ВО МАНУ
Раскошни мозаици на академикот Газанфер Бајрам
Во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје од завчеравечер е отворена изложба на мозаици на познат уметник во земјава и светот, академик Газанфер Бајрам. На изложбата насловена Светлинаа, која е пристапна и по повод неговото членство во МАНУ, беа претставени триесетина дела. Присутните можеа да го видат и неговиот автопортрет, како и слики во кои е интервенирано со мозаик. Во неговите мозаици можат да се сретнат различни мотиви, со богат колорит. Во дел од мозаиците инспирацијата е токму нашето поднебје и традицијата, а светлината пак, им дава раскошен приказ со разни акцентирања.
Според промоторот на изложбата академик Богомил Ѓузел, со своето творештво авторот ја продолжува традиција што во монументалното творештво ја востановиле македонските уметници Борко Лазески, Петар Мазев и академик Глигор Чемерски.
Газанфер Бајрам (Скопје, 1943) завршил постдипломски студии на Академијата за ликовна уметност во Белград, на отсекот за монументално сликарство. Специјализирал фрескосликарство и мозаик. Две години работел на Отсекот за мозаик на Академијата за убави уметности во Равена. Негови мозаици се изложени во музеи или се дел од приватни колекции во Македонија, Италија, Турција, Канада, САД, Австралија, Бугарија и во многу градови на поранешна Југославија. Имал голем број самостојни изложби, а учествувал и во групни претставувања.
Изборот да работи мозаици Бајрам го поврзува со нивната конечност, за разлика од сликањето на кое како што вели, уметникот секогаш повторно може да се наврати.
Кога ќе го ставите последното камче во мозаикот сте го завршиле делото", вели Газанфер Бајрам.
Извор: Вечер