Во Даут-пашиниот амам отворена јубилејна изложба на Никола Мартиноски
Среда, 23 Октомври 2013 05:48
Во Даут-пашиниот амам вечерва, во присуство на голем број гости и почитувачи на уметноста, беше отворена голема изложба на основоположникот на македонската современа уметност, Никола Мартиноски ...
На изложбата, која се организира по повод 110 години од раѓањето и 40 години од смртта на големиот мајстор, се презентирани 50 дела во масло на платно, стакло и картон и 20 цртежи, а како дел од оваа изложба, македонската јавност за првпат може да ги види двостраната слика „Акт”, изработена околу 1930 година и „Цвеќе” од 1940 година, дела кои беа успешно конзервирани од Ема Петрова.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во своето обраќање на отворањето на изложбата нагласи дека името на Мартиноски е симбол за непроценливоста на македонската уметност пред светот.
-На младите генерации оваа изложба ќе им овозможи продлабочено сознание за авторскиот придонес на Мартиноски и неговите дела кои се творечка сопственост не само на македонската, туку и на европската култура и уметност - рече Канческа-Милевска. Министерката за култура информираше дека изложбата е една од активностите со кои се одбележува големиот јубилеј на овој автор.
Министерството за култура на Република Македонија оваа година обезбеди поддршка и за реконструкција на Галеријата на Мартиноски во неговото родно Крушево. Исто така, во иднина, како и досега, ќе продолжиме со откупот на неговите вредни дела кои настојуваме да станат дел од фондовите на нашите институции - подвлече Канческа-Милевска. На отворањето на изложбата се обратија и директорката на Националната галерија на Македонија, Халиде Палоши, а за исклучителното значење на Мартиноски во македонската ликовна уметност зборуваше академик Глигор Чемерски.
Извор: Министерство за култура на РМ