Торонто, 14 март (МИА) - Синоќа во Торонто се одржа светска премиера на документарниот филм „Исповеди од срцето" (Confessions from the Heart) oд продуцентот Васил Бил Јанкоф, посветен на македонскиот ликовен уметник Георги Даневски.
Филмот во траење од 60 минути беше прикажан во најгледаниот вечерен термин на мултиетничката телевизија "ОМНИ 1" што се следи на целата територија на 34-милионската Канада, а која ТВ куќа финансиски ја помогна неговата реализација.
Во најавата за премиерата емитувана подолго време на "ОМНИ 1",се вели дека „Исповеди од срцето" го прикажува животот и кариерата на големиот уметник од Торонто Георги Даневски од неговото детство во Македонија до неговиот сегашен статус на „најпознат сликар на мурал во Северна Америка". Исто така е нагласено дека филмот е сниман на македонски јазик.
По повод светската премиера на документарецот „Исповед од срцето" специјална проекција се одржа и во простории на најстарата и најголема Македонска православна црква во Канада Св. Климент Охридски во Торонто на која присуствуваа уметникот Даневски, екипата што учествуваше во реализацијата на филмот, представници од големата македонска заедница во Торонто, како и генералниот конзул на Република Македонија во Торонто Мартин Треневски.
Во беседите пред почетокот на проекцијата беше нагласено дека сликарот Даневски е „современ македонски Микеланџело" којшто на нему оригинален начин ги доловува сцените од Библијата во прекрасен фрескоживопис при тоа често користи македонски фолклорни мотиви и ликови“.
Даневски е автор на фрескоживописите на повеќе цркви во Македонија вклучувајќи ја и Соборната црква Св. Климент Охридски во Скопје, како и на црквите Св. Климент Охридски во Торонто и Св. Димитрија во Маркам. Градското собрание во Маркам веќе ја смета црквата Св. Димитрија заради фрескоживописот на Даневски за еден од најзначајните културни споменици во градот и неа секојдневно ја посетуваат поединци и групи љубители на ликовната уметност.
Документарниот филм „Исповеди од срцето" се снимаше неколку години на локалитети во Македонија и Канада, а во неговата реализација покрај Васил Бил Јанкоф, продуцент, сценарио и резија,учествуваа и уредникот Иан Пиерсон, директор на фотографија Иван Арсовски, продукциски менаџер Даг Филипс, асистент уредник Нестор Кастро, музика Давор Јордановски, камера Стево Ристевски, нарација Џон Стивенс, превод на англиски јазик Драги Стојковски и други.
Англиската верзија на филмот за македонскиот Микеланџело Георги Даневски ќе биде прикажана во текот на април оваа година, а ќе следи и негово прикажување на Македонската национална телевизија. мт/ва/9:28