видиме и да помогнеме ние, самонаречените надприродно надарени.
* * *
Накратко ќе ви раскажам уште за неколку настани со не толку трагични последици, но сепак, и тие не беа наивни. Тоа е само мал дел од богатата ризница на „добрите дела" на Марија.
Еден човек, кој сега има околу четириесетина
години, до ден денес остана неоженет. Знаете зошто? Кога ме посетил пред четиринаесет години, веројатно не доволно концентрирано, сум му рекла дека жената која што најмногу ќе го сака, за цел живот, живее во странство и дека само со неа ќе биде среќен. Додека неговите родители проплакале што долго не се оженил, тој по мојот совет, опсесивно ја чекал жената од странство. Случајно разбрав, во една прилика, од неговата мајка, дека во странство живее неговата родена сестра, која неизмерно го сака и силно страда за него.
Верувам дека разбравте. Сум направила грешка, гледајќи љубов. Но, не љубов од друга жена која треба да влезе во неговиот живот, туку тоа била неговата родена сестра! Грешка со кобни последици!
Во еден друг случај, млада девојка, исто така, долго време го очекувала човекот на нејзиниот живот со име на буквата М. Така јас сум ѝ рекла. Многу години тој не се појавил. При една анализа со една наша заедничка пријателка, заклучивме дека М - Михајло било името на нејзината прва љубов од минатото! Веројатно сѐ уште го чека човекот на буквата М, одбегнувајќи ги сите наоколу чие име почнува со друга буква.
Та, нели ние „надарените" од Бога сме безгрешни!?
Еве уште два специфични случаи.
На една исплашена жена ѝ дијагностицирав сенка што личи на тумор на едната града. Со години таа хипохондрично трчала од клиника до клиника и барала да ѝ го докажат тоа. Сопругот ги изгубил нервите. Децата биле запоставени. Докторите ја убедувале дека нема ништо. Таа упорно тврдела: „Марија е безгрешна, досега ми погодила сѐ, не може ова да не е точно!" И понатаму живее во опсесивен страв дека има тумор. Тврдела дека сега го нема, но веројатно тоа ќе се случи подоцна, бидејќи така ѝ било претскажано.
Знаете ли каде беше грешката? На површината од градата жената од раѓање имала бемка во големина на лешник, но тоа не било тумор. Јас сум ја регистрирала само обичната бемка.
Дали и овој настан ви звучи наивно?
Една надежна пијанистка веќе многу години наназад за ништо на светот не сака да го премине мостот на Вардар во Влае. Се фиксирала до ниво на тешка фобија, дека тоа место може да ја убие.
Во една прилика сум ѝ рекла дека е можно во тој дел од градот да доживее мала сообраќајна незгода. Така и се случило, но малку подолу, на крајот од населбата Карпош IV. Таа лесно удрила во друго возило и при тоа го оштетила едниот фар на своето возило. И тоа било сѐ. Но, кај неа за цел живот останал стравот дека тоа е фатално место каде што ќе ѝ се случуваат несреќи.
Како што гледате, луѓето различно, субјективно ги примаат советите од ваков вид. Ова ви е пример колку суштински тие може да изменат нечиј живот, колку големи последици може да предизвикаат навидум лесно изговорените зборови.
* * *
Ваквите несреќни искуства што ви ги опишав се оние за кои до мене дојде глас. Свесна бев, исто така, дека стотици луѓе излегуваат задоволни од кај мене, со видување и совет како да си го решат проблемот.
Но, се поставува прашањето, дали останале задоволни на подолг рок и дали така решениот проблем, одеднаш, всушност, не ги лишува тие луѓе од шансата за личен напредок низ борба, низ голготата на личното преживување на проблемот, а што можеби претставувало во некои случаи, Божја волја?
Да направиме паралела со следната ситуација.
