·
Неправедна сум кон моите раскази. Ја објавив „Раскази од минатиот век“, а продолжувам да постирам песни. Еве обид за мала исправка 🙂
„СО ЛЕОНАРДО МЕЃУ ОБЛАЦИТЕ“, извадок
Одеднаш, во една точка во никадето, здогледувам некој голем човек со развеана бела коса и брада. Леонардо?! се поикнувам. Ме поткрева нова сила и му се приближувам. Реткиот воздух ми е веќе толку удрен во главата што не ми ни текнува да се зачудам како е можно да пловиме во исто време и на исто место кога нѐ делат векови. Дали јас несвесно го повикав или едноставно се сретнавме пловејќи независно еден од друг во вселената?
Си се насмевнуваме како стари пријатели, небаре вчера сме се разделиле. Замавнуваме истовремено и почнуваме да си разговараме за летањето, за облаците, за сите бои расфлени по небото и по земјата.
– Каква штета што луѓето веќе не се сеќаваат на сонот за летањето – вели.
Ги следам крадешкум неговите мајсторски извивања на рацете-крилја, благото свртување со главата, внимателното искосување на телото.
– Запамети – ми вели фаќајќи го мојот поглед – дека твојата летачка машина – или ти како летачка машина – мора да личи не на друг ами на лилјакот, зашто со своите составни делови, пајажината им дава заштита и цврстина на крилјата.
– Баш на лилјак? – се муртам. – Не ги сакам многу лилјаците, но добро штом така велиш.
И почнувам да мислам како треба да се однесувам за да личам што повеќе на лилјак.
– Остави ги мислите – ми вели Леонардо. – Тие можат да те повлечат надолу. Само летај.
И така, летаме. Јас, Леонардо и облаците. Летаме ослободени од сите сонови за крилја, за летачки машини, за недосегнати неба и височини. Само летаме. Зашто ништо не е поважно од летањето.
По некое време, тој ми се свртува со своето спокојно лице.
– Луѓето отсекогаш биле опседнати со летањето – ми вели. – Но им недостигала храброст за да се ослободат од она што ги влече удолу, од она што ги држи приковани за земјата.
– Како би го постигнале тоа? – го прашувам чудејќи се на неговото едноставно објаснување. – Зар е потребна само храброст?
– Да можат да го постигнат тоа – си ја продолжува тој мислата, небаре не ме слушнал – ќе можат слободно да залебдеат кон небото.
Ги замислувам луѓето ослободени од тежината на земјата во нозете и во душите, како залебдуваат кон небото, свежо избањати, светнати, спастрени во своите најнови промени како за Велигден или за Божик. Како штотуку надувани новогодишни балони.
– А не да летаат? – го подбуцнувам.
– Летањето не бара само храброст – воздивнува тој. – Ами и будност. Сигурно паметиш што му се случи на Икар.
Izbor od fb Violeta Tancheva-Zlateva