Од 24 мај, во две хали на Скопски саем, кои се адаптирани во студија, почна да се снима филмот „Балканот не е мртов“, по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски. Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, во саботата ја посети екипата, посакувајќи и успешен филм. Таа истакна дека се надева оти Македонија ќе добие уште едно филмско остварување што ќе биде гордо прикажувано не само пред домашната публика, туку и пред светската јавност.
„Вложувањата во филмската дејност и натаму остануваат приоритет“, рече Канческа-Милевска, која најави и изградба на филмско студио што значително би ја олеснило работата на домашните и на странските филмски екипи кои во иднина ќе сакаат да снимаат во Македонија.
„Балканот не е мртов“ ја раскажува приказната за љубовта меѓу Кемал Ататурк и Елени Каринте, која е позната во сценска форма. Во режија на Александар Поповски, оваа драма првпат е изведена на театарската сцена во МНТ во 2001 година, а сега ќе биде филмувана во продукција на „Кино око“ од Македонија, во партнерство со продуцентски куќи од Србија, Хрватска и од Словенија.
Вкупниот буџет на филмот „Балканот не е мртов“, како што информираат од Министерството за култура, изнесува 1.250.000 евра, од кои 62 процента се обезбедени од буџетот на Министерството.
Сценариото на филмот е базирано врз драмскиот текст на Дејан Дуковски, кој е сценарист и на филмот заедно со Поповски и со Ана Ласиќ од Србија. Директор на фотографија е Дејан Димески, дизајнер на продукција е Свен Јонке, а автор на музиката е Кирил Џајковски. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Никола Ристановски, Драгана Костадиновска, Наташа Тапушковиќ-Шолак, а во другите играат и Раде Шербеџија, Благој Веселинов, Никола Ацески, Ертан Шабан, Сузан Акбелге и Сашка Димитровска. (Т.И.)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=7766C8636E10B142A3942A788F0DAC6F