Познато е дека загрижените родители, без
исклучок, настојуваат што е можно побрзо, на било каков начин, да му ја симнат покачената температура на своето дете. Но, што се случува? Се случува тоа што при постигната ниска температура кај болното дете, на организмот му се оневозможува ефикасно да се бори со причинителот на инфекцијата и тој нема да биде во состојба адекватно да го унапреди или изгради сопствениот имунолошки систем. Последиците се видливи подоцна во животот, затоа што ваквите деца многу често се подложни на инфекции.
Значи, по секоја цена не смееме да ги одбегнуваме проблемите, зашто тие понекогаш ни се дадени за наша полза.
8.
Сега знам кој ми даваше моќ за краткотрајни чуда, со цел заблудените полека, но сигурно да се тргнат од стадото Божје. Веројатно ќе ви прозвучам наивно и патетично, но сѐедно, нека звучам дури и како искрено дете. Целта што ја имам пред себе е да ја тргнеме маската на оние, меѓу кои бев и јас, непрогледаните со духовни очи.
Ако ви е тешко да ги сфатите прекрасните поуки на Светите Отци низ вековите; ако ви е тешко да ги разберете стиховите од Евангелието, поверувајте ми, барем мене, како активен учесник во еден поднебесен заговор. Така опиена, заглавена, непрогледана, си нанесов голема штета на себе си, а што е пострашно, и на многумина околу мене.
Оние од вас што, читајќи, сега се препознаваат, нека се запрашаат зошто постојано се враќаат кај луѓето што им прават амајлии, разни напивки и други формули за среќа. Та зарем среќата се купува како лек во аптека што се пие три пати на ден? Зарем проблемите во животот се решаваат со помош на маѓионичарско стапче? Зошто стануваме зависници од гатачи, бајачи, претскажувачи, вакви и онакви исцелители и зошто тие, еднаш засекогаш, не ни го решат проблемот? Затоа што ништо од нив не е постојано, трајно и во полза, освен нивните џебови и суети. Искушувачот на невидлив начин ни испраќа уште поголеми искушенија - проблеми, дилеми - за повторно и повторно да потрчаме кај неговите поданици, лажните пророци, чии соучесници ста- нуваме и ние.
Старецот Клеопа вели: „Однадвор ѓаволите нѐ искушуваат и поразуваат преку петте сетила, кои се прозорци на душата, особено преку видот, слухот и јазикот..."
Се сеќавате на Маргарита, онаа што мораше да си го одвои синот од девојката? По секоја нејзина изречена клетва, по секое фрлање магии, добиваше за возврат болка - скршеници, а подоцна и ненадејни болести на својот син. Тоа ѝ беа знаци, но за жал, таа не ги препознаваше.
Знам како ви е сега. Така ми беше и мене ко- га ќе чуев прекор или добронамерен совет. Имав отпор, бидејќи мислев дека сѐ ми е јасно, дека сѐ што правам е за доброто на човекот, дека тоа, едноставно, се факти, дека многу луѓе усреќив. Но од оваа дистанца, се прашувам за кој временски период беше тој лажен мир и во чие име тоа го правев!? Заблудата ми даваше сила, моќ, самољубие, чувство на добротвор.
Но, зошто би биле потребни ние „избраните", кога Бог јасно ни кажал како да се молиме и да бараме и дека сѐ што е за наше добро ќе добиеме.
Во тој период од мојот живот срцето штотуку го освести сопствениот пад со сета своја жестокост, во кој пребиваше мојата тешко болна душа. Сфатив дека адот на земјата не е ништо друго туку состојба на огревовената душа, притисната од чувствата на вина за сите заблуди, лаги, несреќи, солзи, лажни надежи и ветувања кон ближниот свој, за уништените судбини, за гордоста, за славољубието, за среброљубието и најстрашното од сѐ, за непостоењето на страв од Бога и Неговиот суд.
9.
Појавата од поднебесието сѐ пожестоко ме шибаше. Секој и најмал блесок на будење таа го гасеше со уште понеприродни случувања. По враќањето од Прилеп, јас и Анита се договоривме веднаш да ја повикаме Весна, за да ѝ раскажеме што доживеавме таму. Ја пречекавме пред мојот влез и трите се упативме кон станот.
