Скопје, 12 март (МИА) - Пет играни, три краткометражни, четири документарни и два анимирани филма прифати Филмскиот фонд на октомврискиот конкурс за филмска дејност во 2010 година. Резултатите денеска на прес-конференција ги соопшти директорот на Фондот Дарко Башески. Вкупниот буџет на Фондот за филмска продукција во оваа година е 110 милиони денари.
„Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов и „Децата на зимското сонце“ на Антонио Митриќески од Фондот ќе добијат по 30 милиони денари за снимање, што е и максимална сума за режисери веќе етаблирани и наградувани на фестивали. Останатите три играни филма - „Враќање“ на Кастриот Абдили, „Бучно“ на Анета Лешниковска и „Мал бог на љубовта“ на Жељко Сошиќ од Фондот ќе имаат по 12 милиони денари, што е лимит за автор кој снима прв долгометражен филм. Последниот е копродукција со Црна Гора, а главната улога ќе ја игра Никола Ристановски.
За да се приспособи на државниот буџет и трезорското работење, Филмскиот фонд на избраните филмски проекти овој месец со преддоговори ќе им префрли пет отсто од одобрениот буџет за снимање на филмот. За една година и најмногу три месеци продолжен рок авторите треба да ги најдат останатите пари (копродукциски партнери) и да ја затворат финансиската конструкција што ја пријавиле во Фондот. Откако ќе ги обезбедат сите средства, Фондот со нив ќе склучи договори и потоа етапно и според динамиката на снимање ќе им ги дотира останатите 95 отсто од износот што им го одобрил.
- Оние што први ќе го затворат буџетот, први и ќе снимаат, за да не ни се случи она од минатата година - никој не снимаше две години и одеднаш седум филма почнаа во исто време. Ќе влеземе во рамки на трезорскиот систем и оној што ќе го затвори буџетот во тековната година стекнува право за финансирање во наредната година, рече Башески.
Со по 900.000 денари Фондот ќе ги поддржи кратките „Девојчето со кибритчињата“ на Филип Матевски и „Жарче“ на Томислав Алексов, а 600.000 денари ќе добие краткиот „Пари“ од Дарко Белев. Прифатени се и документарните „Сеништа“ на Скендер Рауфи, „Алхемија на звукот“ на Сузана Диневски, „Macedonia mon amour“ на Инго Лангер и „Дисидент“ на Петар Џуновски“, како и два анимирани филма - „Ego Death“ на Иван Ивановски и „Оазата“ - прв долгометражен анимиран филм на Борис Дамовски, кој ќе добие 12 милиони денари.
Трите кратки од оваа година, заедно со десетте кратки од минатата сесија, треба да бидат завршени до 1 ноември зашто тој месец во Скопје ќе дојдат селектори да изберат кратки филмови за Берлинале 2011.
Фондот планира во мај да распише конкурс за малцинска програма, т.е. за поддршка на филмови чии продуценти не се од Македонија, но за кои земјава има интерес поради отворање кон странски фондови. Во септември ќе биде следниот конкурс за македонска филмска продукција и во јануари ќе бидат познати резултатите.
Од минатогодишните проекти во завршна фаза се филмовите на Лабина Митевска и на Милчо Манчевски („Како бебе“) - кој, веројатно, ќе биде прикажан на Канскиот филмски фестивал во мај. Филмскиот фонд ќе се претстави во Кан на заеднички штанд со уште седум земји од Југоисточна Европа. хс/дма/13:51