Битола, 23 октомври 2010 (МИА) - Со доделувањето на наградите за најдобрите кинематографери, синоќа во Битола заврши 31. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Меѓународното жири предводено од оскаровецот Вилмош Жигмонд, златната „Камера 300“ му ја додели на австрискиот кинематографер Мартин Гшлахт, кој го сними филмот „Жени без мажи“.
- Во филмот постои совршено осветлување и композиција. Кинематограферот користи стари и нови техники на исцртување на атмосферата на минатото и сегашноста во една специфична ситуација на нацијата, кусо образложи претседателот на интернационалното жири Вилмош Жигмонд, додека пак годинешниот лауреат Мартин Гхшлахт посочи дека не очекувал победа во толку тешка конкуренција на извонредни филмови во Битола.
Сребрената „Камера 300“ му припадна на кинематограферот Беноа Деби од Белгија за филмот „Влез во празно“, додека бронзената „Камера 300“ му беше врачена на кинематограферот Џона Бејач од Израел за филмот „Либан“, кој целосно е снимен во внатрешноста на еден тенк. Интернационалното жири едногласно одлучи наградата мала златна „Камера 300“ да му припадне на кинематограферот Тиери Годфро за францускиот краток филм „Почетокот на зимата“.
На сцената во големата сала на НУ Центар за култура-Битола, синоќа на Роџер Прат му беше доделена специјална награда „Златна Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, додека пак амбасадорот на САД во Република Македонија Филип Рикер на Вилмош Жигмонд му врачи посебно признание за културна дипломатија.
Според востановената традиција и годинава на ИФФК „Браќа Манаки“ награди доделија општина Битола на кинематограферот Адам Филенц од Унгарија, додека филмскиот концерн „МОС-Филм“ од Русија го награди кинематограферот Кристофер Бокарне од Франција. За прв пат награда во висина од 10.000 евра додели и продукциското студио „Фокс-Фокус“ од Будимпешта, која му беше врачена на Дание Буке од Холандија.
Годинешниот Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ заврши со проекција на американскиот филм „Ќе сретнеш висок мрачен странец“ во режија на Вуди Ален, кинематографер Вилмош Жигмонд. Директорката на фестивалот во Битола, Лабина Митевска синоќа му порача на Жигмонд дека вратите на Битола и Македонија секогаш му се и ќе му бидат отворени. мт/ев/10:10