Кога ја отворивме влезната врата, не забележавме ништо чудно. Весна по обичај брзо влезе во дневната соба, додека ние го подготвувавме попладневното кафе во кујната.
Одеднаш го чув- ме гласот на Весна:
- Дојдете веднаш, да видите што е ова што го гледам?
- Што ти е па сега тебе!? - дотрчавме кај неа. Весна без глас покажуваше со раката кон де- коративната кожа, отприлика метар на метар,
што беше послана врз фотељата. Не можев да ве- рувам во тоа што го видов. На неа беа испишани необични букви и знаци во вид на стихови. Се се- ќавам дека текстот се состоеше од седум реда од кои шест беа со букви, седум на број, а седмиот со чудни знаци (не паметам колку беа).
Ги запрашав дали сме свесни, дали добро гледаме и дали исто гледаме. Одговорот беше потврден!
Растојанието меѓу редовите беше совршено прецизно и повеќе од тоа. Ќе се обидам да ви ја опишам првата „буква". Замислете латинична мала буква „m" со опавче на третиот крак. Следната што ја запаметив беше кириличната буква „ц", но напишана обратно, како нејзина слика во огледалото. Висината на секоја од буквите беше околу десет сантиметри, ширината, отприлика, исто толку, а дебелината на полните линии на буквите беше околу сантиметар и половина. Се сеќавам на еден знак од седмиот ред, кој наликуваше на крст и уште на еден, што асоцираше на бројот седум. Буквите беа испишани со извонредно остри рабови, небаре со ласерски печатар. Бојата им беше темно црвена, како црно вино.
Прва проговори Весна, приземјувајќи го настанот:
- Некој уметник ти влегол дома, ги нацртал и си заминал..., а можеби е и магија!?
- Јас предлагам да го исчистиме со шампон или сапун - предложи Анита.
Ги послушав и во наредната минута се обидувавме да избришеме барем една буква, но безуспешно. Не само што на белата крпа не остана трага од бојата, туку таа остана сосема чиста.
Проблемот очигледно беше посериозен.
- Што ли уште не ќе привлечеш, што ли уште нема да ти се случи, Марија - констатираше Весна и беше во право.
Анита имаше идеја да испрскаме сѐ со сол и вода; наводно тоа било против магии и уроци.
- Испрскајте - реков помирливо, додека погледот не можев да го тргнам од силниот т.н. енергетски впечаток што го нудеше призорот. Знаев дека текстот носи некаква порака. Знаев дека мене ми е наменета. Ја чувствував, но, на свесно ниво ништо не сфаќав.
Ја подигнавме внимателно кожата до висина на нашите очи, потоа ја превртевме од обратната страна. Видовме дека буквите се проѕираа и одзади.
Поминаа неколку минути откако ја забележавме појавата. Штотуку сакав да го завртам телефонскот број на д-р Стефан и да се консултирам со него, кога Весна ме прекина со ужаснат глас:
- Гледам или ми се присторува? Интензитетот на бојата се намалува... гледаме ли исто?
Занемени од шок, гледавме без да трепнеме. Темноцрвениот отпечаток, формите, буквите, знаците постепено избледуваа, избледуваа... Замислете го ова, исчезнуваа како да се претопија во материјата или можеби обратно, материјата се претопи кон некоја непозната дотогаш за нас димензија!?
Пред нас остана старата обична кожа, без никаква трага или знак дека тука нешто необич но се случило пред малку.
Се обидов повеќе од искрено, без намера за сензационализам, без трошка лага, додавање или одземање да ви го опишам настанот, веројатно како доказ за моќта на силите, во кои што, ако еднаш се нурнеме, нѐ повлекуваат којзнае каде по скалилата надолу, во еден правец, правецот на смртта.
Веќе долго траеше овој лизгав пат со непрочистени емоции, во пустината на духот, во бескрајниот лавиринт на самоспознавањето - без Бога. Предолго уживав во продлабочувањето на самата себе си и во свесноста за моќта што ја поседувам.
