Во првите денови на јануари во излозите на московските книжарници се појави романот на Тања Урошевиќ „Аквамарин“ во превод на руски јазик. Книгата ја објави издавачката куќа „У Никитских ворот“ во чие издание досега се веќе излезени неколку книги на македонски автори.
Преводот на романот е дело на Олга Панкина, реномиран преведувач и афирматор на македонската литература во Русија, и на Марија Проскурнина, познат македонист.
Тања Урошевиќ е автор на два романа, една збирка раскази, како и на голем број преводи од класичната и современата руска литература. Нејзиниот роман „Аквамарин“ имаше две изданија на македонски – во 2004 (во „Магор“) и во 2008 година (во едицијата „Македонска книжевност“) и, во мигот на појавувањето, го сврте врз себе вниманието на не мал број наши книжевни критичари.
„Романот ‘Аквамарин’ привлекува со обраќањето на писателката кон историските настани во ХХ век, осмислено како лично, интимно и субјективно предадено духовно ‘искуство на херојот’“, се вели во предговорот на книгата, потпишан од двете преведувачки. „Романот ‘Аквамарин’, – истакнуваат тие, – дава можност да се сфати нераскинливата културно-историска врска помеѓу македонскиот и рускиот народ која, по прецизниот израз на Весна Мојсова-Чепишевска, ‘колку им е блиска на Македонците, толку им е и малку позната’”.
Романот на Тања Урошевиќ е објавен со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
MAGOR Publishing
+ 389 2 3113 087, + 389 2 3296 577
Correspondence address: Vasil Gjorgov 22/11, 1000 Skopje, R. Macedonia
Official address: Leninova 16/2, 1000 Skopje, R. Macedonia