Неодамна е завршена првата фаза на обработка и објавување дела преку македонскиот интернет портал Проект Растко Македонија (ПР-МК) - дигитална библиотека на културата и традицијата на Македонија. Како долгорочен зафат од областа на електронското издаваштво, овој сајт за година и пол успеа да промовира околу 200 текстови од македонски автори, низ близу 7500 страници пишан материјал.
Според главниот уредник на ПР-МК, филологот Софија Тренчовска, ова е еден од современите начини за создавање слика за развитокот на македонската книжевност, уметност и култура, воопшто.
Демо-фазата потполно беше помогната од белградската агенција Јанус, а првата фаза е поддржана од Министерството за култура. Се планира процесот на дигитализација да продолжи и во следните години. Во овој антологиско-енциклопедиски концепт се опфаќаат автори од различни раздобја и генерации, класифицирани во соодветни области и уметнички дисциплини. Меѓу поголемиот број автори досега, со респективни одломки од своето творештво се опфатени Георги Старделов, Гане Тодоровски, Блаже Конески, Војдан Чернодрински, Живко Чинго, Александар Алексиев, Митко Маџунков, Иван Чаповски, Христо Андонов-Полјански и низа други автори, како и повеќемина помлади поети, раскажувачи, драмски писатели и критичари.
Адресата на сајтот е македонија.растко.нет. Досега на овој културен портал има над 80 000 интернет посетители.