Но, за да ѕирнам во новиот свет на креативната имагинација, веројатно беше потребно уште подлабоко да се нурнам до психичките нивоа на свесната перцепција на умот, па и потаму од умот, за што посилна да биде болката при ударот, во (п)адот.
10.
Беше спарна ноќ - природно за крајот на август. Го отворив широко прозорецот, за да ми ја прикаже ноќната бајка, пред заспивањето на денот.
Бев маѓепсана од глетката. Облачињата како здив ги бркаа блескавите ѕвезди наоколу, пома- гајќи му на полниот месец полесно да плови и да го чуе ехото за тајната на нивниот пат. Дали зад нив е местото каде што видливото и невидливото се пресретнуваат? Дали тоа небо не е можеби само илузија, или пак, моето наивно јас, толку болно и безнадежно, се обидува да врши насилство врз Големата Вистина. Дали во тој бесконечен океан од молчалива осаменост не се крие и одговорот на сите тајни?
Зашто, кога би било поинаку:
Кое ни е името без Име,
Кое ни е потеклото без Прапотекло, Кое ни е знаењето без Предзнаење, Која ни е мудроста без Премудроста, Која сум последица без Причина,
Кој јазик говорам без Словото,
Која ли сум творба без Творецот.
Дали таа спарна ноќ го започнав периодот на будење? Не знам, затоа што содомските маки сѐ уште ме следеа, а очите нејасно гледаа.
* * *
Вообичаено, ја испив чашата млеко и се обидов да заспијам. Знаев дека тоа кај мене тешко оди, па, се потсетив како се шегував со пријател- ките што веднаш заспиваат, дека нешто не е во ред во нивните глави.
Се превртував налево - надесно, се обидував да се успокојам, се откривав, па повторно се покривав, но ништо - сонот не доаѓаше. Се обидов и со медитација, но попусто...
Во еден миг станав свесна за себе си, за околината околу мене, но на некој поинаков, непознат начин. Како од далеку, но сепак го слушав чукањето на сказалките на часовникот, сопственото дишење, а сепак, нешто беше поинаку. Состојбата потсетуваше на дремка, која на моменти се продлабочува, а во следниот миг се враќаше на поповршно ниво - скоро до будење.
- Ништо, - си помислив - конечно тонам во полусон, само што не сум заспала.
Повторно бев свесна за бранот што ме туркаше во подлабока дремка - меѓу јавето и сонот – но кога се обидов да се поднаместам, да се завртам на десната страна, види ужас!!! Телото ми беше тешко како железо. Главата, исто така, а очните капаци не можев ниту да ги помрднам. Иако бев во дремка, со свесното размислував: „Јаве ли е ова или сон? Ете, го слушам часовникот, звукот на ладилникот, дури поинтензивно од порано, а сепак, на некој начин сум во дремка и комплетно парализирана. Вистински ли се парализирав... умирам ли? Дај, Марија, свесна си, помогни си ... помрдни го малиот прст од левата рака!" - си сугерирав.
Го фокусирав вниманието кон левата рака и одлучив да го подигнам прстот.
„Не можам, не можам... сепак, мислам дека со силата на умот ќе успеам. Ете, го подигам, но не, не успевам... тој останува парализиран."
Се обидував, но безуспешно. Студен, морничав бран ме доведе до страв и немир. За секунда или две повторно влегов во состојбата, која е подлабоко од алфа, но не знам колку тоа траеше, зашто на тоа не се сеќавам. Свесноста повторно се врати со звуците на часовникот во собата, автомобилите по улицата, но и понатаму остана комплетната парализа на телото. Потоа, доживеав нешто сосема неприродно.
„Јас сум вон, вон себе! Зарем сум вон телото?“ Во следните мигови на чуден начин, со малку изменета свесност, се „движев“ низ сопствениот стан.
Сега барам зборови за да ви опишам како изгледаше тоа движење.
Сигурно на многумина од вас ви се случило да станете од креветот и чувајќи си го сонот, да отидете до масата, да испиете чаша вода, на пример, и брзо, брзо, да се вратите во креветот, за веднаш да го продолжите сонот. Може да се случи следниот ден да не се сеќавате дека сте го направиле тоа.
Се надевам дека донекаде ви го приближив искуството, но сепак, беше поинаку. Се движев без многу да имам свесност и интерес за моето тело или за тоа дали нозете ми се на подот. Не ги
ни чувствував, но многу поизострени беа некои нови внатрешни сетила. Го гледав амбиентот, но не јасно, на некој начин зачадено и не можев да го фокусирам погледот на конкретни предмети, но подоцна сфатив дека, сепак, можам да го направам тоа. Го здогледав часовникот. Беше три и петнаесет... Се најдов во ходникот. Го забележав нотесот со телефонски броеви. Беше паднат пред надворешната врата. Се движев исправено... се движев или лебдев? Се најдов во кујната. Ја фокусирав чашата со млеко, што толку несреќно беше оставена на работ од масичката и во секој миг се очекуваше да падне. Добив мисла да ја поттурнам, да ја поместам повнатре. Но како да немав интерес за тоа или нешто беше свесно дека тоа не можам да го сторам.
На ист начин се вратив до креветот и верував дека си легнувам. Во тој момент се случи нешто што тешко можам да ви го објаснам, ајде да речеме, се случи енергетска синкопа, проследена со нелагодност и премостување во себе си, што ме одведе во подлабок сон. И понатаму бев свесна за себе и околината, но веќе и за сопственото тело кое остана парализирано.
Тоа не беше крајот. Повторно бев надвор. Некоја тенка нитка, толку еластична што се развлекуваше, помагаше да се биде надвор, а подоцна повторно назад во телото.
Да не должам многу, ќе ви дообјаснам само уште во неколку реченици. Последното „излегување“ ме доведе некаде каде што само слушав гласови, но овојпат не визуелизирав. Го чув разговорот меѓу две комшивки, кои живееја на вториот кат. Си се жалеа на постапките и на доцнењето дома на своите деца. Си рекоа „добра ноќ" и го чув затворањето на вратите од нивните станови.
Сакав да излезам од тој кошмар, па повторно си сугерирав: „Ајде, помрдни се, можеш, жива си! Ќе бројам до три... На три ќе станам од креветот..." По многу обиди, конечно ја почувствував телесната циркулација, студеното тело се поврати и скокнав, седнувајќи на креветот. Срцето биеше неверојатно брзо, а телото беше во пот.
Следниот ден се јави доктор Стефан од неговата ординација во Париз и опширно ми објаснуваше за феноменот на астралното патување, за човековото физичко и за она другото „фино", нематеријално - астрално тело. Зборуваше дека тој феномен претставува апсурд за логичкото размислување и се коси со (познатите) физички закони.
Следниот ден, по сопствена иницијатива, Весна ја посети една од комшивките од вториот кат и вешто го извлече признанието за разговорот на двете жени, што јас сум го чула.
Бездруго, знам дека многумина од вас нема да поверуваат на ова искуство, но познавам многу луѓе кои имале искуство со астрална проекција и кои совршено знаат што зборувам. Тогаш и јас и тие бевме горди на ваквите достигања. Верувавме дека сме особени, поинакви, над другите обични смртници.
По оваа бизарна епизода бев сосема скршена, исплашена, без мир, без радост, без желби и очекувања. Имав само потреба од сон, кој што по- сакував да трае долго, но сон без соништа, без визии, без кошмари.
Тоа не се случуваше, зашто сѐ уште не знаев како се доаѓа до мирот. Напротив, безмилосно ме растргнуваа сѐ нови и нови хаотични состојби на умот.
(Продолжува)
* * *
Сите настани и ликови во романов се апсолутно веродостојни.
Сменети се само имињата на некои ликови
Друго:
Мирјана Даниловска- Мина: „ОД УМОТ ДО СРЦЕТО" (1)
Мирјана Даниловска- Мина: „ОД УМОТ ДО СРЦЕТО" (2)
http://preminportal.com.mk/content/view/8920/54/